Настапот на Франкфуртскиот саем на автомобили уште претходно го откажаа Нисан, Пежо, Мицубиши, Волво... А сега од изложување во Франкфурт се откажа и Тесла. Во што е проблемот?
Реклама
Како што јавуваат германските медиуми, американскиот производител на автомобили на електричен погон Тесла нема да дојде на саемот за автомобили во Франкфурт (ИАА) од 14 до 24 септември. „Ние го проценуваме секој настап, со цел да најдеме најдобар начин да комуницираме со нашите клиенти“, изјавија од Тесла. Оттаму се предупредува и дека овој производител „не е фиксиран“ на класични манифестации во автомобилскиот сектор.
Иако звучи како трезвена проценка, тоа е тежок удар за германскиот автомобилски саем кој по 67. пат го организира Здружението на германската автомобилска индустрија (ВДА). Бидејќи, настапот веќе го откажа и францускиот концерн ПСА, нема да дојде ни Фиат-Крајслер групата, а откажаа и Нисан, Мицубиши и Волво. Дури и Ауди овојпат не нарача сопствен изложбен простор, туку послушно ќе се смести во халата на матичниот концерн Фолксваген.
Здружението ВДА е уверено оти Тесла повторно ќе дојде во Франкфурт, а нагласуваат дека и онака ќе има над 50 автомобилски брендови, меѓу кои и млади кинески производители. Тесла не настапи ни на саемот во Њујорк, но токму поради скандалот со дизел-возилата во Германија изгледа оти за Тесла тоа би била одлична можност за уште подобра продажба на германскиот пазар.
Германците и нивните автомобили
Без оглед на скандалот со дизел горивото, автомобилите се дел од германскиот национален идентитет. Но колку е навистина длабока љубовта на Германците кон пријателите на четири тркала?
Удар за автомобилската индустрија
Репутација на славните германски автопроизводители доживеа голем удар, но продажбата и натаму расте. Сепак, германските брендови сочинуваат помалку од две третини од сите возила на германските патишта. Притоа се работи за чисто машка „територија“: само една третина од сопствениците на возила во 2017 година се жени. Интересно, таа бројка воопшто не се промени во последната деценија.
Фотографија: picture alliance/dpa
Една деценија на пат
Германските патнички возила, полека старееја, од 8,1 година во просек пред една деценија, до највисокиот просек во историјата од 9,7 години во 2017. Патем, Германија воопшто не е во светскиот врв според возила по глава на жител. Таа е на 20 место - 17 места зад САД, каде на секои десет жители има осум автомобили. Најмалку моторизирана земја во светот е Того.
Земја на олдтајмери
Околу 600 илјади возила - околу 13 проценти од сите возила на германските патишта се сметаат за олдтајмери, што значи дека се постари од три децении. Околу 380 илјади имаат историски регистерски таблички кои се добиваат доколку се докаже дека возилото е сочувано со оригиналната состојба.
Фотографија: Imago/imagebroker/friederich
Постепена моторизација
На 1 јануари 2017, во Германија беа регистрирани 45,8 милиони патнички возила. Во однос на населението од 82,8 милиони, тоа значи дека има 684 автомобили на илјада жители. Денес, има пет пати повеќе автомобили во земјата отколку пред половина век, кога беа регистрирани околу 9 милиони возила.
Во земјата на БМВ
Просечната старост на возилата во Германија варира од покраина до покраина. Веројатно не е изненадување што во Баварија, домот на БМВ и покраина со најголем приход по глава на жител, просекот на старост на возилата е најмал. Просечната старост на возилата на патиштата во Бранденбург, покраината околу Берли, надминува една деценија.
Фотографија: picture alliance/dpa/A. Gebert
Германија заостанува
Иако бројот на возила на бензин остана стабилен во последната деценија, нивниот удел се намали на две третини од сите мотори во 2017. Бројот на дизел возила порасна од 10 на 15 милиони од 2008 наваму. Електричните и хибридните возила комбинирано сочинуваат само 0,5 проценти, или вкупно 200 илјади. Во Норвешка уделот на електричните возила е повеќе од 1 процент.
6 фотографии1 | 6
За волја на вистината, нарачки за новиот модел Тесла 3 има доволно и на сопственикот Елон Маск може му изгледа дека не му е потребен настап на овој саем. Но во целата автомобилска индустрија не е никаква тајна оти сите производители на автомобили добро проверуваат дали воопшто им треба настап на тој саем. Како што јавува „Билд“, причини има многу: настапот на саеми е и онака премногу скап, а и значењето на настапите на саеми веќе не е како што беше порано. Така и излагачите едвај и нудат некои новитети, бидејќи главна платформа е интернетот. А згора на тоа, ИАА го „покрива“ презаситениот европски пазар каде производителите и онака се борат за купувачи со попусти и посебни понуди. „Вистинскиот“ бизнис лежи во земјите како Кина, Индија, дури и во САД.
Менаџерот задолжен за саеми на Здружението на германски производители на автомобили, Клаус Бројнинг, не негира ништо од тоа.Тој, исто така знае и оти на тоа Здружение му е нарушен угледот со обвинувањата за создавање картел: „Со оглед на вестите од изминатите недели, немаме баш најубава заднина“, признава Бројнинг. Но и додава: „ИАА беше и останува саем кој е водечки на темата мобилност. Кон Франкфурт гледаат и други саеми како оние во Детроит и во Шангај.“
Германската автоиндустрија е тешка категорија
Врвните германски автопроизводители се потресени од серија скандали, кои земаат данок во една од најмоќните индустриски гранки во земјата.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Kahnert
Огромна мрежа
Што би правеле Германците без својот автомобилски сектор? Индустријата се состои од над 1.300 компании со работна сила од по најмалку 20 луѓе.
Фотографија: Imago/H. Oed
Голем работодавач
Германската автомобилска индустрија обезбедува работни места за околу 828.000 луѓе во земјата. Ова претставува не помалку од 14 насто од работната сила во индустриското производство во земјата.
Фотографија: picture alliance/U. Baumgarten
Импресивна продажба
Во 2016 година, индустријата генерираше продажба во висина од 407 милијарди евра (478 милијарди долари). Околу 63 проценти од таа сума беше добиена од странство.
Фотографија: picture-alliance/dpa/I. Wagner
Измамата на Фолсваген ја промени играта
Поради измамата на Фолксваген со лажирање на податоците за емисијата на штетни гасови во 2015 година, бројот на возила со дизел мотор во Германија е во опаѓање.
Учеството на дизел возилата во новорегистрираните автомобили во Германија опадна под 45 отсто во минатата година, достигнувајќи најниско ниво во последните пет години.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Scholz
Стабилно вкупно производство
Но, тоа не го погоди вкупното германско производство на патнички автомобили. Тоа веќе три години се движи околу 5,7 милиони единици годишно, за разлика од приближно 4,7 милиони во 1991 година.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Kahnert
6 фотографии1 | 6
Бројнинг вели дека „се навикнале излагачите да пропуштаат по некој саем на ИАА, но потоа повторно доаѓаат“. Затоа и понатаму подготвуваат цела низа тематски целини и уверен е дека „ИАА и овојпат ќе биде успешен“. Но има други показатели: трендот во автомобилската индустрија оди повеќе во насока на потполно поинакво опкружување. Така и за производителите на автомобили се се’ поважни саемите како оние за потрошувачка електроника ЦЕС во Лас Вегас, Њујорк Фешн вик или дури саемите за мебел на северот на Италија. Автомобилите таму се само украс, но во средина во која сакаат да припаѓаат - визионерски или само модерно.