1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По САД, и ЕУ го отфрли писмото на Иванов

БГ
10 март 2017

Пораките од Брисел беа јасни и претседателот Иванов треба да ги почитува демократските принципи, соопштуваат од ЕУ, индиректно отфрлајќи ги наводите од неговото писмо упатено до повеќе светски лидери

Mazedonien EU Federica Mogherini mit Gjorge Ivanov in Skopje
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Во Европската Комисија се запознаени со писмото кое македонскиот претседател Ѓорге Иванов неделава го испрати до повеќе лидери на институции и држави, но остануваат на ставот дека тој треба да ја почитува демократската процедура и да му го довери мандатот за состав на влада на мнозинството во парламентот.
Од Иванов и натаму се очекува да го преиспита својот став.

„Ги повикуваме сите политички актери, вклучувајќи го и претседателот, да го почитуваат изборниот резултат, да постапува согласно Уставот, да го почитува јасното парламентарно мнозинство, да дозволи демократскиот процес да тече. Го повикуваме претседателот да го преиспита својот актуелен став и да овозможи формирање на новата влада“, вели портпаролката на ЕК Маја Коцијанчич во изјава за Алсат-М.

Во Брисел одбиваат да ја коментираат платформата на албанските политички партии, но велат дека очекуваат идната владина програма да биде во согласност со Уставот.

Писмото на Иванов, во кое тој бараше осуда и отфрлање на, како што рече, „Тиранската платформа“, беше адресирано до претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, до генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и до претседателите на САД и Турција, Доналд Трамп и Реџеп Таип Ердоган.
Претходно и САД, преку заменик-помошникот на американскиот државен секретар Брајан Хојт Ји, практично го изигнорираа писмото на Иванов, порачувајќи му да ја почитува волјата на мнозинството во парламентот.

„Се надеваме дека македонскиот претседател ќе им овозможи на мнозинството членови на парламентот што побрзо да формираат влада. На државата и треба влада која мора да ги продолжи реформите“, рече Хојт Ји.

Истите пораки Иванов ги слушнал и од генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер и од високиот германски дипломат Кристијан Хелбах, кои во претходните два дена беа во земјата.

„Уверени сме дека претседателот ќе ги почитува резултатите од неодамнешните избори и ќе му дозволи на мнозинството во парламентот да формира Влада што поскоро“, порача вчера Хелбах во Скопје. Тој потенцираше дека не гледа ништо спорно во платформата на албанските политички партии.

Кризата во Македонија била главна тема на вчерашната расправа на лидерите на ЕУ за состојбата на Западниот Балкан.

Официјална Анкара сѐ уште не реагирала по писмото на Иванов.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми