1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

По Ванчо, кој е следниот?

19 април 2022

Посетата на Кирил Петков на Битола, кај Бугарите во РСМ ја враќа довербата во неговата цврста заложба за нивните права.

Бугарски аналитичари сметаат дека по посетата на Битола, рејтингот на премиерот Кирил Петков во земјата би се зголемил
Бугарски аналитичари сметаат дека по посетата на Битола, рејтингот на премиерот Кирил Петков во земјата би се зголемилФотографија: BGNES

Само 19% од Бугарите изразиле доверба дека владејачката коалиција во Софија ќе најде правилно решение за спорот со Северна Македонија. Ова го покажува истражувањето на агенцијата „Алфа Рисрч" спроведено во периодот од 8-ми до 14-ти април. На внатрешнополитички план, се бележи голем пад во довербата кон владејачкото мнозинство. Со 21,7% опозициската ГЕРБ води пред владејачката „Продолжуваме со промените“ која има 18,4% доверба (и бележи пад од 6% за два месеца), но персоналниот рејтинг на Кирил Петков (22,5%) сепак е повисок од рејтингот на Бојко Борисов (19,1%). Со поддршка од 10,2% на трето место е владејачката Бугарска социјалистичка партија (БСП) и нејзината лидерка Корнелија Нинова со рејтинг од 18,3%. Мобилизацијата на радикалните гласови на четврто место ги донесе националистите од партијата „Преродба“, кои бележат најсилен раст, достигнувајќи доверба од 9,4% и личен рејтинг на нивниот лидер Костадин Костадинов од 17,3%. Останатите две владејачки партии се под овој резултат: „Демократска Бугарија" има поддршка од 6,7%, а „Има таков народ“ 4,5%, додека личниот рејтинг на нејзиниот лидер Слави Трифонов е 13,5%.

Петков им ја врати довербата

Но, со оглед на одгласите за бугарскиот „политички и културен десант“ минатиот викенд во Битола и Охрид, (денови кои не се опфатени во истражувањето) дел од тамошните аналитичари сметаат дека резултатите веројатно би биле поинакви - би го зголемиле процентот на доверба во премиерот. 

БитолаФотографија: DW/F. Schmitz

Посетата на Петков на Битола, кај Бугарите во РСМ ја враќа довербата во неговата цврста заложба за нивните права. 

„Ако ние во РСМ имавме сомневања за позициите на премиерот Петков во однос на разрешување на македонско-бугарските прашања, сега не останаа такви сомнежи. Петков остана достојно на позициите за заштита на правата на Бугарите во РСМ“, ја пренесува „Труд“ изјавата на македонскиот новинар Владимир Перев, дадена за „Bugariјa on air“.

Но, има и поинакви толкувања. Според доц. Спас Ташев од БАН, она што се случило во Битола се покажало како аргумент токму против политиката што ја води Кирил Петков, бидејќи тамошните настани докажале дека нема значајни промени во РСМ.

„Во РСМ не се објавени толку антибугарски материјали во последните 5-6 години колку што се објавени за два дена. Од оваа гледна точка имаме враќање назад и не можеме да зборуваме за напредок во односите“, оценува Ташев во разговор за БНР.

Со ова се потврдуваат сомневањата на бројни домашни аналитичари дека настанот во Битола е смислена провокација, токму за да се гради теза дека нема никаков напредок во РСМ.

„Ако ова е да си најдат некаков изговор зошто повторно да ја блокираат Македонија, тогаш се прилично успешни“, оцени и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Во Македонија не царува бугарштината..."

Прашањето е каков напредок може да се обезбеди во односите меѓу двете земји, со одлуката културен клуб во РСМ да го носи името на личност која целосно го негира постоењето на македонскиот народ. Во последното интервју на Ванчо Михајлов  со бугарскиот новинар и публицист Кеворк Кеворкјан од мај 1990 година во Рим, дадено само три месеци пред неговата смрт, Михајлов на прашањето - дали се чувствува виновен за нешто, го дава следниот одговор.  

„Најмногу се чувствувам виновен што ништо особено не можев да направам за Македонија, за поробените. На таа идејна основа, ако тоа може да се нарече вина, јас имам вина. И сите што не успеавме да ѝ ја обезбедиме бугарштината на Македонија, имаме извесна вина, дури и министрите во Бугарија што ги водеа и војните, и политиката, и друго (...) Бидејќи не е постигнато тоа што го сакавме за бугарштината во Македонија, природно, не сум задоволен… Само до некаде сум задоволен. Сметам дека донекаде сум го исполнил долгот, не сто отсто, затоа што не зависеа од мене сите околности. Тие околности се поврзани со луѓе, со власти, со семожни работи. Но, штом во Македонија не царува бугарштината и бугарското, би кажал дека дури и не ми се заспива кога ќе помислам на тоа. Со толку жртви, со три војни што ги водеше Бугарија и со сè друго, до таму дојдоа работите да не можеш сега во Скопје слободно да кажеш дека си Бугарин (...) За мене нема разлика меѓу Македонија и Бугарија. За мене целото е Бугарија“, вели Михајлов.

Проблем со ќерката на цар Самуил?

Споменик на цар Самуил во СкопјеФотографија: picture-alliance/dpa/T. Brey

Но, дали по Ванчо Михајлов, и други духови ќе се разбрануваат над РСМ? Под наслов „Ќерката на цар Самуил предизвика дипломатска активност по посетата на Пендаровски во Црна Гора“, весникот „24 часа“ потсетува дека пред неколку дена на церемонија во пристанишниот град Бар Пендаровски врачил спомен-плоча на Косара и Владимир, која според неговите зборови на Твитер ја покажува „силната симболика на добрите односи и културно-историската врска меѓу Северна Македонија и Црна Гора“.

„Проблемот, кој доведе до дипломатска активност, доаѓа од фактот што станува збор за Теодора Косара, ќерка на цар Самуил, која била мажена за кнезот на Дукља, Иван Владимир“, пишува „24 часа“, но не наведува никакви детали за каква „дипломатска активност" станува збор.

Дали поставувањето на таа спомен-плоча предизвикала некаква реакција на официјална Софија? Од Кабинетот на претседателот валат дека нема такво нешто.

Станува збор за спомен-плоча изработена од македонскиот скулптор Томе Аџиевски во чест на македонско-црногорското пријателство, а поставена во Бар во спомен на црногорскиот кнез Владимир и на легендата за неговата љубов со принцезата Косара, ќерката на цар Самуил, опеана во „Летописот на попот Дукљанин“.

На почетокот на април, на дневен ред на заедничката Комисија за историски и образовни прашања на дневен ред беше средовековниот период во македонските учебници по историја, односно прашањето за цар Самуил. Пред средбата и по средбата имаше контрадикторни одговори околу напредокот по тоа прашање.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми