1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По изборниот пораз, никој не го сака Армин Лашет

ДД | агенции
30 септември 2021

Кусо по изборниот дебакл, партијата на Ангела Меркел веќе е во кризен-модус. Веќе се слушаат повици за оставка на лидерот Армин Лашет, иако тој се надева дека може да стане канцелар.

Bundestagswahl 2021 | Armin Laschet am Wahlabend
Армин ЛашетФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Изборните резултати на неделните парламентарни избори го ставија под лупа на јавноста лидерот на германските конзервативци (ЦДУ) Армин Лашет. Тој ги загуби изборите, но и натаму се надева дека може, преку коалициска влада, да стигне до канцеларската функција. Дури и непосредно по објавувањето на првите резултати, кога беше јасно дека неговите демохристијани ќе претрпат историски пораз, Лашет пред камерите соопшти дека „добил јасен налог од гласачите“ да формира влада како канцелар.

Анкетите покажуваат дека мнозинството Германци не го сакаат Лашет за канцелар, а сега истата порака стигнува и од неговата матична партија.
Во прв ред, загрижени се премиерите од покраините на кои им претстојат регионални избори. За нив, Лашет е товар од кој сакаат да се ослободат. 

Лашет веќе имаше прилика да ги слушне критиките на состанокот на претседателството на партијата, каде конзервативните премиери од истокот на земјата јасно го изразиле ставот дека тој не е вистинскиот човек за изборите. Заменикот-претседател на ЦДУ и актуелен министер за здравство, Јенс Шпан бараше смена на генерации и подмладување на партиското раководство.

Лашет и натаму смета дека може да ги привлече Зелените и Либералите на своја страна. Всушност, тој насетува дека тоа му е единствената шанса да не заврши во политичка пензија, откако пред изборите најави дека нема да се враќа на местото премиер на Северна Рајна-Вестфалија. 

Најдиректен во оценките беше премиерот на Саксонија, Михаел Кречмар кој рече дека резултатот е катастрофа за конзервативците. Тој ја отфрли можноста сѐ да остане како досега, затоа што таа логика, според него, довела и до поразот. „ЦДУ ги загуби овие избори“, рече Кречмар. На истокот на земјата, на конзервативците им гори под нозе затоа што расте рејтингот на десничарската Алтернатива за Германија (АфД). Во Саксонија, АфД освои 10 од 16 директни мандати, а во Тирингија станаа најсилна партија. 

Избори во Германија: „Хипикот“ Бербок против „џогерот“ Шолц и „вљубениот“ Лашет

01:36

This browser does not support the video element.

Барања за оставка од вториот ред 

Од разни сектори во демохристијанското милје стигнуваат јасни барања: подмладување на партијата, обнова, да не се останува на власт по секоја цена. Подмладокот на ЦДУ од Саксонија и Долна Саксонија веќе побара оставка од Лашет. Пратеничката во парламентот на Рајнланд-Фалц, Елен Демут му порача на Лашет да „спречи натамошна штета и да поднесе оставка“. Во изјава за медиумите таа ја спореди состојбата со приказната за Царевото ново руво. „Сите знаат дека царот е гол, но никој да го каже тоа“. 

Ни атмосферата во земјата не му оди од рака на Лашет. Дури 71 отсто од Германците, според анкетите, сметаат дека е погрешно Лашет како изборен губитник да формира влада. Само 22 отсто испитаници го поддржуваат тоа. Меѓу симпатизерите на ЦДУ и ЦСУ, амбициите на Лашет ги поддржуваат 55 отсто од испитаниците, но и таму 32% се против. 

Во моментов едно е јасно, доколку Армин Лашет не успее со некое чудо да застане на чело на новата влада, тешко ќе може да се одржи на врвот на партијата. Во таков случај му преостанува да биде пратеник во парламентот или да се повлече од политиката. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми