1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЦДУ во очекување на Мерц

Феликс Штајнер
2 ноември 2018

По најавата на Ангела Меркел за повлекување од партиското кормило, во ЦДУ засилено се врти кандидатскиот карусел. Вистински шанси за успех притоа има само еден единствен кандидат, коментира Феликс Штајнер.

Karikatur von Sergey Elkin Insa-Umfrage

Фридрих Мерц е тотална спротивност на Ангела Меркел. Во ситуации каде таа порамнува и посредува, тој радо врши заострување и поларизирање. За разлика од Меркел, која ја заспива и умртвува публиката со пресметаната монотонија и ограничените реторички способности, Мерц може да предизвика вриење во една сала. Таа стана поим за социјалдемократизација на ЦДУ. Тој олицетворува јасен конзервативен профил. Токму затоа меѓу симпатизерите на партијата е толку интензивен копнежот по Фридрих Мерц, загубениот син на ЦДУ.

Сепак, во објавените коментари во германските медиуми по нејзината неочекувана најава за повлекување, за Ангела Меркел уште се плетат ловорови венци. Спротивно на сите нејзини претходници, нејзиното збогување протекува толку самоопределувачки, толку достоинствено. И ве молам, ако може таа да остане канцеларка до максималниот крај на мандатот во есента 2021. година.

Оној кој не гласа за ЦДУ, не ја сака Меркел

Да, така може да изгледа во круговите каде никогаш не се гласало за ЦДУ, ниту пак тоа ќе се случи во догледна иднина, сеедно кого и да го избере партијата за нов претседател. Во самата партија владее сосема поинакво гледиште: со своето „самоопределувачко“ повлекување, Меркел само пресретна пуч против себе. Што би бил и сосема разбирлив и логичен, кога по секои избори, се губи околу една третина од избирачите. СПД можеби може такво нешто да поднесе, но не и ЦДУ!

А тоа што по само неколку часа на маса веднаш се најдоа три проминентни кандидатури, покажува: ништо не е поинаку од обично. Ако шефицата на ЦДУ благовремено изградеше сестрано прифатлив наследник, трката ќе беше завршена долго пред да се чуе стартниот сигнал. Но, сега не е така и токму затоа работата е толку возбудлива. Имено, во ЦДУ важи непишаното правило: оној кој е на чело на партијата, е природен претендент за канцеларската функција.

Феликс Штајнер

Ова е заднината на настапот на Фридрих Мерц на бината - човекот кој по девет години апстиненција, сака да се врати во политиката. За да ја наследи жената која своевремено го шутна во аут. Одмаздата како мотив? Можеби. Но, само со тој адут нема да ги освои срцата на партиската база. Во меѓувреме, како адвокат во стопанството и член на повеќе надзорни одбори веројатно заработи милиони евра, собирајќи притоа и богати искуства онаму каде се заработуваат парите, кои пак политиката толку радо ги троши. Значи, тој би имал многу што да каже на темата толку престапнички запоставувана од сегашната влада: на каков начин може и во следните декади да биде обезбедена германската благосостојба, благодарение на економската сила.

Фридрих Мерц - растројувачки елемент?

Дали е Мерц од таа причина непожелен елемент, разбранувач на етаблираната политика, слично како Доналд Трамп во САД, Емануел Макрон во Франција или Себастијан Курц во Австрија? Не би се рекло, зашто голем дел од неговата репутација се должи на спомените од минатите времиња: незаборавен е неговиот предлог-даночен концепт од 2003. година, кој предвидуваше значително помали даноци и поедноставено пресметување, така што секој граѓанин својот данок на приход би можел да го пресмета, како што рече фигуративно Мерц, на подлога за пивска чаша. А кој не би сакал таква некомплицирана држава? И, уште одамна пред миграциската криза од 2015. година, Мерц размислуваше за германска водечка култура, на која би требало да се приклонуваат сите доселеници.  

Дури и само овие два примера јасно покажуваат дека Фридрих Мерц би можел на ЦДУ да ѝ поврати значајни елементи од нејзиното јадро, од нејзиниот бренд, кој толку болно им недостасува на многумина по 18 години со Ангела Меркел - татковина, нација и слобода од преголеми државни компетенции.

Повеќе: 

Шојбле: Меркел донесе вистинска одлука во вистинско време

Космосот на Меркел: бројки и факти

Вистински потег на Ангела Меркел

Оттаму, не е никаква случајност што од Фридрих Мерц како можен шеф на ЦДУ првенствено стравуваат во АфД. Додека од Анегрет Крамп-Каренбауер би можело да се очекува пред сѐ продолжение на курсот на Меркел само под друго име, со Мерц се отвора реален изглед за повторно освојување на загубените гласачи, преминати кај десните популисти.

Лидер на ЦДУ, од кого корист би имала и СПД

Дури и СПД може да се радува на доаѓањето на Мерц: карикираната слика на алчен по пари менаџер од концернот БлекРок, кој ги пренебрегнува интересите на обичните луѓе - кој може да смисли попривлечен изборен мотив за овенатите социјалдемократи?

Успешен партиски лидер треба да ја одржи ЦДУ како народна партија и повторно да собере близу 40 проценти гласови. Радикално свртување в десно притоа е забрането, зашто ЦДУ има и либерални и христијански корени. Но, задачата АфД повторно да се намали, е реално остварлива. А со оглед што Фридрих Мерц има веќе 63 години, останува уште доволно време и за Јенс Шпан, другиот 38-годишен кандидат од конзервативното партиско крило. Пожелно би било тој самиот што поскоро да дојде до ваков заклучок!

Самата Ангела Меркел, ако Мерц го преземе кормилото на ЦДУ, би морала да се повлече од канцеларската фотелја многу порано од 2021. година, сеедно што се зборува пред микрофоните деновиве. Но веројатно таа уште одамна тоа го претчувствува, зашто Мерц уште пред 15 години нишанеше на канцеларскиот кабинет. А сега пак токму вистински. Иновативно ориентирана коалиција со Либералите и со Зелените во овие моменти е можна и без нови избори. Значи, ЦДУ - само храбро!

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми