1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почнува одбележувањето на 23 години македонска независност

АМ/миа7 септември 2014

Претседателот Ѓорге Иванов по повод 8 Септември – Денот на независноста на Републиката, упати честитка до граѓаните на Македонија. Во пресрет на празникот ќе се одржи академија и почесна артилериска стрелба.

Фотографија: MIA

„Пред 23 години, единствени во намерата да бидат свои на своето, македонските граѓани на 8 Септември 1991 година, на нашиот трет Илинден, храбро, решително и одговорно го остварија вековниот сон на нашите предци за слободна, независна и суверена Република Македонија. Во изминатите 23 години доживеавме моменти на славење, но и на разочарување. Се радувавме на стекнатата независност, издржавме пред бројните искушенија и, покрај се’, останавме доследни на нашиот праведен пат. Патот беше трнлив, но ни помогна да изградиме силно чувство за сопствената држава, да бидеме посилни, посплотени и поуспешни“, се наведува во честитката на Иванов.

„Денес сме горди“, нагласува претседателот Иванов, „што успеавме да ја изградиме Македонија како демократска држава во која владее правото“. „Посветени кон остварување на нашата европска и евроатлантска иднина ја отворивме Македонија кон светот и ја направивме меѓународно призната и почитувана“, нагласува Иванов во честитката до граѓаните.

Во неа претседателот потсетува на обврската кон иднината: „Третиот Илинден е ден на благодарност кон хероите, Илинденците и АСНОМ-ците, но и ден на обврска кон хеорите на иднината – нашите деца. Заветот на нашите предци е да трасираме сигурен пат за нашите потомци“. Иванов посочува дека вложувањето во сегашноста е вложување во иднината на децата.

Во честитката претседателот Иванов ја нагласува и потребата од единство: „Продолжуваме да ја градиме Македонија како економски силна и развиена, напредна и успешна. Македонија во која се негува вековната традиција на соживот, прифаќање и почитување на различноста, држава на благосостојба и солидарност, земја на иновации и нови технологии. Тоа можеме да го оствариме само со единство“.

По повод 8 Септември вечерва во Македонски народен театар ќе се одржи свечена академија под покровителство на претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски. Еден час претходно – во 18 часот, единица на артилерискиот баталјон на Армијата на Република Македонија ќе испука почесна артилериска стрелба во касарната „Илинден“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми