Почнува собирот на македонистите во Охрид
28 јуни 2010Во Охрид денеска започнува 43. Семинар за македонски јазик литература и култура. Годинава на летната македонистичка школа пристигнаа околу сто учесници од 23 земји, претежно од Европа, САД, Канада, Јапонија, Јужна Кореја, Австралија и за првпат од Бангладеш.
Задоволни сме од интересот на младите странски учесници од кои се очекува да бидат нови македонски амбасадори во сопствените земји, изјави за Дојче веле директорот на Семинарот д-р Максим Каранфиловски: „Летната школа треба да го привлече нивното внимание и да го потврди нивниот избор. Кога веќе го избрале македонскиот јазик на своите универзитети, овде треба да ја зацврстат својата желба, љубов и амбиција за во иднина да продолжат да работат на полето на македонистиката. Ние очекуваме, еден дел од нив да станат и сериозни научници. Основните нишки на програмата се: 65 години од кодификацијата на македонскиот литературен јазик, 65 години од победата над фашизмот и 1100 години од упокојувањето на Свети Нуам Охридски. Стандардно ќе се говори и за македонскиот наспрема другите јазици, но и за ситуацијата со македонскиот јазик во регионот, во дијаспората, како се зборува и проучува македонскиот јазик. Во доменот на литературата главни теми се животот и делата на: Славко Јаневски, Ѓорѓи Абаџиев и Григор Прличев.“
До годинава, Семинарот се организираше во почетокот на август, а Универзитетот го смени терминот. По речиси три неделна работа во Охрид, последните два дена македонистите ќе се запознаат со дел од Македонија, а во Скопје ќе ги посетат институциите кои од аспект на јазикот и културата ја кодифицираат земјата.
Автор: Милчо Јованоски
Редактор: Александра Трајковска