1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почнува пазарењето за ЕУ-буџетот

Бернд Ригерт
2 мај 2018

Еврокомесарот за буџет Гинтер Етингер поднесува предлог за буџетот од 2021 до 2027. година. Дупката која ја отвора Брегзит и новите издатоци од ЕУ-буџетот до 2027. бараат деликатна операција. Кавгите се предпрограмирани.

EU-Kommissar Günther Oettinger
Фотографија: picture alliance/dpa/epa/J. Warnand

Преговорите за буџетот на ЕУ за следните седум години, т. н. „Повеќегодишни финансиски рамки“ (МФР), значат жестоки кавги дури и во нормални времиња. А сега, сметаат експерти како Гунтрам Волф од тинк-тенкот „Бругел“, ќе биде посебно крваво. Поради заминувањето на Велика Британија од ЕУ, од 2021. година отпаѓа третиот по големина нето-плаќач. Во периодот од 2021. до 2027. година на приходната страна настанува дупка од околу 90 милијарди евра, потврдува и еврокомесарот за буџет, Гинтер Етингер. Борбата за поделба меѓу ЕУ-државите значи ќе се води околу помал колач. Или преостанатите нето-плаќачи ќе треба подлабоко да брцнат во џебот.

Повеќе: 

Италија: помош околу бегалците или вето на буџетот на ЕУ

Брегзит- партија покер со милијарди влог

Кратења кај земјоделството и структурните фондови

Гинтер Етингер се залага за мешавина од штедење и нова ориентација, како што образложи при обиколката на членките на ЕУ пред предлагањето на буџетскиот план. „Кај двете најголеми програми, земјоделската и кохезионата политика, ќе извршиме умерени, но ефективни кратења од шест проценти во однос на 2020. година“, изјави Етингер во Берлин во април. „Додека овие ставки порано опфаќаа 80 проценти, нивниот удел сега ќе биде сведен на 60 проценти.“ Тоа значи: државите кои денес посебно прифитираат од овие фондови за поддршка, како Полска, Унгарија или Грција, ќе мора да го стегнат ременот. Кај нив веќе се крева отпор. Полската влада инсистира поддршката за структурно слабите региони да остане нескратена. Ирска со своето интензивно земјоделство се спротивставува на кратењата кај аграрните субвенции и се заканува со вето. Економскиот експерт Гунтрам Волф, напротив, смета дека аграрните средства се целосно предимензионирани. „Мораме да ги намалиме сумите за аграрот и средствата подобро да ги употребиме, на пример за постигнување цели како разноликоста на видовите. “

Волф ги критикува и давачките за слабо развиените региони, зашто пари се исплаќаат и на богати земји, како Германија или Шпанија. „Треба вистински добро да се процени кои издатоци се ефикасни, а кои не се.“

ЕУ вложува многу пари во инвестиции во Полска, па таа се противи на кратењаФотографија: picture-alliance/dpa

Времето притиска

Поради принудата од едногласност, пропишана во ЕУ-договорите во врска со буџетот, преговорите се жилави и долговременски. Кај актуелните Финансиски рамки, натегањата околу милијардите евра траеја речиси две години. Овојпат Етингер планира тоа да оди многу побрзо. ЕУ-буџетот би требало да биде усвоен за една година, вклучувајќи го гласањето во земјите-членки, како и во Европскиот парламент, кој исто така мора да даде согласност. „Се наоѓаме во уникатна ситуација“, објаснува Етингер, „никогаш досега не требало да се донесе одлука во толку кратко време пред изборите за Европскиот парламент“. А изборите ќе бидат одржани во јуни 2019. година. Доколку дотогаш не е усвоен комплетниот буџет, ќе се дојде во теснец. Додека новиот парламент да може да одлучува и од него да биде потврден составот на следната Европска комисија, може лесно да стигне септември или дури и ноември. А тогаш преговорите практично би почнале од почеток со новите луѓе на врвните позиции. Затоа, еврокомесарот Етингер инсистира да се побрза.

Кој ќе плаќа повеќе?

Буџетот за седум години, од 2021. до 2027. би требало да изнесува 1,13 проценти од брутодомашниот производ на ЕУ, односно околу 1.100 милијарди евра. Без оглед на Брегзитот, издатоците и натаму растат, зашто потребно е свртување кон новите задачи: миграција, одбрана од тероризам, развојна политика, одбрана. „Планираме бројот на соработниците во Фронтекс (Европската агенција за заштита на границите) од сегашните 1.200 да го зголемиме на повеќе илјади. Во тоа имам поддршка од членките на ЕУ. Сакаме ефикасно да ги зголемиме и средствата за развојна политика, посебно поддршката на африканските земји“, вели Етингер.

За да се финансираат давачките, сегашните нето-уплаќачи треба да одвојат повеќе пари. Германија, според она што стои во Коалициониот договор на ЦДУ, ЦСУ и СПД, е подготвена на тоа. Другите нето-плаќачи се колебаат. Холандија и Австрија на пример отфрлија свои поголеми уплаќања.

Графика за 2016. година: земји нето-плаќачи (со црвена боја) и нето-примачи (со зелена боја)

За бунтовниците - помалку пари

Преговорите за буџетот се дополнително „потпалени“ поради спорот околу миграцијата и правната држава, на пример во Полска и Унгарија. Државите-членки како Шведска, Италија или Германија, кои прифатија посебно голем број мигранти, треба да бидат „наградени“ и тоа со дополнителни средства за поддршка, кои пак ќе недостигаат на други места. „Тоа не го сметам за казна“, вели еврокомесарот Етингер, „мораме финансиски да ги помогнеме земјите кои се соочени со вонредни давачки, во име на сите нас.“ 

Повеќе: 

ЕУ ќе мора да ја заузда Полска

А доколку една држава не ги исполнува сите норми на правната држава, како независноста на судството, тогаш нема да ѝ се исплаќаат средства, се заканува Гинтер Етингер. За тоа не би требало да биде потребна формална постапка, како во случајот со Полска според членот 7 од ЕУ-договорите. Европската комисија ќе одлучува самата, предлог кој во Полска, Унгарија или на друго место сигурно ќе наиде на отпор. „Ќе биде екстремно тешко околу ова да се постигне согласност. Овде однапред може да се предвиди вето“, прогнозира експертот Гунтер Волф. Еврокомесарот Гинтер Етингер денеска ја претставува глобалната буџетска рамка, со најважните бројки. Кој колку ќе добие и колку ќе треба да уплати, ќе произлезе дополнително, од четирите законски пакети за спроведување на буџетот, кои ќе бидат доставени до средината на јуни.

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми