Поради пандемијата на коронавирусот, земјата во голема мерка ги држеше затворени границите за посетители од странство - досега. Во Сиднеј и во Мелбурн имаше славенички сцени по пристигнувањето на првите странски гости.
Реклама
Странските туристи и луѓето кои патуваат поради работа денеска повторно започнаа да доаѓаат во Австралија, по две години забрана во земјата која имаше едни од најстрогите пандемски мерки во светот.
Австралија ги затвори границите за туристите во март 2020 година со цел да го намали локалното ширење на Ковид-19, но од денеска се укинати конечните рестрикции за целосно вакцинираните патници.
Првите патници на аеродромот во Сиднеј ги дочекаа весели жители на градот кои ги поздравуваа со коала играчки и омилените автстралиски прехранбени производи. Слични сцени имаше и на аеродромот во Мелбурн.
Да не се повтори случајот Ѓоковиќ
Сојузниот министер за туризам, Ден Техан, беше на аеродромот во Сиднеј да им посака добредојде на првите патиници на летот на авиокомпанијата Кавтас од Лос Анѓелес, кој слета во 6 часот и 20 минути по локално време.
Министерката за внатрешни работи, Карен Ендрус, рече дека ќе биде проверуван вакциналниот статус на патниците пред да пристигнат за не се повтори истиот дебакл како со српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ.
На Ѓоковиќ му беше издадена виза преку автоматизиран процес пред да тргне на Австралија опен во јануари, но по пристигнувањето во Мелбурн беше депортиран бидејќи не е вакциниран против Ковид-19.
Австралија денеска пријави 17.736 новозаразени и 34 починати со коронавирусот во последните 24 часа. Вкупниот број на починати од почетокот на пандемијата достигна 4.924.
Австралија во март 2020 година воведе едни од најстрогите рестрикции за патување за своите граѓани и за лицата со постојан престој за да спречи да не го внесат Ковид-19 во земјата. Патниците мораа да аплицираат за исклучок од забраната, но туризмот не беше прифатен како причина.
Совети за подобро здравје и расположение во пандемијата
Стресот е постојан придружник на современото живеење. Короната дополнително ја влоши состојбата. Што да се направи за да се остане здрав и во добра форма? Спортување, работа во градина, читање... и уште по нешто.
Кој е новиот омилен спорт на Германците? Пешачење! Студијата на еден здравствен фонд покажува дека 43% од Германците по почетокот на пандемијата одат почесто на пешачење отколку пред тоа. Полека или со побрзо темпо? Сѐ е добро кога сте опкружени со природа, кога гледате зеленило, вода, полиња, шума, море...
Базените, фитнес студијата и другите сали за вежбање се затворени поради пандемијата. Но, тоа не смее да биде изговор. Јога или пилатес во дневна соба, велосипедска тура или трчање во парк - телесната активност им годи на срцето и циркулацијата. Како алтернатива се можни и невообичаени активности, на пример жонглирање или одење по јаже. Сето тоа е можно да се прави на доволно растојание.
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Warnack
Виртуелни патувања
Во време на корона не може да се патува како порано. Притоа, одморот од секојдневието е важен за телесната и душевната благосостојба. Има начин да се патува без да се изложувате на ризик, седејќи на каучот дома, и тоа со помош на големиот број апликации за патување со виртуелни очила. Ако не може да се патува вистински, може барем виртуелно.
Фотографија: Colourbox/L. Dolgachov
Добра книга
Многумина во време на корона имаат повеќе слободно време, затоа што работат со скратено работно време, или затоа што не мора да патуваат до работното место. Според анализа на институтот за истражување на пазарот ГфК, направена по повод Франкфуртскиот саем на книгата 2020, 13% од испитаниците многу почесто посегнуваат по книга отколку пред пандемијата. Добрата книга го намалува стресот и релаксира.
Полни шкафови, преполни подруми, полици со книги кои само што не се урнале од тежина... Кому не му се познати барем дел од овие работи? Расчистувањето може да придонесе да се чувствувате подобро. Дури и науката одамна има утврдено дека ослободувањето од старите работи создава нова енергија и ѝ чини добро на душата.
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Weihrauch
Вкусна храна
Рестораните се затворени во време на локдаун. Со оглед на тоа што многу луѓе седат дома, во Германија сега се готви многу повеќе отколку порано. Наместо брза храна, на менито во многу домови има јадења подготвени со многу љубов од членовите на семејството. Статистиката покажува дека добро оди и бизнисот со т.н. кутии за готвење, во кои се ставени рецепт и состојките кои се потребни за него.
Фотографија: Fotolia/MK-Photo
Градинарство
Садење, полевање, берба - градинарството релаксира дури и кога се нема многу смисла за работа со растенија. И, сеедно е дали се има градина или балкон. „Градинарството и растенијата имаат релаксирачко влијание врз процесите на здравеење и ориентација во животот“, објаснува хамбуршкиот терапевт Роланд Штраус на својата веб-страница.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Медитација против стрес
Работа, фамилија, домашни задачи - честопати имаме толку многу обврски, што „не знаеме каде ни е главата“. Но, има начин за опуштање: различни истражувања покажуваат дека медитацијата ни дава поддршка за подобро да излеземе на крај со стресот. Оној кој го релаксира дишењето и духот, тој го опушта и телото, а од тоа профитираат, меѓу другото, и срцето и циркулацијата.