1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почна постапката во Хаг за меѓусебната тужба за геноцид на Хрватска и Србија

Ненад Крајзер/ Симе Недевски3 март 2014

Во Меѓународниот суд на правдата денеска (03.03.) започна сослушувањето за случајот на меѓусебните тужби на Хрватска и Србија поради геноцид. Правниците во двете земји се скептични околу можниот успех на тужбите.

Фотографија: imago/F. Berger

Патот до првото сослушување пред Меѓународниот суд на правдата (ИЦЈ) во Хаг во случајот за меѓусебните тужби на Хрватска и Србија за сторен геноцид беше долг. Уште во 1999. година Хрватска пред највисоката правна инстанца поднесе тужба, против тогашна СР Југославија. Во меѓувреме и правната наследничка на СР Југославија, Република Србија, во 2010. поднесе противтужба во која Хрватска истотака се обвинува за кршење на конвенцијата за спречување геноцид.

Србија треба да се квалификува како агресор

Како што објасни за време на поднесувањето на тужбата тогашната министерка за правосудство на Република Хрватска Весна Шкаре-Ожболт, целта на поднесувањето на тужбата, меѓу останатото, е дека Хрватска се дефинира како жртва на случувањата кои меѓу 1991. и 1995. година се одвиваа на нејзина територија и во текот на кои загинаа над 10.000 нејзини граѓани, а илјадници се сметаат за исчезнати. Хрватска сака за тоа да се обвини Србија.
Истото тоа го сака и спротивната страна обвинувајќи ја Хрватска за убивање на над 6.000 хрватски граѓани од српска националност и протерување на повеќе од 200.000 граѓани кои денес претежно живеат во Србија. Со осудата на Србија за геноцид во Хрватска, Србија, како што наведува хрватската страна, би била присилена на исполнување неколку услови, а тоа се да се казнат сите виновници за воени злосторства, да се открие судбината на исчезнатите хрватски државјани, да се врати украдената културна сопственост и да се исплати воена отштета.

Тоа воедно беа и точките кои актуелната хрватска влада од почетокот на својот мандат ги постави како услов за евентуално повлекување на тужбата. Условите, како што тоа во неколку наврати последниве недели ги споменуваат хрватските претставници, не се исполнети така што е невозможно повлекување на тужбата. Српската страна во неколку наврати изразуваше подготвеност да ја повлече својата тужба, под услов тоа истовремено да го стори и Хрватска. До повлекување на тужбите не дојде и сега двете страни, прво хрватската, а потоа и српската, до почетокот на април, колку што е предвидено за усмената расправа, имаат време да ги изложат своите аргументи. Двете страни, барем што се однесува до настапите во медиумите, во потполност се уверени дека нивните тужби ќе бидат прифатени. Меѓутоа, независните правни стручњаци имаат сосем поинакво мислење.

Фотографија: DW

Правниците скептични околу успехот

„Мислам дека овие сослушувања нема многу да сменат. Ако земеме во предвид оти е одбиена одлуката во една слична постапка, која Босна и Херцеговина исто така го водеше против Србија пред истиот суд во 2007. година, може да се очекува дека тоа ќе се случи и сега“, изјави за ДВ угледниот адвокат од Загреб Велјко Милијевиќ.

И неговиот белградски колега и поранешен министер за внатрешни работи на Србија, Божо Прелевиќ слично ја прогнозира одлуката на судот во Хаг. „Според мое мислење, во Хрватска и двете страни сториле етничко чистење, но во правен смисол геноцид не е сторен. Тој правен поим јасно е дефиниран и поради тоа сметам дека ни хрватската, ни српската страна нема да имаат успех со своите тужби“, вели Прелевиќ во разговорот за ДВ.

Весна Тершелиќ од невладината организација „Документа“ на расправата во Хаг гледа од една поинаква перспектива. „Со повторно актуализирање на воените злосторства во медиумите, кои сигурно ќе ја следат оваа расправа, би можело повторно да се разбуди интересирањето за нерешените проблеми врзани со процесирање на воените злосторства и решавање на прашањата за исчезнатите“, вели Тершелиќ. Таа сепак заклучува дека Меѓународниот суд на правдата во Хаг не е најдобро место за расправа за процесуирање на злосторствата и решавање на проблемот за жртвите. „Тоа требаше веќе досега да се стори на некое друго ниво“, вели директорката на „Документа.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми