Пофалби од Хилари Клинтон за Ангела Меркел
6 јули 2014
Поранешниот американски државен секретар Хилари Клинтон во текот на денешната (6.07) посета на Берлин ја нарече германската канцеларка Ангела Меркел „најголемиот европски лидер“, додавајќи дека „крајно време е и Америка да добие женски лидер“, не потврдувајќи дали самата ќе се кандидира за оваа функција.
Во интервју за весникот „Билд ам Зонтаг“, Клинтон изјави дека за тоа дали ќе се кандидира на претседателските избори во САД во 2016 година ќе одлучи кон крајот на оваа или на почетокот на следната година.
Промовирајќи ја својата книга „Тешки избори“ во берлинскиот „Шилер театар“, Клинтон се пошегува за сличниот вкус во облекувањето меѓу нејзе и Меркел, затоа што двете носеле комплети со пантолони.
Таа истакна дека Меркел и глобално е голем лидер, потенцирајќи ја нејзината водечка улога во решавањето на должничката криза во еврозоната.
„Таа ја носеше Европа на својот грб, а тоа не беше лесно“, рече Клинтон.