1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По кој пат ѕвони поштарот

18 јануари 2020

Може ли македонските политичари да си дозволат да ја поткопаат иднината на државата само поради законот за обвинителството? Може – затоа што тие главно мислат на себеси и на нивните партии. Пишува Љупчо Поповски

Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

Дали политичарите имаат воопшто претстава какви се желбите на граѓаните? На тоа прашање е речиси невозможно да се одговори. Некогаш желбите и притаените стравови на граѓаните се под линијата на напредокот, па тогаш храбрите и визионерски политичари треба први да зачекорат преку мостот од јажиња. Некогаш општеството е похрабро и попрогресивно од застоената бара на политиката и тогаш може да дојде до конфликт. Некогаш политичарите едноставно седат заклучени во партиските штали не водејќи сметка за пошироките интереси, па граѓаните резигнирано, а делумно и со олеснување решаваат наредени во бригади да ја напуштат земјата.

Овдешната јавност допрва треба да се навикнува на Унгарецот Оливер Вархељи како еврокомесар за проширување, а сигурно и тој во неговата нова улога. Но никој не е незадоволен од неговата прва посета на Скопје. Воздржаноста кон него преку перцепцијата како еден од најдоверливите дипломати на унгарскиот премиер Виктор Орбан во голема мерка се стопи кога тој јасно ја претстави  сцената за игра подготвена од новата Европска комисија. По спектакуларното вето на Емануел Макрон за Македонија во октомври, што предизвика оставка на премиерот Зоран Заев, Европската комисија преку Вархељи едноставно претстави три точки врз кои треба да се концентрира македонската политика – имплементацијата на Преспанскиот договор, почитувањето на договорот со Бугарија и усвојување на новиот закон за јавно обвинителство. Вархељи беше новиот европски поштар кој уште еднаш заѕвони на македонските политички порти. ЕУ не се заканува со стражарно приведување на политичарите од власта и од опозицијата, туку едноставно предупредува дека ќе бидат стражарно дистанцирани од перспективното европско семејство ако не водат сметка за овие барања.

За речиси целиот дел од јавноста во овие барања нема ништо фамозно тешко. Во преспанското оро веќе играме (како и Грците) и од него е тешко да се излезе. Договорот со Бугарија не е таков тежок камен кој може да не однесе на дното, без оглед на нелогичните ставови од Софија околу историските личности. Законот за јавното обвинителство не е квадратура на кругот која не може да се реши. Ама? Политичарите не мислат исто што и јавноста. Нивната главна грижа е најмногу насочена кон партијата и нејзините интереси. А колку повеќе ги одолговлекуваш работите тие може да пермутираат.

Во октомври единствената пречка што се исправи беше Макрон и неговото барање за промена на методологијата за преговори. Други забелешки немаше (освен одбивањето Македонија и Албанија да се раздвојат) ниту од него, ниту од останатите лидери. Тогашниот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер десет пати изјави дека Македонија целосно ја заврши својата работа, но дека ЕУ потфрли и направи историска грешка. По таа блокирана шанса новата Европска комисија во некаква конвергенција со нон-пејперот на Париз и оној другиот на 11 земји членки, сега малку ја промени реториката.

Едноставни пораки

Основната цел на пораката што ја пренесе Вархељи  е да се испита зрелоста на македонските политичари и пред можното донесување одлука за датум на самитот во март да се испита што им е поважно на партиите и нивните лидери – иднината на државата или победата на изборите, па макар била на штета на интересите на граѓаните. Пораката од ЕУ е насочена и кон власта и кон опозицијата. Итното испраќање на предлог-законот за јавно обвинителство заеднички од СДСМ и ДУИ до ВМРО-ДПМНЕ е обид на владините партнери топката да ја префрлат во дворот на опозицијата и со евентуалното одбивање или одолговлекување пред почетокот на кампањата во јавноста да се претстави кој бил вистинскиот кочничар на европската перспектива на земјата. ВМРО-ДПМНЕ може да се најде на тенок мраз. Ако го одбие предлогот и до 12 февруари парламентот не го усвои новиот закон, мини извештајот на Европската комисија за Македонија и Албанија, што треба да биде објавен идниот месец, може да стави некоја кочница пред самитот во март. Па дури Албанија да добие и попозитивни оценки од Македонија. Во еден парадоксален развој на ситуацијата може да се случи Албанија да претрпи последици во нејзиниот европски пат поради застојот во Македонија.

Ангела Меркел и Андреј Пленковиќ - С. Македонија направи огромен скок Фотографија: Getty Images/S. Gallup

Ангела Меркел во четвртокот по средбата со хрватскиот премиер и претседавеч со ЕУ, Андреј Пленковиќ, ги потури со вода политиките на опозициските првенци од минатата година околу потребата за разбивање на македонско-албанскиот пакет, велејќи дека „Албанија и Северна Македонија припаѓаат кон иста група“ и на тој начин застана зад истата платформа што во октомври ја презентираше Емануел Макрон. Но ја кажа и германската дистинкција во однос на тандемот: „Обете земји треба да започнат преговори, но притоа да следат различни патеки, затоа што секој треба да биде оценуван според сопствените успеси“. Тоа е добра позиција за Македонија и треба да видиме дали некој овде ќе знае убаво да го види тоа.

Претходни колумни од авторот:

Во судницата

Разузнавачка мисија зад линиите на противникот

Многу нон-пејпери, неизвесна иднина

Пораката на Вархељи за продолжување на имплентацијата на Преспанскиот договор (ако Македонија сака да напредува кон ЕУ) е непријатна за опозицијата, која последниве месеци дури зборува за негово укинување ако собере двотретинско мнозинство во Собранието. Овој јасен став на Брисел може да измести дел од вмровската кампања за изборите и да се прилагоди на европските очекувања. Доколку ВМРО-ДПМНЕ и натаму опстане на ставот дека сака да го поништи овој „предавнички договор“ ќе има големи проблеми да го прошири својот повик за промени надвор од традиционалното патриотско гласачко тело. А потоа, доколку победи, ќе му биде ужасно тешко да најде партнер за владеење кој ќе сака да го закопа Преспанскиот договор. Но чудата во политиката се случуваат, па Христијан Мицкоски, по можната победа едноставно да ја сврти плочата и да дава бескрајни ветувања дека мора да се почитуваат меѓународните договори, па и Преспанскиот.  И тоа е така во политиката – преку ноќ може да се променат ставовите ако ситуацијата на теренот го бара тоа.

Во рововите

Големо прашање е дали партиите ќе излезат од своите ровови и ќе успеат да најдат заеднички јазик за законот за јавно обвинителство. Ако на ВМРО-ДПМНЕ му пречи, како што вели пратеникот Антонио Милошоски, што во новиот предлог-закон се оставал некаков обид тимот од СЈО да влезе во Обвинителството за организиран криминал, со тоа само ќе потврди дека главната цел на партијата е своевидна одмазда кон специјалните обвинители. Откако на партијата и успеа да го уништи СЈО, таа потоа отиде кон обвинителите, па дури и кон обичните вработени таму. Таа жед за одмазда не може да се скрие, ниту вмровските првенци сакаат да ја скријат. Тие сакаат нивнита победа врз институцијата СЈО да биде целосна, без остаток, па макар за тоа била жртвувана и европската иднината на земјата.

Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

ВМРО-ДПМНЕ, се разбира, не ја одби од прва оваа нова верзија на законот. И разбирливо е што партиските правни експерти би сакале неа да ја разгледаат наредните денови. Антонио Милошоски вели дека нивните предлози за законот би биле согласно стандардите на Венецијанската комисија. Но Венецијанската комисија нема свои утврдени стандарди за закон за обвинители, затоа што секоја земја различно го уредува, на пример, местото на главниот јавен обвинител. Во Полска популистичката влада со законските измени направи министерот за правда да биде и главен обвинител. Според примерот од САД. Во Германија главниот јавен обвинител ја претставува владата во случаите на криминал против државата (како тероризам, злосторства против човештвото, шпионажа и многу други граѓански и административни случаи). Министерот за правда го предлага јавниот обвинител со одобрение од горниот дом на парламентот, а го назначува претседателот на државата. Во Франција обвнителскиот систем е целосно поинаков од другите земји и наизглед многу комплициран. Во Шпанија владата го именува јавниот обвинител. Новата влада на Педро Санчез на нејзината прва седница донесе две одлуки – едната за зголемување на пензиите за 0,9 остто, а втората за именување на поранешната министерка за правда Долорес Делгадо за јавен обвинител. Санчез го објаснуваше овој потег со зборовите дека нејзината независност не може да се доведе во прашање, без оглед што таа беше пратеник на неговата партија. Така што, кои би можеле да бидат стандардите на Венецијанската комисија –шпанските или полските. 

Во основа, сето ова е поврзано со македонските избори во април. Двата круга на локалните избори во Франција се на 15 и 22 март. Самиот на ЕУ е на 26 март. Макрон ќе може да дојде растоварен од изборните грижи на самитот и таму Франција евентуално да попушти околу датумот за преговори со Македонија и Албанија. Таквата одлука би била силен ветер во сдсмовските едра пред да почне кампањата. ВМРО-ДПМНЕ не би сакало таа одлука да биде донесена во март, туку на самитот на ЕУ во мај во Загреб. Но прашањето за кое засега нема одговор е дали европските лидери би сакале да го наградат Заев за неговата храброст околу договорот со Грција по неправдата што и беше нанесена на Македонија во октомври со француското вето или да им дадат шанса на противниците на Преспа.

Во очекување на новата методологија за преговори со ЕУ македонските политичари треба да завршат една работа – да го донесат законот за јавно обвинителство. Ако тоа не се способни да го направат, довербата на јавноста во нив и нивните партии ќе се стрмоглави уште подолу и тие ќе се најдат на еден брег од широката река – на спротивниот ќе бидат сите други граѓани од државата.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми