1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почнува Зелената недела

Сабине Кинкарц / Е.М. Фиданоска16 јануари 2015

Најголемиот саем за земјоделство и храна - Зелена недела, го слави својот 80. јубилеј. На браншата меѓутоа не и‘ е до славје. Расположението е замрачено поради лошите изгледи за периодот што следи.

Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Jensen

Зелената недела е саем на суперлативи. Пополнет е секој квадратен сантиметар изложбен простор во Берлин. Во 26-те хали се „туркаат“ 1658 излагачи од 68 земји. Земја партнер на саемот за земјоделство и храна кој почнува денеска (16.01) е Летонија. До 25. јануари ќе бидат презентирани илјадници прехранбени намирници, во саемските кујни ќе се пржи, пече и меси, преку саемската фарма се фрла поглед во земјоделството, а од двете хали за животни се слуша мекање, мукање, гровтање, кокодакање.

Сепак, убавиот привид годинава не може да ја сокрие скепсата со која почна новата година за земјоделството. Германските земјоделци по три добри години сега се борат со пад. Пазарите се променија, се жали претседателот на Сојузот на земјоделците, Јоахим Руквид. „Секторот за месо, а особено цените на свинското и прасечкото месо, веќе долго време се под притисок“, вели тој.

Во текот на изминатото полугодие се намалија и цените на основните прехранбени намирници, како млекото и пченицата. „Во сферата на шеќерот, овошјето и зеленчукот исто така има притисок, а тоа, се разбира, не останува без последици по земјоделството.“

Расположението на селаните е лошо, зашто по добрата жетва во многу земји производители, понудата ја надмина побарувачката. Конјунктурата не е добра, а кон тоа уште се додава и кризата во Украина и ембаргото против Русија. Руското стопирање на увозот на европски аграрни производи предизвикува натамошно зголемување на и онака преголемата понуда во ЕУ, објаснува Руквид, кој го дава примерот со јаболката. Од Германија за Русија годишно одат 25.000 тони јаболка, од Полска, пак, дури 600.000 тони. „Ова количество сега врши притисок на внатрешниот пазар во ЕУ и поврзано со добрата жетва води до тоа цената на јаболката за јадење за една година да се намали од 60 на 20 центи за килограм. Кај јаболката за преработка, кои се неопходни за сокови, дури не може да се зборува и дека воопшто има некаква цена, зашто земјоделците добиваат само два цента за килограм.“

Јоахим РуквидФотографија: picture-alliance/dpa/R. Jensen

Саемот како место за среќавање

И покрај тензиите, Русија на Зелената недела има голем штанд во втората хала. Пред се‘ земјоделците кои се занимаваат со одгледување овошје и зеленчук се надеваат дека ембарогото наскоро ќе биде олабавено. Тие не сакаат нивните деловни врски да замрат. Кристијан Геке, раководител на Берлинскиот саем, тоа го смета за нешто што е вредно да се забележи.

Според него, тоа е и потврда за вредноста на саемот. „Тоа јасно укажува на тоа каков економско-политички ранг, какво аграрно-политичко значење има оваа манифестација. И тоа ја документира и функцијата на Зелената недела како место на среќавање на истокот и западот, која саемот ја има со децении. Саемот отсекогаш е најважна платформа за дијалог во целата бранша.“

Покрај околу 100.000 посетители, за време на саемот се очекуваат и околу 150 политичари од цел свет. Во текот на десетте саемски денови ќе се одржат околу 300 конференции, собири и семинари, меѓу кои и најголемата светска конференција на министрите за земјоделство.

Страв од месо со хормони

Една од темите за кои на Зелената недела ќе се дискутира особено жестоко е Трансатлантскиот договор за слободна трговија (ТТИП) меѓу ЕУ и САД. Земјоделството и прехранбената индустрија во основа се за слободна трговија, но треба да се почитуваат европските страндарди за квалитет и производство, бара Руквид. „Не сакаме месото со хормони да се најде на европските, на германските чинии. Ние не употребуваме хормони и тоа нема да го правиме ниту во иднина.“

Не сакаме месото со хормони да се најде на европските, на германските чинии, вели РуквидФотографија: Reuters/M. Rehle

И заштитниците на животната средина предупредуваат дека поевтиното месо од САД би вршело притисок врз пазарот во ЕУ и би довело во подредена положба голем број производители.

Трговијата мора да биде фер, бара Кристоф Минхоф, раководител на Сојузното здружение на германската прехранбена индустрија. Неговата бранша му дава поддршка на ТТИП. „Со оглед на тоа што на ниво на СТО нема успех во делот на слободната трговија, потребни ни се вакви мултилатерални стратешки партнерства, поради тоа што тие добиваат се‘ повеќе на значење во нашата бранша.“ Прехранбената индустрија е извозно ориентирана и „потребен ни е ваков договор, кој на крајот се склучува за нашите потреби“.

Речиси една третина од производството на германската прехранбена индустрија се извезува во странство. Во 2014 година извозот се зголеми за 5,6 проценти и достигна вредност од 56,3 милијарди евра. Но тоа не беше доволно за да се порамни лошиот бизнис дома. Обртот, вкупно погледнато, се намали за 1,1% на 173,2 милијарди евра.

„И во меѓународни рамки се зголемува притисокот од конкуренцијата, продажните цени стагнираат“, се жали Минхоф и укажува на „високите трошоци за енергија и издатоците поради воведувањето минимална плата“.

Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Jensen

Од ваквиот развој на состојбите би можеле да профитираат производителите на био-храна. Тие се надеваат дека по долгогодишен застој повторно повеќе претпријатија ќе се преориентираат кон еколошко производство. Сојузните покраини ја зголемија помошта во тој дел. Освен тоа и конвенционалните производители на месо сакаат да и‘ излезат пресрет на желбата на потрошувачите за поголема заштита на животните. Од август на полиците треба да се најде месо произведено според стандардите на „Акција за доброто на животните“. Производителите кои ќе ги исполнуваат стандардите ќе бидат финансиски поддржувани од фонд во кој ќе уплаќаат ситните трговци. Сепак, акциониот сојуз „Да се демаскира Зелената недела“ тврди дека ваквата иницијатива е „чиста имиџ-кампања и рекламен трик“. Како што се вели, ефектите на иницијативата врз квалитетот на животот на животните ќе бидат „само минимални“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми