1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

170311 Atomdebatte Merkel

17 март 2011

Нуклеарната катастрофа во Јапонија ја подели германската политичка јавност во поглед на иднината на атомските постројки во земјата.

Deutschland Japan Bundestag Atomkraft Angela Merkel und Guido Westerwelle
Канцеларката Меркел и вице-канцеларот Вестервеле за време на дебатата во парламентотФотографија: dapd

Канцеларката Ангела Меркел во владината изјава пред пратениците во Берлин прво ги пофали јапонските спасувачки екипи, кои ги ризикуваат животите во борбата со нуклеарната стихија. Во оваа катастрофа од апокалиптички размери јапонскиот народ не е осамен, порача канцеларката:

„Нашето најдлабоко сочувство, мисли и молитиви им се упатени на луѓето во Јапонија.“

Што со домашните нуклеарки?

Што се однесува до консеквенциите што Германија треба да ги извлече од нуклеарната катастрофа во Јапонија, мислењата изразени во парламентарната дебата драматично се разликуваа. Додека пратениците од владеачките партии ја бранеа одлуката на владата во Берлин за тримесечен мораториум во работењето на седумте најстари атомски постројки за да се проверат безбедносните стандарди во нив, опозицијата бараше потполно откажување од продолжувањето на работниот век на германските нуклеарки. Така, шефот на собраниската група на опозициската Партија на Зелените, Јирген Тритин, порача:

Шефот на собраниската група на Зелените, Јирген ТритинФотографија: dapd

„Денес во оваа земја постои консензус во јавноста за откажување од атомската енергија и тоа набрзо!“

Спрега на интереси

Зигмар Габриел, претседателот на најголемата опозициска партија, социјалдемократите, ја обвини канцеларката Меркел дека е премногу попустлива кон интересите на големите концерни во земјата, кои раководат со нуклеарните централи.

Претседателот на опозициската СПД, Зигмар ГабриелФотографија: dapd

„Често спомнуваниот ’преостанат ризик’, кон кој со потценување се однесуваа атомските концерни и заговорниците на користењето на атомската енергија од редовите на научниците, медиумите и одделните политички партии во земјава, сега доведе до сосема реална катастрофа за милиони луѓе во Јапонија.“

Взаемни обвинувања

Канцеларката Меркел и Габриел, кои инаку и двајцата биле министри за екологија во минатото, меѓусебно се обвинуваа дека ги намалувале безбедносните стандарди за атомските постројки. Меркел, исто така, потсети дека во Германија веќе постои согласност меѓу партите дека во идинина нема да се градат нови нуклеарки. Но, веќе постојните, според неа, треба да се искористат како еден вид премостување до времето кога земјата ќе може потполно да се потпре врз енергија од обновливи извори. Преминот кон такви извори, пак, според Меркел ќе биде забрзан и тоа преку конкретни мерки, како што се државните субвенции за користењето на енергијата на ветерот пред морскиот брег на Германија, или пак забрзаното градење на подводните далеководи, кои таквата еколошки чиста енергија ќе ја пренесуваат до крајните потрошувачи на копно.

Автор: Бернд Греслер / Горан Чутаноски

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми