1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По повод меѓународниот ден на жената – барање за поофанзивна примена на Резолуцијата 1325 на ОН

4 март 2004

Меѓународниот ден на жената почна да се одбележува од 1911 година. Годинава, различни меѓународни организации на жени, повикуваат на примена на Резолуцијата 1325 на Советот за безбедност на ОН, донесена едногласно на 31 октомври 2000-та година.

Мировници на ОН
Мировници на ОНФотографија: AP

Резолуцијата 1325 бара вклучување на жените на сите нивоа од мировните процеси. И ЕУ, министрите за надврешни работи на Г8 и ОЕЦД се согласни дека жените треба да бидат вклучени во сите фази на решавањето на конфликтите. Ирмгард Лике, портпарол на Германската платформа за цивилен третман на конфликтите и член на Германскиот женски совет за безбедност, вели:

”Во основа не може да биде постигнат никаков траен мир, без во мировниот процес да биде вклучена и втората половина – жените, и тоа на сите нивоа. Жените во дискусиите воведуваат други аспекти. На пример, ако се работи за темата човекови права, се работи истовремено и за темата права на жените. Постојано сме сведоци дека кога жените не се учесници, на нивните права се обрнува помалку внимание.”

Уште полошо. Денеска сеуште преговараат оние кои ги водат војните. Голем број студии од конфликтните региони покажува дека жените го доживуваат насилството поинаку од мажите. Освен тоа, жените повеќе се напрегаат за мир и помирување. Мартина Фишер, од Берлинскиот истражувачки центар Бергхоф за конструктивен третман на конфликтите, вели дека конечно мора да бидат земени предвид потребите на жените.

”Мислам дека жените треба да се имаат предвид како актери во едно општество. Дали навистина може да се има женски поглед на мировните процеси не би можела да кажам, зашто таа задача не би требало да се остави само на рамената на жените. Затоа не може да се прави проста поделба – овде се добрите жени, таму лошите мажи. Тоа не е соодветно на општествената реалност.”

Жените би можеле да ја прекинат воената логика на масите за преговори. На пример, израелските и палестинските жени беа тие кои први разговараа едни со други. Во Африка, постојат повеќе прекугранични мрежи на иницијативи на жените кои работат успешно на цивилното решевање на конфликтите. И покрај тоа, од сите активистки доаѓаа жалби дека на хартија се признава улогата на жените, но ним во рацете не им се даваат ефикасни инструменти за спроведување на резолуцијата 1325. На пример, резолуцијата бара квота од 40% жени во мировните мисии на сините шлемови. Слично важи и за функциите на специјални пратеници и ополномоштеници на ОН. Освен тоа, мировните активистки бараат 30% од водечките позиции во ОН да бидат пополнети со жени. Само така, според убедувањата, може да се дојде до процес во кој интересите на жените би биле повеќе застапени во решавањето на конфликтите. Но, тоа се чини, не е сфатено насекаде.

За да се направи притисок за спроведување на ваквите барања, годинава ќе се собираат потписи и ќе се дискутира за стратегии за тоа - како Резолуцијата 1325 да добие повеќе на тежина. Ирмгард Лике од Германската платформа за цивилен третман на конфликтите, бара поголем ангажман од германската влада:

”Би рекла дека германската влада може поофанзивно да агитира и да се залага за такво нешто. Во меѓувреме и Германија е член на пријателите и поттикнувачите на Резолуцијата 1325. Тоа е чекор во вистинска насока, но сеуште недостига активност, тоа да се турка напред.”

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми