1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Државна помош: дали тоа е воопшто дозволено?

Бригите Шолтес
26 септември 2019

Додека британската влада одби да даде државна помош за Томас Кук и концернот банкротираше, германската компанија-ќерка Кондор доби кредит од 380 милиони евра од владата во Берлин. Дали е тоа правилно?

Ferienflieger Condor - Startender Airbus A320
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Pleul

Вработените, синдикатите и потрошувачите се задоволни од премостувачкиот кредит, кој германската сојузна влада и покраината Хесен му го одобрија на Кондор. На компанијата ѝ е потребна поддршка за ликвидност во износ од 380 милиони евра за да ја преживее зимата со вообичаено помал промет. Германскиот министер за економија Петер Алтмајер го образложи кредитот и со во основа добрата економска состојба на Кондор.

Бидејќи критериумите за државна помош се строги,  а дали е правилно дадена, одлучува Европската комисија. „Државната помош треба да се дава колку што е можно повоздржано“, вели Даниел Цимер, директор на Институтот за трговско и економско право на Универзитетот во Бон. „Тоа е правило на економскиот резон“. Сепак, овој резон не е секогаш пресуден за политиката, затоа што државната помош исто така може да биде и популарна мерка. Ова беше демонстрирано, на пример, во есента 1999 година во случајот со градежната компанија Филип Холцман, кога тогашниот канцелар Герхард Шредер на итен состанок вети државна гаранција - меѓутоа, поврзана со натамошна банкарска помош. Вработените во Холцман бурно го славеа тоа со извици „Герхард, Герхард“ . Но државната помош не течеше затоа што банките одбија да помогнат. Три години подоцна, Холцман беше историја.

Подобро да се побара помош од приватните банки

Портискиот колега на Шредер од Социјалдемократската партија, Хелмут Шмит, на тоа во 1982 година гледаше сосема поинаку: „Ние не сме сервис за поправки на капитализмот“, одговори тој во својство на германски канцелар на барањата за помош за концернот за електроника АЕГ. И на семејното претпријатие Шафлер германската држава и покрај емотивните апели на сопственичката  Марија-Елизабет Шафлер, одби да му даде поддршка во 2009 година кога компанијата за машиноградба се најде во ќорсокак поради финансиската криза. Шафлер тогаш успеа да договори план за спасување со помош на банките и на вработените.

Фотографија: picture-alliance/ANE

Така треба да биде, вели економистот Цимер: „Помошта од приватни банки е секогаш подобра“, смета тој. Но, на други компании  владата им помогна во тој тежок период. Со право, вели пак Ахим Вамбах, претседател на институтот ЗЕВ-Лајбниц и на сојузната комисија за монополи. Бидејќи тогаш, аргументира Вамбах, финансискиот пазар не функционираше и компаниите имаа проблеми со  ликвидноста: „Пред да бидат оставени  да одат стечај, само затоа што  привремено немаат пари на располагање, државата треба да помогне“, вели економистот.

Повеќе:

-Грција во небрано по колапсот на Томас Кук

-Банкрот на „Томас Кук“ - кошмар за стотици илјади туристи

Државата не треба да интервенира ако компанија со тоа вештачки се одржува на пазарот и доаѓа до нарушување на пазарниот натпревар, вели економистот во Бон, Даниел Цимер, кој беше претседател на комисијата за монополи меѓу 2012 и 2016 година. „Но, ако надворешен шок му се заканува на едно во суштина економски просперитетно претпријатие, тогаш научниот резон говори  повеќе за давање заем“. Ова посебно важи  кога нема доволно време да се преговара за кредит со банките.

Да се исцрпат сите можности

Во случајот со авиопревозникот Кондор, претседателот на ЗЕВ, Ахим Вамбах сè уште не е убеден од исправноста на државната помош: Државата можеше да го спречи тоа, на пример со проширување на осигурувањето за патувања, вклучително и за индивидуални летови, или со вклучување на здруженија од туристичкиот сектор, како што е случај во банкарската бранша  со системите за гаранција на депозитите. Но, вака државата се чувствува практично принудена да интервенира, бидејќи во спротивно патниците ќе останат заглавени во туристичките дестинации.

Фотографија: Imago/Aviation-Stock/M. Mainka

Државните премостувачки кредити не помагаат секогаш - во случајот на авиокомпанијата Ер Берлин пред две години, помошта дојде предоцна за да се спаси компанијата како целина. Но, на крајот од краиштата, 150-те милиони евра од државниот кредит можеа целосно од стечајниот имот да ѝ бидат вратени на државата. Исто така има и позитивни примери: Телекомуникациската компанија Мобилком во 2002 беше спасена, а потоа беше преземена од Фринет. Слично  беше и со концернот за детергенти и козметика Бајерсдорф. Во 2003 година, имено градот Хамбург заедно со компанијата за каде Чибо притекнаа на помош и спречија  пропаст на Бајерсдорф.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми