1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По повикот за востание: Авганистан не е исто што и Ирак

13 април 2004

Коментар на Кристоф Хајнцле

Авганистан, пејсаж
Авганистан, пејсажФотографија: DW

Некогашниот премиер на Авганистан и еден од озлогласените “господари на војната” Гулбудин Хекматјар се закани дека наводните окупатори и во таа земја ги очекува иста ситуација како и во Ирак; тој, имено, вчера повика на востание против американските и другите сојузнички трупи. Повик на џихад од негова уста нема прреку ноќ да го турне Авганистан во хаос, но неговите зборови во секој случај се предупредувачки сигнал.

Гулбудин Хекматјар е итар и искусен. Тој знае како се создава расположение и како тоа се користи. Доказ се и неговиот повик за народно востание во Авганистан, како и изразите на солидарност со борците на џихадот во Ирак. Тамошното крвопролевање треба да ги охрабри и евентуалните востаници под Хиндукуш. Хекматјар повикува на ужасен натпревар и пророкува дека Авганистанците побргу отколку браќата по вера во Ирак би ги протерале своите окупатори.

Водачот на една од милициите и поранешен премиер на Авганистан знае како се војува против окупатори – тој беше еден од предводниците на отпорот против советската армија во 80-тите години. Хекматјар знае како се води војна – тој беше еден од најодговорните за уништувањето на големи делови на Кабул во 90-тите години. Фундаменталистичкиот водач знае и како се прави пропаганда – тој во изминатите двеипол години повеќепати повикуваше на света војна против неверниците, меѓународните војници и хуманитарците.

Но, Авганистан не е Ирак. Расположението по падот на талибанците беше и и натаму во големи делови на земјата е оптимистичко. Големи се надежите за меѓународна помош и благодарноста за експертите и парите за обнова. За разлика од Ирак, има малку дефинирани групи и партии, а многу милиции, мали групи и движења. Сите тие имаат различни интереси. Некои се борат отворено, како Хекматјар и талибанците, некои прикриено, како Ал Каеда. Некои надворешно искажуваат лојалност кон владата, но на големо се борат за сопствена моќ и влијание.

Сето тоа не е ново. Непријателства и ривалитети меѓу муџахедините долги години и’ даваа белег на авганистанската политика, а ги има и денес, исто како и некогашните водачи, се’ едно дали се викаат Хекматјар, Рабани или Достум. На најголемиот дел од луѓето им е преку глава од нив и ја отфрлаат нивната егоистичка и нечовечна политика на моќ. Авганистанците знаат што можат да очекуваат од тие луѓе. И по тоа Авганистан не е Ирак.

Но, тоа не е причина за славје. Стабилноста на земјата е сериозно загрозена. Хекматјар можеби нема харизма за да биде предводник на востание, но со напади може да ја кочи обновата и демократизацијата. Талибанците можеби немаат широка поддршка во населението, но во една петтина од Авганистан проширија доволно ужас за таму да го спречат развојот. Господарите на војната во провинциите можеби неможат да ја соборат владата на претседателот Карзаи, поддржувана од странство, но со нивните приватни армии тие можат да ја ограничат нејзината власт и да ја одржат својата сопствена.

Сите групи заедно не го носат Авганистан на работ на нова граѓанска војна, но можат да ги загрозат изборите и да ја заслабнат веродостојноста на централната влада. А од тоа настануваат нестабилност и фрустрација. Веќе и ги има, пред се’ на југот и на истокот. А има и доволно групи кои сакаат да прават капитал од разочарувањето на луѓето. Во 1996-та година очајот поради хаосот што владееше ги тераше Авганистанците во рацете на талибанците. Се’ уште не е повторно дојдено до таму. Се’ уште не е предоцна да се внесе развој и во подрачјата на талибанците и да се сврти водата од нивната воденица. Се’ уште не е предоцна со меѓународни воени бази да се донесе безбедност на поширока територија, во провинциите. Се’ уште не е предоцна да се разоружаат господарите на војната. Но, часовникот отчукува. До планираните избори во септември мора брзо и многу нешта да се случат.

Кристоф Хајнцле

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми