1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Војна во Европа 2.0

Норберт Мапес-Нидик
9 март 2022

Дали историјата на југословенските војни може да претскаже што ќе се случи во Украина? Кои се паралелите, а кои разликите: дали можат да се извлечат поуки?

Bosnien Herzegowina Belagerung von Sarajevo
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Војна во Европа! Страшен крик одекна и пред нешто повеќе од 30 години: на 27 јуни 1991 година тенковите на Југословенската народна армија се движеа кон граничните премини на земјата со Италија и Австрија. Целта беше – спречување на отцепување на тогашната југословенска република Словенија. Дали историјата на југословенските војни дозволува можност да се претскаже иднината на војната во Украина? Кои се паралелите, а кои разликите: Дали можат да се извлечат поуки?

Воени цели: Русија сакаше брзо „обезглавување“ на  Украина и инсталирање марионетски режим. Наместо тоа, руската армија сега води војна во целата земја. И тогаш во Југославија за неколку дена и недели беше променета целта на војната: прво армијата се обиде со сила да ја одржи државата. Кога тоа не успеа, во Хрватска и наскоро потоа во Босна и Херцеговина, почна  војна околу територијално стекнатиот имот на пропаднатата мултиетничка федеративна држава Југославија. На крајот, во 1989/99, „ослободителната армија“ се бореше за независност на Косово. Целите се менуваа, војната остануваше.

Поука: Ако не се постигне целта, тоа ни оддалеку не значи мир. 

Уништената Национална библиотека во Сараево во војнатаФотографија: Imago/J. Eis

Рамковни услови: Ниедна светска сила, па ни Русија, немаше интерес од воено распаѓање на Југославија, напротив: светските сили меѓусебно ги координираа своите - долго време безуспешни – мировни напори. Во Советот за безбедност на ОН се водеше битка за детали, но секогаш се донесуваа заеднички резолуции. Денес пак ОН се парализирани од руското вето. Новата светска сила Кина не се приклучи кон осудата на руската агресија. Москва има атомско оружје и се заканува со него. За разлика од пред 30 години, во опасност е светскиот мир. 

Поука: површни паралели како онаа меѓу Путин и Слободан Милошевиќ, кому навреме требаше да му се застане на патот со воени средства, водат во заблуди. 

Стратегии: Во Босна прво српската, а потоа и хрватската страна се обидоа да создадат „етнички чисти" територии. 

Планови за „етничко чистење“ во  Украина,  земја која има дванаесет пати повеќе жители од Босна, очигледно не постојат, тие не би ни биле изводливи. Руската армија за цел има покорување на целата земја и барем окупација на нејзини големи делови. Станува збор за државата, не за народот.

Поука: Прифаќање бегалци! Никој не смее да стравува дека тие ќе останат засекогаш. 

Опсада: Босанскиот главен град  Сараево беше опколен од април 1992 до септември 1995 година. Целта меѓутоа никогаш не беше негово заземање и протерување на жителите, како во помалите босански градови. Градот всушност служеше како заложник за подоцнежни трампи на територии. За таа цел  Сараево  сепак не мораше целосно да изгладне или да биде отсечено од снабдување со струја и вода; по два месеци целосна опсада, градот беше снабдуван со основни потреби преку воздушен мост, нередовно.

Опколени се и повеќе  украински градови,  некои многу поголеми од Сараево – Мариупол на пример, со отприлика толку жители како и босанската престолнина, а кој е втор по големина во земјата. За разлика од Сараево, на украинските градови им се заканува освојување. Тоа значи дека ситуацијата таму ќе биде многу полоша,  за да се изнуди предавање.

Поука: Поважно од сѐ друго се коридори за снабдување. 

Уништување во регионот Житомир во УкраинаФотографија: State Emergency Service of Ukraine/REUTERS

Евакуирање: Ситуацијата ќе стане неиздржлива, недостигаат веќе сега лекови во Мариупол и Харков. Кога нема струја и вода, ќе нема ни храна, сѐ погласни се повиците за  коридори за евакуација.  Хуманитарните организации можат да помогнат. Но: „При евакуацијата не се чувствуваме баш пријатно, зашто на тој начин де факто се интеревенира во воените случувања“, вели Хансјерг Штромајер, директор за стратегии во Службата на ОН за коороднација на хуманитарни активности. 

Доколку цивилното население го напушти некој град, агресорската армија може лесно да го освои. „Имаме јасно мислење. Вршиме евакуација само ако двете страни, но и луѓето тоа го сакаат. Тогаш ги поддржуваме“, вели Штромајер. Тоа што од евакуацијата на Мариупол на брегот на Црно Море на викендот не бидна ништо, не треба да чуди. 

Според украински наводи, градот треба да го напуштат 200.000 до 400.000 жители. „Тоа е голема бројка, логистички исклучително комплицирано“, истакнува Штромајер. Ако се сака евакуација на сите луѓе наеднаш, „би било потребно долго, можеби двонеделно примирје“. Оттаму, би се направил обид за етапно евакуирање. „Но тоа мора да биде договорено до најситни детали. Колку долго може да се движи еден конвој од Мариупол? И каде ќе одат луѓето? За тоа треба време, но и доверба.“ 

Поука: Без оглед на енормниот број на бегалци, мнозинството луѓе ќе остане во земјата.

Осамениот бегалец

01:27

This browser does not support the video element.

Заштита на цивилното население: по месеци војна прво во Хрватска, потоа во Босна, ОН стационираа сини шлемови во земјата. Тие ја поддржуваа инфраструктурата, се грижеа за отворени патишта, ја надгледуваа воената ситуација и може да предупредуваат. Но, не можеа да го заштитат цивилното население од артилериски оган и протерување. Во  Украина  е тешко замисливо присуство на сини шлемови. Но, од хуманитарен аспект, според Штромајер, тоа не е неповолно.

Без мировни единици, кои лесно можат да станат предмет на тактички манипулации на конфликтните страни, хуманитарните организации можат да дејствуваат поверодостојно неутрално. „Дел од хуманитарната активност е размена на детални информаици со вклучените војски. Кога се најавува некој конвој, постои точно дефиниран временски рок, кој можеби може да биде одложен, но мора да се почитува“, вели Штромајер. Работата се олеснува преку тоа што во Украина една против друга стојат две професионални армии, а не платенички банди, како што често се случува во Африка или пак во Сирија.  

Поука: Поважно од воен притисок врз  Русија  е морален притисок.

Политиката и светската јавност: Во Босна, Советот за безбедност на ОН нареди зона на забрана на летови – што сега го бара и украинската влада. Причината не е што воздушните напади би играле голема улога во војната. Зони на забранети летови традиционално се влез во воена интервенција.

Со нив не се забранети само летови, туку и гранатирање од копно во воздушниот простор, што пак за возврат повлекува бомбардирање од воздух врз цели на земјата.

Во југословенските војни во 1990-те години меѓутоа поефикасни од фактичките интервенции беа дебатите околу нив. Секоја закана со воено интервенирање против агресорот, за страната на одбраната беше поттик за ескалација на војната и со тоа правење на ваква интервенција поверојатна.

Поука: Оној кој сака да спречи светска катастрофа, треба да поседува и храброст за фрустрирање на нападната страна.

 

Норберт Мапес-Нидик Норберт Мапес-Нидик, 1953, е германски новинар и автор на повеќе книги за Балканот.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми