1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почнува систематскиот преглед на условите за фер избори

Катерина Блажевска10 февруари 2016

„Првата ластовичка“ што ја најави евалуацијата на условите за фер-избори, е Роберт Бершински, заменик-помошник секретар на Бирото за демократија и човекови права во американскиот Стејт департмент

Фотографија: Petr Stojanovski

Почнува процесот за евалуација на условите што Македонија треба да ги исполни за да може да се одржат фер и регуларни избори, во чии резултати потоа никој нема да се сомнева и да ги оспорува. Како што соопштија амбасадорите на ЕУ и САД, Аиво Орав и Џес Бејли на 29 јануари, конечната оценка дали се исполнети условите ќе ја дадат гарантите на Договорот од Пржино. Пред распуштањето на парламентот (24-ти февруари), но не подоцна од 20-ти февруари, ЕУ и САД во консултации со меѓународни и локални експерти, заеднички ќе оценат дали условите се исполнети за да се одржат кредибилни избори на 24-ти април.

Процесот на евалуација започнува десет дена пред крајниот рок за таа оценка. „Првата ластовичка“ што ја најави евалуацијата е Роберт Бершински, заменик- помошник секретар на Бирото за демократија и човекови права во американскиот Стејт департмент, кој во понеделникот пристигна во Македонија и се сретна со премиерот Емил Димитриев. На средбата, како што соопшти владината прес-служба, двете страни ја истакнале значајноста од организирањето на фер, кредибилни и демократски избори, нужноста од посветеност на сите партии во унапредување на довербата во изборниот процес и оневозможувањето на какви било притисоци кон вработените во администрацијата и нивното гласање.

Вашингон будно го следи овој процес и се надеваме дека ќе добие позитивен крај, изјави Бершински за ТВ „Телма“.

„Мојата цел на посетата е средба со членовите на владата и со бранителите на човечките права и граѓанското општество, за да добијам широк пресек на гледишта до каде сме со имплементацијата на Договорот (...) Критериумите се добро познати. Ќе ја надгледуваме работата на ДИК и степенот до кој тоа тело има соодветен персонал за да го истурка својот мандат во однос на прочистувањето на Избирачкиот список и спроведување вкрстени и теренски проверки. Многу сме заинтересирани и за медиумските реформи со коишто медиумите можат да обезбедат атмосфера за фер и слободни избори. Заинтересирани сме и за условите со коишто би се заплашиле гласачите и им предочив на сите партии дека ниеден Македонец не смее да има притисок на гласањето“, потенцира Бершински.

Многу обврски, малку време

Сосема е неизвесно дали за десет дена ќе се исполнат неопходните критериуми, со оглед дека треба да се прочисти Избирачкиот список, а тој процес не е ни започнат, ниту пак партиите до денес постигнаа согласност околу предложените медиумски реформи. Истовремено, Специјалното обвинителство е бомбардирано со кривични пријави, кои навестуваат дека постои силен отпор против правна разрешница на случаите што се во негова надлежност. Како одговор на тоа, вчера на заедничка средба 19 амбасадори на земји- членки на ЕУ и изразија поддршка на обвинителката Катица Јанева. Потоа ЕУ ги повика политичките партии да соработуваат со специјалната јавна обвинителка, да прекинат со напади врз ова независно тело и да престанат со заплашувања врз јавни функционери чија што задача е да ги подготват изборите.

„Сите политички партии се согласија за именувањето на специјалната обвинителка и тие сега треба да покажат конструктивна соработка со неа и нејзината екипа и да се воздржат од напади врз ова независно тело“, се вели соопштението на ЕУ што го објави порталот Нова ТВ. Во него ЕУ потсетува на реализираното од Договорот од Пржино, но и дека има уште многу работа за негова целосна примена, како на пример, работата на Анкетната комисија за прислушувањето и други обврски.

Катица ЈаневаФотографија: DW/P. Stojanovski

„Договорот ги обврза потписниците на структурни реформи, вклучително и оние во однос на изборите, како мерки кои треба да донесат поголема медиумска слобода, ревидиран изборички список и примена на препораките на ОБСЕ-ОДИХР. Овие реформи се неопходен услов за да се има услови за кредибилни избори на 24 април“, порача ЕУ и укажува на бројните критериумите кои ќе бидат користени за оценување на подготовките за изборите.
„ЕУ, заедно со САД, ја повторуваат неопходноста за кредибилни избори и потсетуваат дека тие поставија редица критериуми кои ќе бидат искористени за оценување на подготовките за изборите. (...) Ја охрабруваме привремената влада брзо да ги примени структурните реформи како што тоа го предвидуваат Итните реформски приоритети околу кои четирите партии дадоа согласност“, се вели во соопштението. На крајот, се потенцира дека Собранието, Владата и политичките лидери се одговорни во донесувањето одлуки кои се потребни за може нивната нација да се врати на европскиот пат.
„Ги повикуваме сите партиски лидери за се воздржат од заплашување на јавните функционери чија што задача е создавањето услови за кредибилни избори; пред нив стои тешка задача. Таква реторика не помага и ја нарушува вербата на гласачите дека потребните услови се исполнети“, соопшти ЕУ.

Завршна оценка

Деновиве владее голем раздвиженост во дипломатските кругови. Пред најавената евалуација зачестени се средбите со лидерите на партиите и со претставници на институциите - носители на подготовката на изборниот процес. Тоа не се смета за некаква „вонредна“ активност, вели европски дипломат.

„И претходно се следеше реализацијата на пржинскиот процес, во целосен континуитет, па во таа смисла, евалуацијата сега само влегува во фаза на 'завршна оценка'. Нема сомнение дека ќе се врши длабоко скенирање на постигнатото. За дел од обврските кои сега се реализираат а нивната завршница е временски одредена после февруари, ќе се прави темелна проценка дали објективно е можно нивно завршување до одредените гранични рокови. За другите, пак, кои се формално завршени, ќе се оценува нивната фактичка применливост, бидејќи 'механизмот' нема да функционира ако недостига или не функционира некоја алка. Се мора да биде јасно уредено, функционално и оперативно, за да нема никаква дилема дека се постигнати стандардите кон кои се стреми земјата“, вели соговорникот.

Сега остануваат десет дена до клучната оценка дали се исполнети сите услови за фер избори. Дали се тие денови многу или малку, ќе пресуди (не)сработеното.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми