По Брисел, Источна Европа се чувствува во право
26 март 2016Прво се слушаа зборови на сочувство со белгискиот народ. Во Варшава, Прага и други главни градови во Централна и Источна Европа, се изразуваше жалење поради нападите. „Сите вредности кои ги сметаме за темел за изградба на заедницата, почнуваат да лежат во урнатини“, изјави полската премиерка Беата Шидло. Таа звучеше погодено, но некако, како да не го кажа последниот збор. И навистина: едвај 24 часа подоцна, Шидло соопшти дека моментно не гледа можност „бегалците да дојдат во Полска“. Притоа, до крајот на март во Полска требаше да стигнат првите 100 Сиријци. За целата година се планирани 400 луѓе. Претходната влада се обврза да прими 11.500 бегалци, а новата вети да го исполни договорот. Ова повлекување треба да се сфати како недостаток на солидарност, сметаат експертите „Никој не мора да стравува од создавање паралелни општества при таков скромен број од 400 бегалци годишно“, вели Каи-Олаф Ланг, експерт од Фондацијата Наука и политика во Берлин. Тоа што Полска толку брзо се повлече, попрво покажува дека нападите во Брисел ги искористи како изговор, убеден е Ланг.
Источна Европа функционира поинаку
Полска не е исклучок, зашто „терористичките напади во Брисел во Источна Европа создаваат чувство дека беше во право поаѓајќи од постоење врска меѓу доаѓањето бегалци и опасноста од тероризам“, вели овој експерт. Реакциите од сите земји од Вишеградската група, а и пошироко, го потврдуваат ова мислење.
Во Будимпешта министерот за надворешни работи Петер Сијарто преку унгарската државна новинска агенција соопшти оти опасноста од тероризам е зголемена поради неконтролираната илегална имиграција. Дури и во официјалната изјава на пратеничката група на Фидес се вели: „Европа за својата политика сега плаќа со животите на свои граѓани.“
„Таквите изјави се наменети за внатрешната политика, но истовремено се и сигнал во правец на Берлин и Брисел“, вели Јакоб Воленштајн од Фондацијата Конрад Аденауер во Берлин. Притоа нагласува дека владите во регионот „забораваат“ дека не постои врска меѓу бегалците и нападите во Брисел-зашто сите тројца терористи се родени во Белгија.
И во Чешка и во Словачка не се прави голема разлика меѓу бегалци и терористи. Слично е и во Бугарија. Премиерот Бојко Борисов по нападите изјави: „Невозможно е интегрирање на терористи. Не е фер Европа да плаќа милијарди за тие луѓе, а тие да не‘ удираат директно в срце.“ Жестоката реакција на Бугарија може да се објасни со фактот што земјата има искуство со исламскиот тероризам. Во летото 2014 година на аеродромот во Бургас либански бомбаш се дигна во воздух во автобус со израелски туристи, епилогот - седум мртви и преку 30 повредени луѓе.
Една Европа, два света
„Реакциите на Источна Европа потекуваат од два спротивни става во Европа“, вели Каи-Олаф Ланг. „Западна Европа сака да го задржи своето отворено општество и не сака терористите да ја присилат на претерани мерки за безбедност. Таа е подготвена на сметка на тоа да прифати одреден безбедносен ризик“, вели Ланг. Во Источна Европа се презема се‘ за да не дојде воопшто до тоа, вели експертот. Тамошните влади се цврсто уверени во своите гледишта, посебно што по ова прашање имаат доволно скептични граѓани зад себе, објаснува Ланг.
Тоа е видливо и по социјалните мрежи во овие земји, но и во парламентите, како неодамна во Словачка. Од пред неколку дена меѓу 150 пратеници во Братислава првпат мандат имаат и 14 десничарски екстремисти. Ново-стариот премиер Роберт Фицо, познат по своето противење кон муслиманските мигранти, наскоро ќе може во дебатата околу бегалците да се вмеша уште погласно, зашто неговата земја од јули 2016 година го презема претседавањето со ЕУ.