Пилотите и летечкиот персонал на авиокомпанијата Рајанер во Германија штрајкуваат. Патниците мора да сметаат со откажување летови и доцнења. Ирската авиокомпанија е лута.
Реклама
Пилотите и летечкиот персонал во ирската авиокомпанија Рајанер кои се вработени во Германија разно изутринава почнаа со 24-часовен штрајк. На прекин на работата повикаа здружението на пилоти Кокпит и синдикатот Верди. Штрајкот треба да заврши утре во три часот изутрина по средноевропско време.
Рајанер откажа 140 од 400 планирани летови кон и од Германија и, според сопствени наводи, ги извести патниците за тоа. Останатите летови, како што тврди менаџерот на Рајанер, Питер Белу, ќе бидат реализирани. Авиокомпанијата соопшти дека патниците чии летови се откажани можат да променат резервација или ќе ги добијат назад парите за билетот. Рајанер меѓутоа одбива да им плати обесштетување на патниците.
Синдикатите бараат подобри услови за работа и повисоки плати. За таа цел првпат би требало да се склучат тарифни договори. Здружението Кокпит критикува дека Рајанер, и покрај штрајкот во август, сѐ уште не дала „подобра понуда“ во преговорите.
За синдикатот Верди ова е прв штрајк во Рајанер. „Како ќе оди натаму зависи од преговорите“, изјави членот на раководството на синдикатот, Кристине Беле. Мислењата на Верди и Кокпит не се секогаш на иста линија, но, како што се вели, се прават обиди за усогласување.
Актуелните плати на летечкиот персонал во Рајанер, според Верди, се „толку ниски, што не се доволни за живот“. Кон тоа треба да се додадат и „лоши услови за работа и голем притисок врз вработените“.
Закани од Даблин
Ирската авиокомпанија реагира налутено на штрајкот, за кој, како што тврди, „нема оправдување“. Се вели дека во фирмата-ќерка на Луфтханза - Еуровингс, Кокпит одамна има прифатено пониски плати од оние што ги бара од Рајанер. Истовремено, авиокомпанијата се заканува со кратење работни места.
Рајанер уште во јули им се закани на своите вработени во Ирска со преселба на работни места во земји со ниски примања. Се велеше дека авиофлотата во Ирска ќе се намали, а ќе се зголемат работни места во Полска. По неколку штрајкови на пилотите и постигнувањето согласност со тамошниот синдикат, ваквата одлука е повлечена.
Какви ќе бидат авионите во иднина?
Луѓето и во иднина ќе сакаат брзо да патуваат, без притоа да ѝ наштетуваат на животната средина. Научниците и фирмите работат на решение: електро-авиони.
Фотографија: Colourbox
Мал лесен, речиси без штетни емисии на гасови
Авионите кои користат електрична енергија од обновливи извори на енергија, не емитуваат ЦО2 и азотни оксиди, ни фина прашина. Во целина, електро-авионите треба да станат помали, полесни и поефикасни од авионите на керозински погон, на пример како Алфа електро од словенечката старт ап фирма Пипистрел, кој веќе го освои небото.
Фотографија: Pipistrel
Електричен „летечки автобус“
Авионите на електричен погон главно треба да бидат ангажирани во регионалниот сообраќај. Израелската старт ап фирма Евиацион планира револуционирање на меѓуградскиот превоз со својот авион со 9 седишта. Прототипот Алис може да развие брзина од 100 км/час, а во 2019. година би требало да го има својот прв пробен лет.
Фотографија: Eviation
Летечко такси
Летечкото такси на германското претпријатие Лилиум веќе го имаше својот промотивен лет. Тоа стартуваше во април 2017. година и тоа - вертикално. Опремено е со пет седишта и е целосно на електричен погон, достигнува до 300 километри, од Лондон до Париз стигнува за еден час. Авионското такси некогаш треба да може да се порача преку апликација и да не чини повеќе од нормално такси-возење.
Фотографија: Lilium
Мешавина - класичен и електричен
Одделни авионски производители напротив се концентрираат на хибриди. Ербас, Ролс Ројс и Сименс заеднички развиваат прототип на комерцијален авион, т.н. e-Fan X, опремен со три гасни турбини и електромотор. Во перспектива уште една гасна турбина треба да биде заменета со електромотор. Првиот прототип треба да полета во 2020. година.
Фотографија: Airbus
Еколошко патување на одмор
Нискобуџетната авиокомпанија Изиџет сака исто така да овозможи еколошко патување. Во септември 2017. година британската фирма објави соработка на овој план со американскиот старт ап Рајт електрик. Целта е создавање целосно електричен авион кој би превезувал до 150 патници. Кога ќе биде готов резултатот, не е познато.
Фотографија: Wright Electric
Електрична иднина
Според експертите, со првите електро-авиони би можеле да летаме за 20 години. Досегашните прототипови имаат досег од 250 до 1.000 километри. Но, технологијата брзо напредува, што е добра вест за еколошки свесните патници.