1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почнува преговарачкиот маратон на Хамас и Фатах

Клеменс Ференкоте10 март 2009

По речиси двегодишни поделби ривалските палестински групи денеска во Каиро ќе започнат директни преговори за формирање влада на национално единство. Средбата треба да послужи и за помирување меѓу Фатах и Хамас.

Ќе се обединат ли повторно Палестинците?Фотографија: AP

Пред почетокот на десетдневните преговори во Каиро, лидерот на Фатах и претседател на Палестинците Махмуд Абас истакна дека ја овластил неговата делегација да ги преземе сите можни напори со цел разговорите за помирување со најголемиот внатрешно-политички ривал да протечат успешно.

„Мораме да постигнеме согласност околу владата на национално единство, која треба да ги подготви изборите во јануари 2010 година“, додаде Абас, чиј мандат како претседател на автономните палестински власти истече уште пред два месеци.

Палестинскиот премиер во оставка Салам ФајадФотографија: AP

Оставка на премиеерот Фајад како вовед во преговорите

Непосредно пред средбата меѓу Хамас и Фатах во Каиро, досегашниот претседател на преодната палестинска влада Салам Фајад поднесе оставка:

„Со оставката треба да се подржи формирањето на владата на национално единство на Палестинците“, образложи Фајад.

Независниот, патриотски расположен финансиски експерт Фајад ужива голем углед во Вашингтон и во Брисел. Тој имено за 20 месеци, колку што беше на функцијата, значително ги подобри управувањето и ефикасноста на палестинските автономни власти во Западниот брег. Оваа оценка ја делат и голем број негови сонародници на Западниот брег:

„Владата на Салам Фајад беше една од најуспешните, што се однесува до внатрешните работи. Таа донесе безбедност и ред на локално ниво. Покрај тоа владата на Фајад донесе закони за работодавачите, кои ги подобрија платите и условите за работа“, вели еден Палестинец.

Претставниците на Хамас и на Фатах повторно на заедничка масаФотографија: picture-alliance/ dpa

Зелено светло од САД за владата на национално единство

Меѓутоа севкупно, според последните анкети , Хамас има предност пред Фатах. Ако сега би се одржале избори за претседател, на нив со минимална предност пред Махмуд Абас би победил поранешниот шеф на палестинската влада предводена од Хамас, Исмаил Ханија.

Двете палестински организации се согласија да разговараат за пет теми. Централната тема е формирањето на преодна влада, која треба да остане на функција најдоцна до почетокот на наредната година, кога ќе се одржат новите избори.

За Хамас оставката на Фајад преставува само враќање на „нормалната“ состојба, со оглед дека Хамас во 2006 година доби мандат од палестинскиот народ да формира влада, а не финансискиот експерт од Рамала.

„Сметаме дека присуството на Салам Фајад во владата не беше во согласност со правото. Затоа неговата оставка нуди можност повторно да се вратиме на вистинскиот пат“, истакна портпаролот на Хамас, Ајман Таха.

Во Фатах пред преговарачкиот маратон во Каиро истакнаа дека се стекнува впечаток дека Хамас е во иста мера заинтересиран за позитивен исход од разговорите. Покрај тоа новата американска влада му даде зелено светло на Махмуд Абас да преговара со Хамас за формирање влада на национално единство.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми