1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По поплавите опасност од мини во БиХ

Јудит Хартл/ Симе Недевски21 мај 2014

По големите поплави во Босна и Херцеговина, експертите стравуваат дека буицата од подриената земја со себе носи опасни копнени мини останати уште од војната во оваа земја.

Фотографија: picture-alliance/dpa

ДВ: Господине Кихенмајстер, колку копнени мини се наоѓаат денес на подрачјето на Босна и Херцеговина?

Томас Кихенмајстер: Тоа не се знае точно. Можеме прецизно да кажеме дека е контаминирана површина од 1.300 квадратни километри, што е за половина повеќе од површината на Берлин, без разлика дали се работи за неексплодирани гранати или мини. Во опасност се околу половина милион луѓе.

Има повеќе или помалку мини кога ситуацијата ќе се спореди со онаа во Авганистан и во Камбоџа?

Има многу помалку отколку во Авганистан и во Камбоџа, но во одделни области се многу концентрирани. Во текот на војната се поставени големи мински полиња главно долж линијата на фронтот. Значи, не насекаде низ земјата, но има многу во стратешки важните области.

Дали тогаш се знаеше точно каде се поставени мините?

Да. Се водеше голема истрага за минските полиња. Притоа своја експертиза дадоа војниците кои тогаш учествуваа во поставувањето на мините. Така можеше да се оградат опасните подрачја и да му се забрани пристап на населението. Потоа започна систематско пребарување на минските полиња и деминирање.

И овој процес сѐ уште не е завршен во Босна и Херцеговина? По толку години?

Не, мините сѐ уште претставуваат проблем. Расчистувањето и пребарувањето и понатаму траат, и населението и натаму нема пристап до многу области.

Постојат различни методи на откривање на мини- роботи, глувци, пчели (кои можат да го препознаат мирисот на експлозивот) или дури генетски модифицирани растенија. Кој од овие методи моментално е најделотворен?

Рачното пребарување и натаму е најодговорен начин на деминирање. Мините често се состојат од пластика- па детекторите на метал не помагаат многу. Ако сакаде да најдете мина, морате да ја прекопате земјата сантиметар по сантиметар. Тоа бара многу време и чини многу. Покрај тоа, постои и метод на механичко чистење на мини. Преку минското толе се вози машина за прекопување, и така се предизвикува експлозија на мините кои се поставени на таа територија. Меѓутоа, според моја проценка, тука постои можност за грешка и оваа постапка не може да се спроведе на кој било терен. На пример, ако има многу дрва, копачот не може да помине, а токму во Босна и Херцеговина има многу шуми. Засега рачното пребарување е единствениот сигурен начин.

Сега изгледа дека ситуацијата се смени, поплавата наводно со себе ги понела мините. Колку е тоа можно, според ваша проценка?

Тоа е навистина можно. Гледано од војничка страна, бреговите на реките или потоците се омилени места за поставување мини. Сигурно така било и во Босна. Можам да се сетам на големите поплави во Мозамбик. И таму имаше мини, кои не беа исчистени. Нив ги однесе водата и тие одеднаш се појавија во областите кои не се сметаа за минирани и каде населението беше потполно неподготвено, луѓето не беа предупредени. Тоа предизвика големи проблеми, повреди и загуба на човечки животи.

Тоа би можело да се случи и во Босна и Херцеговина?

Томас Кихенмајстер, експерт за миниФотографија: Facing Finance e.V.

Не би можел точно да кажам колку мини стигнале во порано неминираните подрачја, но тоа во принцип е многу опасно, бидејќи населението воопшто не смета на тоа и не е на тоа подготвено. Мораме веднаш да се потрудиме да дознаеме кои општини би можеле да бидат во опасност, и сето да да му го објасниме на тамошното население и да го предупредиме.

Претпоставувам дека станува збор пред сѐ за луѓе кои живеат во близина на реки и потоци?

Токму така, бидејќи главно станува збор за пластични мини кои се лесни. Се случува тие направи да плутаат повеќе километри.

Дали мините и натаму се опасни кога долго ќе останат во вода или под кал? Дали експлозивот и натаму е активен?

Може да биде, но не мора да значи. Мините направени од пластика гнијат многу бавно во контакт со вода. Кружат информации дека можат да експлодираат и по повеќе децении.

Колку мора да биде силен контактот за мината да експлодира?

Тоа зависи од самата мина.Има мини кои реагираат и на мал притисок, што веќе зборува за сериозноста на проблемот. За нив е доволна тежина од еден и пол килограм

Томас Кихенмајстер е основач на организацијата „Фејсин фајненс“ (Facin Finance) и веќе со години се занимава со отстранување на експлозивни направи. До пред неколку години тој беше на чело на германскиот Оддел на меѓународната кампања за забрана на копнените мини. Оваа организација во 1997 година ја доби Нобеловата награда за мир.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми