Почина легендарната судијка на Врховниот суд на САД
СН/агенции
19 септември 2020
Таа беше икона на левичарска Америка: Рут Бејдер Гинсбург водеше кампања за правата на жените цел живот. Сега популарниот судија на Врховниот суд на САД почина од рак на 87-годишна возраст.
Реклама
Судијката во американскиот Врховен суд и голем борец за правата на жените Рут Бејдер Гинсбург почина на 87 години, што му пружа можност на претседателот на САД, Доналд Трамп, да именува трет судија во оваа институција пред претседателските избори.
Претседателската кампања веќе предизвика најжестоки поделби во земјата, а вчерашната вест за смртта на Гинсбург додаде нова тежина на изборите и е уште една причина за голема „битка“ меѓу демократите и републиканците околу изборот за нов судија кој ќе одлучува за пристапот кон абортусот и еколошките прописи.
Смртта на Рут Бејдер Гинсбург би можела да ја промени идеолошката рамнотежа на судот во кој во моментов седат пет конзервативни и четири либерални судии. Со месеци главен фокус во кампањата беше постапувањето на претседателот Трамп со коронавирусот, најголемата здравствена криза која сериозно ги загрози неговите изгледи за реизбор.
Демократите и републиканците на големо се обединија доцна синоќа фалејќи ја Гинсбург како водечки правен мислител и поборник за правата на жените.Соочени со изгледите да ги загубат и Белата куќа и Сенатот, некои републиканци празното место во Врховниот суд го сметаа за еден од ретките начини Трамп да привлече симпатизери надвор од своето лојално јадро симпатизери, особено жени.
Трамп по повод смртта на Гинсберг, рече оти Америка загубила „титан на правни науки и личност со брилијатен ум“. „Нејзините мислења и одлуки кои се однесуваа на правата на жените се инспирација за сите Американци и за генерации правници“, оцени тој.
Лидерот на мнозинството во Сенатот, Мич Меконели, изјави дека Сенатот ќе гласа за кандидатот на Трамп да ја замени Гинсбург, иако е ова изборна година. Додека пак, Џо Бајден изјави дека новиот судија во Врховниот суд би требало да го избере победникот на ноемвриските избори.
Кандидатите за Врховен суд ги именува претседателот на САД, а потоа мораат да бидат потврдени во Сенатот во кој во моментов мнозинство се републиканците на Трамп.
Овластувањата на најмоќниот државник во светот
Шефот на Белата куќа има најголема моќ во светската политика – барем така се верува. Но, дали е навистина така? Овластувањата на претседателот на САД се ограничени. И други актери играат важна улога.
Фотографија: Klaus Aßmann
Така вели Уставот...
Претседателскиот мандат во САД трае четири години, а претседателот може да биде реизбран само еднаш. Тој е шеф на државата и шеф на владата, односно управува со извршната власт. Задача на претседателот е да ги спроведува законите изгласани од Конгресот. Претседателот како највисок дипломат може да прима странски амбасадори и на тој начин да признава држави.
Фотографија: Klaus Aßmann
Кој кого контролира?
Трите власти - законодавната, извршната и судската - се поделени и се контролираат меѓусебно. Претседателот има право да помилува осуденици и да ги назначува федералните судии, министрите во кабинетите и амбасадорите на САД - но само со согласност на Сенатот. Ова е еден од механизмите со кои законодавната власт ги контролира активностите на извршната власт.
Фотографија: Klaus Aßmann
„State of the Union“
Американскиот претседател е должен редовно да го информира Конгресот за состојбата на државата. Тоа го прави ова во годишниот „говор за состојбата на нацијата“ („State of the Union“). Претседателот нема право да предлага закони на Конгресот, но за време на говорот може да наведе своите теми и приоритети. Со тоа тој може јавно да врши притисок врз Конгресот. Но, ништо повеќе од тоа.
Фотографија: Klaus Aßmann
Претседателско вето
Претседателот може да одбие да потпише закон донесен од Конгресот и тоа всушност неговото право на вето. Конгресот може да го отфрли претседателското вето само доколку обезбеди двотретинско мнозинство во двата дома на парламентот. Во историјата на САД се познати 1.500 случаи на претседателски вета. Од нив, само 111 (7%), биле успешно надгласани.
Фотографија: Klaus Aßmann
Сива зона
Уставот на САД и одлуките на Врховниот суд не даваат јасна слика за тоа колкава моќ има претседателот. Всушност, претседателот има право на уште еден вид вето, познато како "џебно вето". Под одредени услови, претседателот може одреден закон да со „стави во торба“ и со тоа тој станува неважечки. Овој тип на вето не може да биде надгласано во Конгресот. Овој трик бил користен скоро 1.000 пати.
Фотографија: Klaus Aßmann
Наредби со сила на закон
Претседателот на САД на членовите на владата може да им наметне одреден начин на однесување. Тој издава препораки, т.н „извршни наредби“ (Executive Orders), имаат сила на закон. Сепак, тоа не значи дека на претседателот сè му е дозволено: судовите можат да ги поништат наредбите, Конгресот - да ги сопре со соодветни контра закони, а следниот претседател може да ги укине.
Фотографија: Klaus Aßmann
Конгрес...
Претседателот има право да склучува договори со странски влади, кои потоа треба да бидат одобрени со мнозинство во Сенатот. Ова може да се избегне, ако наместо договор претседателот склучи еден вид меѓувладин договор т.е. „извршен договор“ (Executive Agreement). Ваквите договори се валидни се додека Конгресот не ги оспори или не ги укине со закон.
Фотографија: Klaus Aßmann
Кој може да објави војна?
Претседателот е врховен командант на вооружените сили на САД, но војна може да објавува само Конгресот. Сепак не е многу јасно колку војска смее да испраќа претседателот во вооружените конфликти без одобрение на Конгресот. По војната во Виетнам, Конгресот го усвои следново правило: претседателот може да ги користи надлежностите се додека Конгресот не ги оспори.
Фотографија: Klaus Aßmann
Ултимативна контрола
Ако претседателот ги надмине или злоупотреби овластувањата или изврши кривично дело, Претставничкиот дом, против него може да отпочне процедура за отстранување од должноста. Досега имало два такви обиди, но и двата завршиле несупешно. Сепак, постои многу ефикасен инструмент за да се сопре претседателското самоволие: тоа намалувањето на буџетот – што е во надлежност на Конгресот.