Почина таткото на компјутерското „глувче“
4 јули 2013Даглас Енгелбарт, кој го пронајде компјутерскиот „глушец“, првиот сервис за размена на електронска пошта и кој работел на развивањето на првите верзии на интернет мрежите, почина вчера (03.07) на возраст од 88 години во сојузната американска држава Калифорнија. За веста за смртта на овој надарен изумител, агенцијата се повикува на писмото на неговата ќерка до претставникот на калифорнискиот Музеј за компјутерска историја, чиј соработник последните години од животот бил Енгелбарт.
Најпознатиот изум на Даглас Енгелбарт е компјутерскиот „глушец“, уредот кој ги претвора механичките движења на корисникот во електронски сигнали за контрола на компјутерот. Енгелбарт го патентираше овој изум во 1970 година, но него го развивал во доцните 1960-тите.
Со идејата за управување на персонален компјутер преку механички движења во споменатиот период бил далеку пред своето време. Комерцијалната употреба на „глувчето“ започна дури во 1984 година, кога компанијата Епл изработи „глувче“ како еден од клучните елементи за својот нов компјутер Макинтош. Вкупно во светот од средината на 1980-тите години досега се продадени милијарди уреди, но Енгелбарт не успеа да се збогати врз основа на авторските права, бидејќи во 1987 година истече рокот до кога тој ги поседуваше ексклузивните авторски права.
Енгелбарт, исто така, има значителен придонес и за развојот на други компјутерски и интернет технологии. Така, неговата лабораторија учествуваше во развивањето на мрежата на американската влада АРПАНет, којашто стана предвесник на модерниот интернет.