Почина Умберто Еко
20 февруари 2016Еден од најпознатите италијански писатели, Умберто Еко почина во петокот (19.2.) доцна вечерта. Како што објави италијанскиот весник Ла Рeпублика повикувајќи се на неговото семејство, писателот почина во својата 84 година по долга и тешка болест.
Иако во светската јавност пред сѐ е познат како писател, во Италија важеше и за одличен познавач на Средниот век и лингвист. Исто така беше и политички активен, а особено беа жестоки неговите критики за поранешниот премиер Силвио Берлускони.
Иако и пред тоа објави повеќе стручни дела, вистинската слава ја стекна со романот „Името на розата“ (1980.) според кој е снимен филм со Шон Конери во главната улога. Следеа и други дела кои беа преведени во многу земји во светот („Нишалото на Фуко“, „Островот на претходниот ден“, „Баудолино“, „Таинствениот пламен на кралицата Лоана", „Прашки гробишта“ и последниот роман, „Нулта година“- „Year zero“ во 2015. година)
Еко е роден 1932. година како син на книговодител во мало место во покраината Пиемонт, во Алесандрија. Студирал во Торино, прво право по желба на татко му, а потоа преоѓа на студии по филозофија и историја на книжевност- докторирал на тема Томо Аквински. Потоа работел и на италијанската државна телевизија, а иако медиумски останал присутен се’ повеќе се занимавал со наука и во 1971. година станал професор по семиотика на унивезитетот во Болоња.
Умберто Еко уште на почетокот на 60-тите години се оженил со германската историчарка на уметност Ренате Рамге со која има две деца. Се’ до крајот на животот живееле во Милано и сакал да се фали дека во неговата домашна библиотека има околу 50.000 книги.