1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Романија бара засилување, наместо повлекување на НАТО

Клеменс Ференкоте | Тагесшау (АРД)
22 јануари 2022

Букурешт категорично го отфрла барањето на Русија за повлекување на НАТО од Романија – претседателот Јоханис ги поздрави плановите на САД за јакнење на военото присуство. И Бугарија јасно се позиционира

Rumänien 10. Jahrestag des NATO Beitritts
Фотографија: picture-alliance/dpa/Robert Ghement

Романскиот заменик генерален секретар на НАТО, Мирчеа Џоана решително го отфрли барањето на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, во рамките на т.н. безбедносни гаранции кои ги очекува Русија, НАТО да ги повлече оружјето и војниците од Романија и Бугарија.

„Не постои можност за такво преговарање, нема можност за компромитирање на присуството на НАТО на подрачјето на НАТО-државите“, изјави Џоана за романската телевизија „Диги24“. Каде и во каква форма ќе се реализира военото присуство на Алијансата, одлучува НАТО: „Тоа воопшто не треба да ја засега Руската Федерација“.

„Комплицирана ситуација“

Во изминатите денови американскиот претседател Џо Бајден и францускиот претседател Емануел Макрон најавија засилување на присуството на НАТО во Романија. Романскиот претседател Клаус Јоханис ја поздрави оваа најава, со која „се зајакнува стратешкото партнерство на левото крило, во регионот на Црното Море.“

Моментно во Романија, која од 2004 година, заедно со Бугарија, е членка на НАТО, се стационирани окоу илјада американски војници. Министерот за надворешни работи Богдан Ауреску изјави дека сите партнери во Сојузот го поздравиле значењето на зајакнувањето на левото крило на Алијансата, тоа треба да се реализира што поскоро. „Овие консолидирања и најавите на американскиот и на францускиот претседател имаат и одвратувачко дејство во сегашната многу комплицирана безбедносна ситуација“, изјави тој.

Нема НАТО-членки од втора класа

Романија има граница со Украина долга 650 километри. Освен тоа, по руската окупација и анексија на Крим во 2014 година, Романија има де факто заедничка поморска граница во Црното Море со Русија

Москва со анексијата на Крим си обезбеди силна позиција во Црното Море, анализираат романските безбедносни експерти. Контролата на Русија над пристаништа, трговски патишта и енергетски траси со тоа е засилена. Поради тоа романската влада во повеќе наврати бараше испраќање дополнителни трупи од САД и НАТО.

Во Бугарија премиерот Кирил Петков на барањето на руското Министерство за надворешни работи за повлекување на НАТО од Романија и Бугарија реагираше со зборовите: „Бугарија е суверена држава, која одамна ја има донесено одлуката да биде членка на НАТО.“ Оттаму, истакна тој, „ние самите одлучуваме за организацијата на одбраната на нашата земја, заедно со нашите партнери.“ „Во Алијансата не постојат земји-членки од втора категорија“, за кои колективната одбрана би се применувала по избор, рече Петков.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми