1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почнува расплетот на македонскиот гордиев јазол

Катерина Блажевска11 јануари 2016

Во недостиг од информации, мотивите за средбата Груевски-Бајден предизвикаа многу претпоставки: од поддршка за Груевски од САД, преку условена поддршка, до „катил ферман“ за неговата власт

Фотографија: MIA

Почнува расплетот на македонскиот гордиев јазол, со помош и во координација меѓу Брисел и Вашингтон. Ова стана јасно откако излезот од политичката криза во Македонија, преку спроведување конкретни обврски од Договорот од Пржино, ја изгуби динамиката, а во декември речиси целосно беше блокиран. Така, нереализираните обврски го дочекаа и рокот, до кој премиерот требаше да се повлече од функцијата, за да може до 15 јануари, односно 100 дена пред изборите закажани за 24 април, да се формира техничка влада. Таа „блиска средба“ меѓу незавршените реформи, (не)повлекувањето на премиерот и инаугурирањето влада со технички мандат да ги спроведе изборите, во декември го вклучи алармот кај гарантите на Договорот од 2 јуни/15 јули. Денеска во Скопје доаѓаат тројцата европратеници Ричард Ховит, Едвард Кукан и Иво Вајгел, кои беа првите посредници во барањето решенија за излез од кризата. Освен одвоени средби со лидерите на партиите - потписнички на Договорот, тие ќе имаат средба и со специјалната обвинителка Катица Јанева и со претставниците на Државната изборна комисија. Нивната посета е еден вид претходница на посетата на еврокомесарот Јоханес Хан, кој во средината на месецов ќе дејде во „инспекција“ на реализацијата на Договорот и на Итните реформски приоритети што ги препорача Европската Комисија.

Без мистификации

Но, она што предизвика најголем интерес, е денешната посета на премиерот Никола Груевски на Вашингтон, каде тој ќе се сретне со американскиот потпретседател Џозеф (Џо) Бајден. За посетата на Белата куќа Владата не даде никакво соопштение, па дури и премиерот за целта на посетата медиумите ги упати на информацијата што ја објави државната информативна агенција, МИА. Во неа се наведува дека посетата е „во функција на интензивирање на билатералните односи и меѓусебната соработка“ и дека теми на разговор меѓу Груевски и Бајден ќе бидат „активностите за продлабочување на меѓусебните односи и соработката, реформите во Македонија и демократските процеси, зголемувањето на економската соработка и трговските односи, безбедносни прашања и интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО“.

Викоторија Нуланд и Никола Груевски (средба во 2014 година - архива)Фотографија: DW/F. Musliu

Политичките аналитичари се сомневаат дека во овие клучни денови за Македонија, Бајден и Груевски ќе разговараат за унапредување на билатералните односи. Претпоставките околу мотивите за средбата се движат во екстреми - од нова отворена поддршка за политиката на Груевски, преку длабоко условена поддршка, па се до „катил ферман“ за неговата авторитарна власт.

Странски дипломати во земјава кои се упатени во досегашните преговори за излез од кризата, сметаат дека „не треба да се прават никакви мистификации“.

„Одговорност за излез од кризата имаат сите политички субјекти, но најмногу власта. Секогаш и секаде, власта по дефиниција е главната 'адреса', главниот соговорник за разговори и од неа се очекува да направи максимум“, велат воздржано.

Бела куќа - црно писмо!

Од друга страна, поранешни македонски дипломати веќе изразија стравување дека Груевски го чека тешка средба. Амбасадорот Ристо Никовски во колумна оваа средба во Вашинготон ја спореди со „пекол“.

„Прек суд е политички орган кој најостро казнува по кратка постапка, без да се базира на никакви закони. Токму такво нешто, или, поточно - пекол го чека Груевски во Вашингтон. Да потсетиме дека во иста мисија премиерот беше во Вашингтон и во февруари 2011 година, кога беше третиран како некаков натрапник. И тогаш, како и сега, намерите за поканата не беа и не се баш пријателски. По разговорите со каубоецот Бајден, тој на улица организираше брифинг за новинарите кои го следеа, бидејќи таков му беше третманот. Му одржаа лекција што и како треба да прави, без оглед на интересите не неговата Македонија. (... ) Еден месец по посетата, во март, тој за медиумите изјави дека, импровизирам - Груевски не ги разбра лекциите кои ги доби во Вашингтон и не реализира ништо од тоа што му беше кажано! (...) Сега, се повторува истото сценарио, а позицијата на Груевски е, макар, три пати послаба од тогаш. Го прислушуваа по налог на истите кои сега го канат на гости; ја поддржаа опозицијата која сега игра улога на нивни вазал и прави ’ршум во земјата; му го шират маневарскиот простор на нивниот стратегиски партнер, Ахмети, кој по нивни инструкции го урива уставниот поредок, барајќи консензуален претседател, федерализација. Значи, поткопан од повеќе страни тој ќе се соочи со безобѕирни и подли ултиматуми и уцени“, уверен е Никовски.

Фотографија: DW/N. Velickovic

Демократијата - жртва на решавањето на спорот за името?

Дел од македонските дипломати кои не сакаат јавно да говорат, сметаат дека Груевски има шанса да добие нова поддршка ако вети решавање на спорот за името, и посочуваат дека воопшто не е случајно што неговиот коалициски партнер Али Ахмети, токму деновиве беше на средба со шефот на грчката дипломатија во Атина. Овие соговорници стравуваат дека обидот да се обезбеди демократија во земјата може да биде жртвуван токму за итно решавање на билатералниот спор, по што македонското општество и натаму би било соочено со недемократска власт. Но, не се сите песимисти. Поранешниот министер за надворешни работи и амбасадор, Денко Малески, смета дека со оглед на кризата на демократијата во Македонија и задачите на Специјалното обвинителство, никој во Вашингтон не е заинтересиран да ги зајакнува изборните шанси на македонскиот премиер на наредните избори.

„Напротив, би биле сосема среќни тој да се повлече од политиката. Поверојатно е дека причината за итниот повик до македонскиот премиер на состанок во Белата куќа со американскиот потпретседател, ќе биде инсистирањето правдата да си го земе својот тек, да се рехабилитира демократскиот систем и да се расчисти политичката магла, пред воопшто да се одржат избори. Затоа, посетата, спротивно на дипломатската логика, е своевиден доказ дека работите не се одвиваат најдобро во земјава и дека Америка е загрижена за мирната транзиција кон демократија. Конечно, не еднаш е напишано и не еднаш се потврдило и во практиката на многу земји, дека најопасни моменти за една држава се времињата на промена на еден авторитарен систем. Во таквите времиња, може се да се очекува“, смета Малески.

Се очекува Груевски во Вашингтон да се сретне и со помошникот државен секретар, Викторија Нуланд, која беше вклучена во постигнувањето договор за излез од политичката криза. По пораките од средбата Груевски -Бајден, многу појасно ќе се знае во која насока плови македонскиот брод.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми