1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЦДУ на Меркел е на крстопат

15 март 2021

По историскиот пораз во Баден-Виртемберг и Рајнланд-Пфалц на конзервативците единствено им преостанува да станат проактивни. Во спротивно им претстои дебакл на сојузните избори, смета Марсел Фирстенау.

Weltspiegel 05.03.2021 | Corona | Deutschland Berlin | Angela Merkel, Bundeskanzlerin
Фотографија: Markus Schreiber/AP Photo/picture alliance

ЦДУ никогаш до сега немала толку лоши резултати во двете покраини. Значително под 30 проценти во две поранешни упоришта на демохристијаните во кои за нив не било реткост ни апсолутното мнозинство. Само погледот на надолниот тренд на бројките е доволен да предизвика паника кај многумина од редовите на ЦДУ. Шест месеци пред сојузните избори партијата мора да си го постави прашањето повеќе од било кога, како воопшто ќе може да излезе од вртлогот што ги влече надолу.

Оти слична е сликата и на сојузно ниво. Во актуелните анкети ЦДУ со сестринската ЦСУ од Баварија достигнуваат само 33 проценти. Цифра која веројатно ќе се намалува поради аферата со набавката на маски во која се вмешани и се збогатиле политичари од двете партии. Имено, шлаканиците на покраинските избори сигурно се поврзани и со погрешното и неоправдано однесување на двајцата пратеници кои во меѓувреме го напуштија Бундестагот. Но, Унијата нема да згреши ако причините за поразот почне да ги бара и на други места.

Аферата со маските го катализираше падот

И да беше во врвна форма на ЦДУ секако ќе и беше тешко да ги добие изборите. Во Рајнланд-Пфалц социјалдемократската премиерка Малу Драјер и без мизерниот перформанс на Демохристијаните повторно ќе стасаше како победник на целта.

Марсел Фирстенау, автор на коментаротФотографија: DW

Истото важи и за премиерот на Бадем-Виртемберг од Зелените, Винфрид Кречман. Тоа што повеќе треба да ги замисли луѓето во ЦДУ е што и во двете покраини тие не се нужно неопходни за да се формира стабилна владина коалиција. Во Рајнланд- Пфалц се изгледа дека ќе продолжи коалицијата „семафор” од социјалдемократите, Зелените и Либералите.

Повеќе:

-Дебакл на партијата на Меркел

-Германија: Покраински избори среде корона – криза

-Маски, пари и немање морал

Во Баден-Виртемберг барем бројките го дозволуваат истото трио. Првиот и за сега единствен премиер од Зелените во Германија, Винфрид Кречман, би можел да ги изостави ЦДУ од владина коалиција. Со нив владее од 2016, но дали навистина ќе сака да продолжи со толку поразен партнер?

Ерата на Ангела Меркел завршува слично како на Хелмут Кол

И покрај сите задршки, многу нешта говорат во прилог на тоа дека Зелените на југот од земјата се презентираат толку конзервативни што слободно може да се каже оти се копија на ЦДУ.  Поради тоа таму толку добро и се сложуваат – и може да служат како пример за идната владина коалиција во Берлин. Се поизвесно е дека еколошката партија сака да биде дел од идната владина коалиција по изборите на есен, а тоа веројатно ќе биде можно само со партиите од Унијата. И покрај нивната моментална слабост математички (сѐ уште) нема друга алтернатива освен црно-зелена влада во ерата по Меркел.

Германската канцеларка по 16 години на власт нема повеќе да се кандидира. Падот на нејзината партија, непосредно пред крајот на нејзината ера потсетува на крајот на нејзиниот политички татко Хелмут Кол, кој од 1982 до 1998 година исто толку долго беше германски канцелар. И тој зад себе остави несигурна ЦДУ, која тогаш грубо слета во опозициските клупи. Во контекст на актуелните анкети за парламентарните избори таборот на Унијата сепак ќе може да се утеши дека и во иднина ќе ја заземе канцеларската позиција. Но, за тоа што поскоро мора да го постави курсот и во однос на кандидатот и на стратегијата.

Унијата мора што побрзо да го објави кандидатот за иден канцелар

Германија и светот сакаат да знаат кој ќе ја наследи Ангела Меркел, ако Унијата по изборите во септември продолжи да ја води владата и покрај сегашните изборни порази. Идниот канцелар може да се вика Армин Лашет (ЦДУ) или Маркус Зедер (ЦСУ). Еден од двајцата ќе биде идниот кандидат за канцелар. Колку побргу се донесе одлуката, толку поскоро партиите на Унијата ќе може да се тргнат од негативните наслови. Исто така и Зелените ќе знаат со кого ќе си имаат работа доколку дојде до договор за коалиција со конзервативците. 

И гласачите во Германија конечно ќе може поконкретно да размислуваат за тоа кому повеќе му веруваат – на можниот канцелар Лашет или Зедер. Како потенцијални кандидати во изборната кампања и двајцата се исправени пред тешка задача да го поправат нарушениот имиџ на партијата. Хипотека на која никој не може да им позавиди, но е нешто што мора итно да се одработи, без оглед на исходот од парламентарните избори.  

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми