1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По Кардиф не требаат поплаки, туку засилена активност

Костадин Делимитов5 септември 2014

Фактот дека Македонија „извиси“ на уште еден НАТО самит и не доби покана за членство во Алијансата не е изненадување, односно помалку или повеќе е очекуван епилог за домашната политичка и експертска јавност.

Фотографија: DW/Petr Stojanowski

И по Кардиф е јасно дека Македонија останува важен партнер на Алијансата во нејзините мисии, но уште појасно е дека без решение на спорот со Грција отворањето на вратите за членство се безмалку невозможна мисија. Оправдан или не, ваквиот развој, според дел од експертската јавност во земјата, не треба да биде повод за жалење и „фрлање камења по виновниците“, туку напротив, дополнителен мотив за зголемена активност на секое поле, посебно во дипломатијата:

„Во ваква една ситуација не треба ние сега да се жалиме и да ’плачеме’ туку треба да преземеме иницијатива и зголемена дипломатска активност. Ако ние се однесуваме проактивно и на Самитот и во сите средби со сите влијателни политички актери сигурно дека ќе има одредени резултати. Мислам дека нема да беше лошо во име на Владата да упатиме едно писмо околу проблемот со името со Грција за одредени структури на НАТО да бидат вклучени како логистика во процесот, односно да помогнат да го решиме проблемот. Мислам оти самиот факт дека покажуваме интерес ќе биде позитивно оценето и во НАТО“, коментира за Дојче веле Исмет Рамадани, претседател на Евроатлантскиот совет на Македонија.

Активност во делувањето и сериозност во политиката сугерира и поранешниот македонски амбасадор Нано Ружин. Сепак, тој е загрижен што декларативните заложби не ја отсликуваат реалната состојба на терен:

„Македонија и дефинитивно треба цврсто да остане на заложбите за членство во НАТО, не само декларативно, туку и проактивно. Погледнете ја само буџетската поддршка за одбраната. Таа е далеку под принципите на НАТО и е само 1,15% од буџетот, наспроти праксата или барањето за 2 или 2,5 отсто. А до 2008 година тоа не беше случај. Во последно време е воочлива појавата и на зголемување на НАТО скептицизмот. Проблем е и поделеноста што се јавува во земјата, посебно кај Албанците, кои нормално сакаат да бидат дел од НАТО како што тоа е случај и со нивните сонародници во соседството и затоа кај нив има подготвеност за компромис во спорот со Грција. Но од друга страна, ако се слушаат изјавите на премиерот во врска со евентуалниот референдум за промена на името, кој вели дека во таков случај би гласал против промена на името Република Македонија, тогаш е јасно дека нема подготвеност за компромис. Тоа ја отсликува поделеноста во земјата, што не е добро. Затоа сметам дека со оваа Влада не можеме да одговориме на предизвикот со кој сме соочени“, коментира Нано Ружин, поранешен амбасадор на Македонија во НАТО.

За македонските власти главниот виновник за блокадата е Грција, кај која не постои волја за надминување на спорот, што според шефот на дипломатијата Попоски веќе им станало јасно на сите во Алијансата. Како што изјави по средбата со своите колеги, тој инсистирал на почитување на меѓународното право и почитување на принципите на Алијансата со оглед и на придонесот на Македонија во НАТО, кој е многу поголем и од земји што ја уживаат привилегијата на членки.

MO: Aрмија во изминативе години се градеше постепено и денес војниците стојат рамо до рамо со припадниците на останатите армии кои се дел од Алијансата (архивска фотографија од Авганистан, април 2012 година)Фотографија: DW

Од кабинетот на министерот за одбрана Зоран Јолевски, кој исто така е присутен на самитот, велат дека во ваква ситуација е клучно што земјата ги има исполнето сите критериуми за членство во Алијансата:

„Македонија ги исполнува критериумите согласно членот 10 на НАТО-алијансата и подготвена е уште денес да стане членка и да ги преземе сите одговорности кои се дел од тоа членството. Но, мора да истакнеме дека она што го прави Република Македонија и ние како Министерство за одбрана во поглед на трансформацијата и реформите, го правиме пред се‘ за Република Македонија, за нашите граѓани и за припадниците на Армијата на Република Македонија, а потоа за да бидеме дел од НАТО и ЕУ. Нашата армија во изминативе години се градеше постепено и денес можеме гордо да изјавиме дека нашите војници стојат рамо до рамо со припадниците на останатите армии кои се дел од Алијансата. На Армијата на Република Македонија се гледа како рамноправен сојузник на останатите. Нашите пријатели ја гледаат Република Македонија, како де факто земја членка на НАТО. Република Македонија останува определена и ние остануваме на патот кон, евроатлантските организации. Реформите што се прават за постигнување на оваа цел позитивно влијаат и врз квалитетот, стабилноста и безбедноста на Македонија“, велат од кабинетот на Јолевски.

По Букурешт и Чикаго, ова е трет самит на НАТО на кој Македонија не добива покана за членство. „Алијансата не ги крши или не може да ги крши принципите на одлучување, но ако е за утеха, тогаш на овој самит е значајно што е прекршен барем еден од принципите - ословувањето со нејзиното уставно име Република Македонија“, коментира за Дојче веле поранешен дипломат и добар познавач на евроатлантските процеси.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми