1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почна досега најголемиот судски процес за пучот во Турција

СН /дпа,афп,ртр
27 декември 2016

Речиси 30 поранешни турски полицајци од денеска се на судење во Истанбул поради наводна вмешаност во пропаднатиот државен удар во Турција во јули годинава.

Türkei Gefängnis Silivri
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Guzel

Пред судот во Истанбул започна постапката против 29 поранешни полициски службеници, обвинети за вмешаност во неуспешниот воен удар во јули годинава, што е прво поголемо судење заобидот на соборување од власт на претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Обвинетите се теретат дека им помагале на пучистите така што не ја извршувале својата должност.

Обвинителството побара за 21 обвинети да се изрече казна доживотен затвор за „обид на изведување воен удар“, а за останатите 8 бара максимална казна од 15 години затвор за припадност на терористичка организација.

Група офицери од турската војска се обидоа во ноќта помеѓу 15. и 16. јули годинава со тенкови, хеликоптери и борбени авиони да го нападнат парламентот и седиштето на владата и да го соборат од власт претседателот Реџеп Таип Ердоган. Процесот во Истанбул е досега најголемата судска постапка поврзана со обидуот за пуч. Помали процеси досега имаше во други турски градови.

Фотографија: Getty Images/AFP/O. Kose

Турските власти за организирањето на воениот удар го обвинуваат имамот Фетула Ѓулен кој од 1999. година живее во егзил во САД.

Анката по обидот за пуч со сета жестина постапува против приврзениците на движењето на Ѓулен и другите наводни противници на власта. Досега се уапсени околу 41.000 лица, меѓу нив бројни полицајци, војници и други државни службеници, осомничени за поддршка на движењето на Ѓулен. Десетици илјади пак се отпуштени од државните служби.

„Би одбил Ердоган да го послужи со чај“

А бранот на апсења продолжува. Најмалку 1600 лица беа уапсени во текот на минатата недела под сомневање за поддршка на тероризам. Во меѓувреме некои апсења добиваат чудни форми.

Такво е и она на шефот на кантината на турскиот опозициски весник „Џумхуриет“ кој е приведен под обвинение за „навреда на шефот на државата“, по изјавата дека би одбил да го послужи со чај турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Шенол Буран е приведен ноќеска, наведува „Џумхуриет“, кој е остар критичар на Ердоган. Директорот, главниот уредник и неколку новинари на „Џумхуриет“ се веќе уапсени минатиот месец.

Буран е обвинет дека изговорил навредливи зборови за турскиот претседател со тоа што рекол оти би одбил да го послужи со чај кога би дошол во просториите на весникот. Него го поткажал еден полицаец кој го обезбедувал седиштето на „Џумхуриет“ во Истамбул, наведува весникот. 

Фотографија: picture-alliance/dpa

На испитувањето Буран негирал дека го навредил претседателот но признал оти рекол дека не би го послужил со чај, наведува турскиот весник. Бројот на процеси за навреди на Ердоган се зголеми одкако тој е избран за шеф на државата во август 2014. година, што според неговите критичари е знак за негово авторитарно однесување. Речиси 2.000 судски процеси се започнати во Турција против уметници, новинари како и обични граѓани, на кои им се закануваат 4 години затвор.

„Џумхуриет“, еден од последните опозициски весници во Турција, стана главен непријател на Ердоган одкако во минатата година објави резултати од истрага според кои турските тајни служби испорачувале оружје на исламистичките бунтовници во Сирија.

Дневниот весник беше тешко погоден  откако повеќе негови вработени  беа уапсени и обвинети под сомнение за терористички активности поврзани со курдската побуна и пучистите од јули.

     

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми