1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Похуманиот пат за Полска

Бартош Дудек
7 октомври 2016

Во Полска е отфрлена апсолутната забрана на абортусот, но претстои заострување на законот за прекин на бременост.

Polen - Massendemonstration gegen das neue Abtreibungsgesetz
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/M. Luczniewski

Абортусот не ѝ причинува задоволство на ниедна жена, сосем спротивно - често е во прашање лична драма, одмерување при кое буквално станува збор за живот или смрт. Дополнително зголемување на ова бреме со уште затворска казна до пет години, би било нечовечко. Толку нечовечко, што крајно дури и за конзервативните полски бискупи беше премногу. Наводно, драстичниот законски предлог на ултраконзервативните заштитници на животот бил отфрлен и со дозвола на бискупите. Барем засега. 

Поинакво заострување

Зашто, раководството на полската владејачка национал-конзервативна партија Право и правда сега најави свој сопствен законски предлог. Неговата срж треба да биде забрана на досега дозволениот абортус на болни, односно фетуси со телесни недостатоци. Од околу 1000 легално извршени прекини на бременост годишно во Полска, на вакви случаи отпаѓаат 95 проценти. Двата останати дозволени исклучоци, загрозеност на животот на мајката и бременост како последица на силување, треба да останат и натаму. 

Сѐ уште е нејасно кога овој законски предлог ќе биде доставен до Сејмот. Но, не е никаква тајна дека фактичкиот властодржец во Полска, лидерот на партијата Право и правда, Јарослав Качински, не е силен поборник на заострувањето на законот за абортус. Тој како умен стратег, многу добро знае дека не може да поентира со ваква тема, која масивно ги поларизира првенствено жените и тоа без оглед на партиската припадност.

Бартош Дудек

За да ги смири духовите, премиерката Беата Шидло најави „благи“ мерки. Така, мајките на инвалидизирани деца во иднина ќе добиваат великодушна државна помош. Тоа е разумна идеја, која можеби има поголеми шанси за успех и е повеќе во духот на намерата на заштитниците на животот, отколку заканата со драконски казни. Зашто, сосем е јасно - санкциите и забраните не го решаваат проблемот! Не е никаква тајна дека десетици илјади полски жени годишно вршат илегален прекин на бременоста. Поимотните тоа го прават во клиниките во Германија, Холандија и Словачка. Посиромашните се подложуваат на абортуси во често неадекватни медицински услови во самата земја. Точните бројки, исто како и последиците по здравјето на жените, не ги знае никој.

Дали црковните правила треба да станат државни закони?

Во воздухот виси и уште едно друго клучно прашање: смее ли државата да ги спроведува моралните норми на една верска заедница во форма на законски санкции и со тоа да ги принудува и да им ги диктира на сите останати граѓани? Малата евангелистичко-лутеранска црква во Полска на пример се залага за слободно донесување на одлуката од страна на жените, а не за забрани и кривични казни. Зашто, токму мајките се оние кои преземаат најголема одговорност за новиот живот. Да бидат поддржани, наместо подложени на казни, е поефикасно и истовремено похумано. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми