1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Потребна ми е сопругата за да почнам одново“

Рихард Фукс
1 февруари 2018

Бегалецот Хасан секојдневно ја чека веста дали сопругата ќе добие дозвола од Либан да му се придружи во Германија. Двојката живее разделено повеќе од 30 месеци. Одлуката е во рацете на германските политичари.

Geflüchteter Ghassan in der Berliner Caritaseinrichtung Zum Guten Hirten
Фотографија: DW/R. Fuchs

Собата 206 во прифатниот центар на Каритас „Добриот пастир“ во Берлин во моментов е целиот свет на Хасан. Една маса, столче и два кревета во малата соба од 20 метри квадратни. Овој 37-годишен Сириец, заедно со уште еден бегалец чекаат судбинска одлука. „Германија за мене е шанса за нов почеток во животот“, вели овој маж со големи црни веѓи и срамежлива насмевка. Во јули 2015 тој како и многу други избегал од земјата пеш, преку Балканската рута. Тројца негови браќа исто така успеаја да стигнат во Германија, додека останатиот дел од роднините сега живее во Кувајт. Но, најважниот човек во неговиот живот не е со него, вели Хасан и во моментот срамежливата насмевка се претвора во згрчено загрижен лик.

Комуникција меѓу Германија и Либан само преку Вотсап 

34-годишната сопруга на Хасан живее во бегалски камп во Либан. Тие биле девет години во брак, кога во 2013 година избегале во соседната држава. Две години живееле во бегалски камп кога Хасан во 2015 година решил да тргне кон Европа со цврста желба потоа да ја повлече и сопругата. Оттогаш поминаа 30 месеци, но сѐ уште не се знае дали желбата на Хасан еден ден ќе може да му се оствари. Парот во моментов комуницира само преку интернет апликацијата Вотсап. Тоа технички функционира добро, но емотивно е сѐ потешко откако е јасно дека таа е заглавена во Либан, а тој во Германија. „Ми треба сопругата за да почнам одново“, вели Хасан.

Пред да избега од земјата Хасан работел како механичар кај трговец со автомобили, менувал гуми и ги сервисирал возилата да функционираат беспрекорно и на пустинската клима. Неговата сопруга била медицинска сестра, додека не дала отказ бидејќи морала да се грижи за тешко болната мајка. На прашањето - како ѝ е сега, Хасан одговара со една арапска поговорка. Таа е „како отсечена од стомакот“, што во слободен превод би значело дека во бегалскиот камп е целосно сама и изолирана. Поради страв за нејзиниот живот Хасан не сака да го објави нејзиното име.

Хасан учи германски, но неизвесноста не му дава сонФотографија: DW/R. Fuchs

„Германските политичари не разбираат колку е тешко да се живее без семејството“

Најголемата желба на Хасан е да му се придружи сопругата. Двојката нема деца. Неговото барање е во Министерството за миграција и бегалци во Нирнберг. Хасан не знае дали и кога тоа ќе биде обработено. Неизвесна е судбината на многу сириски воени бегалци коишто во Германија имаат ограничен статус на заштита. Од 2016 година дозволата за повторното обединување на семејството за оваа група на заштитени бегалци беше целосно суспендирана поради стравувањата на политичарите дека тоа би можело да доведе до натамошни, големи бранови на имиграција. Овој вторник, Унијата и СПД во рамките на коалициските преговори се согласија за модел со правила за контингентите и компликуваните случаи.

На ѕидот над креветот на Хасан во Берлин е закачена една стара училишна табла. На неа Хасан со бела креда и лош ракопис ја напишал реченицата на германски: „Иако животот е тежок, живеј го“. 

Додека мнозинството од 58 проценти од Германците во една неодамнешна анкета на институтот Аленсбах се изјаснија против повторно обединување на семејството за луѓето како што е Хасан, хуманитарните организации бараат благосостојбата на семејството да има приоритет. Томас Глајснер е портпарол на Здружението на Каритас на бискупијата во Берлин под чија надлежност се прифатните центри во кои е сместен и Хасан. Канцеларијата на Глајснер е само неколку метри оддалечена од центарот и тој секојдневно се среќава со бегалците. Неговото мото е: „Семејствата се многу важен фактор на интеграција и најголем приоритет мора да биде луѓето да се заедно, дури и ако не останат трајно во Германија.“

Хасан вели дека внимателно ја следи дебатата, додека тажно се насмевнува. На почетокот можел и да не мисли постојано на тоа, бидејќи одел на курс по германски јазик или на заеднички излети со останатите бегалци. Но, во последно време неизвесноста околу судбината на неговата сопруга и вината дека ја оставил, го оставаат без сон. Тој сѐ почесто користи таблетите за спиење. И покрај благодарноста кон германските политичари дека го примиле во земјата, тој вели дека едно нешто не можат да разберат: „Тие не разбираат колку е тешко да се живее без семејство".

Таблата над креветот на Хасан: „Иако животот е тежок, живеј го“Фотографија: DW/R. Fuchs

Има ли смисла поделбата на статус со целосна и ограничена заштита?

Со ист став се и дел од експертите кои во понеделникот зборуваа пред парламентарците во германскиот Бундестаг на темата повторно обединување на семејството за бегалци. Хелмут Деди, директор на Здружението на германски градови, апелираше до политичките лидери да не шпекулираат со брзо враќање на бегалците од сириската граѓанска војна: „Сирија нема брзо да биде слободна земја така што од наша гледна точка подобро е да се зборува за интеграција“. Роланд Банк, претставник на Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР) во Германија, се сомнева дека може да се направи разлика помеѓу стаус со целосна и ограничена заштита: „Без разлика дали е потребна краткорочна или долгорочна заштита - потребата за заштита е секогаш иста.“

Повеќе: 

Миграцијата предизвикува раскол во ЕУ

Доколку Хасан ја следеше оваа дискусија, можеби ќе се охрабреше повторно. Во последно време тој многу размислува да се врати дома сѐ додека не се соочи со едно многу едноставно прашање: „Каде да се врати?“ Негови роден град е Абу Камал, сириски пустински град на границата со Ирак, едно од првите места каде што силите на сирискиот владетел Асад ги задушија демонстрациите во 2011 година. Подоцна, тука владееше терористичката милиција „Исламска држава“ пред сириската армија повторно да ја освои територијата во ноември 2017 година. За Хасан е јасно дека не може да се врати во земјата на Асад.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми