1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаЈапонија

Јапонскиот екс премиер Шинзо Абе почина по атентатот

ЖА / агенции
8 јули 2022

Врз поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе беше пукано додека држел говор на предизборен собир. Во болницата каде бил пренесен, тој им подлегнал на повредите. Осомничениот атентатор е уапсен

Japan | Attentat auf Shinzo Abe
Фотографија: Kazuhiko Hirano/Yomiuri Shimbun/AP Photo/picture alliance

Медиумите јавија дека јапонскиот политичар бил застрелан од зад грб во момент додека држел говор на предизборен митинг во регионот Нара.

Новинската агенција Џији, повикувајќи се на кругови од либералнодемократската партија ЛДП на Абе, јавува дека  по истрелите тој паднал  и обилно крварел од прострелна рана на вратот. 67-годишниот политичар бил итно пренесен во болница,каде подлегнал на повредите.

Новинската агенција Кјодо цитира една жена очевидец: „Тој држеше говор и еден човек дојде од зад него и испука најмалку два куршуми. По вториот куршум, обезбедувањето го опкружи Абе и презеде мерки за реанимација“.

Смртоносен напад врз Шинзо Абе среде бел денФотографија: Kyodo/AP Photo/picture alliance

Портпарол на јапонската влада соопшти дека е уапсен осомничениот напаѓач, ТВ НХК јави дека кај него било пронајдено огнено оружје. Локалните медиуми јавуваат дека осомничениот убиец е идентфикуван како Тецуја Јамагами, 41-годишен поранешен војник на морнарицата. По апсењето, на полицијата ѝ изјавил дека пукал во Абе со намера да го убие.

Осомничениот атентатор е приведен на местото на нападотФотографија: Kazuhiko Hirano/Yomiuri Shimbun/AP Photo/picture alliance

Абе поднесе оставка од премиерската функција во 2020. година, но и натаму претставува важна фигура во владејачката Либерално демократска партија. На чело на јапонската влада беше од 2006. до 2007.и потоа од 2012. до 2020. година, со што е јапонски премиер со најдолг стаж.

Почина поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе

01:29

This browser does not support the video element.

Под негово водство, Јапонија сврте забележително кон десно, а Абе се смета за еден од најрешителните поборници на ревизија на пацифистичкиот повоен устав, според кој Јапонија за сите времиња се откажува од војна како суверено право на нацијата и од закана или вршење насилство како средство за решавање на меѓународните спорови.

В недела во Јапонија се одржуваат избори за Горниот дом на парламентот, на кои се очекува ЛДП да однесе јасна победа, со што ќе се забрза дебатата околу уставна промена.

Јапонскиот премиер Фумио Кишида ја прекинал изборната кампања во северниот дел од земјата и се вратил во Токио, каде веднаш е формиран кризен штаб. Во Јапонија важат едни од најстрогите закони во светот во поглед на поседување оружје и земјата се смета за една од најбезбедните во светот.

Атентатот врз Абе предизвика општа згрозеност во светот. Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок на Твитер напиша дека е шокирана од веста за атентат врз Абе. Американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен изрази најдлабока загриженост, францускиот претседател Емануел Макрон го осуди делото како подмолен напад, додека Русија го оцени за акт на тероризам.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми