1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ремонт на системот за управување со кризи

ДТЗ
7 април 2021

„Не сум дезертер“, вели првиот човек на ЦУК, Стојанче Ангелов, кој не размислува да даде оставка. Најавува дека ќе се утврди каде е вината за случајот во Кратовско.

Symbolbild Rettungsdienst, Deutsches Rotes Kreuz 112
На средината на јуни треба да започне со работа европскиот број 112, за кој ЕУ донирала 1,5 милион евра, најави АнгеловФотографија: Jens Krick/Flashpic/picture alliance

Серија пропусти и кршење на процедурите се утврдени во случајот со спасувањето на премрзнатиот овчар во кратовското село Емирица, кој вчера ја загуби битката за живот. Се најавуваат дисциплински постапки и детална истрага кој сѐ потфрлил при обидот да се организира транспортот на премрзнатиот човек, кој 12 часа лежел во снег во близина на неговата куќа. До него останала само неговата 90-годишна мајка, чиј лелек го слушнале единствено неколкумина здравствени работници и роднини, кои пет часа на импровизирани носила го носеле низ тешко прооден и завеан предел до болницата. Но, лекарите, по неколкудневна битка, не успеаја да го спасат неговиот живот.

-повеќе на темата: Премрзнатиот овчар од Кратово ја загуби битката за живот

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов, кој четири месеци е на чело на институцијата, не размислува да си даде оставка и покрај притисокот во јавноста. „Јас не сум дезертер и не се повлекувам од борба, останувам посветено да го завршам тоа што дојдов овде, а тоа е целосна реформа на системот за управување со кризи. За такво нешто имам мандат и од премиерот и од министрите, а со моето именување за в.д. директор и од страна на целата Влада“, вели Ангелов. Како дел од реформите, тој најави дека на средината на јуни ќе започне со работа европскиот број 112, за кој Европската Унија донирала 1,5 милион евра, а набавена е и опрема и завршена е обука за лицата кои ќе работат на овој број.

Комисијата открила слабости

Во меѓувреме петчлената новоформирана Комисија на ЦУК за расветлување на случајот, пронашла низа слабости во целиот систем за управување со кризи. Доколку се утврди вина кај некој од учесниците во целата постапка, ќе биде побарана и одговорност. „Во овој момент, можам да кажам дека од страна на Комисијата е констатирано дека од оперативецот во Кратово не е побаран хеликоптер и не е известена Дирекцијата за заштита и спасување. Тоа е кршење на стандардните оперативни процедури и за истото ќе биде дадена дисциплинска постапка“, вели Ангелов.

Од страна на оперативецот во Кратово не бил побаран хеликоптерФотографија: picture-alliance/B. Gindl

Вториот пропуст го лоцира во непочитувањето на хиерархијата – тој како директор на ЦУК не бил известен за случајот. Доколку знаел, тврди, ќе побарал да биде вклучен хеликоптер при извлекувањето на овчарот. „Но, заради целосно расветлување на овој настан, одговорноста којашто неспорно постои кај нас, ќе ја бараме и на други места“, најави Ангелов. Одговори на многу дилеми и прашања се побарани од Министерството за здравство, Министерството за локална самоуправа и од МВР.

Вчера во Штипската болница почина 63-годишниот Златко Божинов, како последица на мозочен удар. Случајот го обелодени лекарот Павле Зафиров од Итната помош, кој учествувал во спасувачката голгота.  

-повеќе на темата: Ги слушна ли некој лелеците на мајката од Кратово? 

Одговорност за случајот побараа и високи владини функционери. „Смртта на Златко Божинов, овчарот од Кратовско, не смее да помине без конкретна одговорност, но, не смее да помине и без сериозни системски промени за никогаш да не се повтори ваква трагедија“, порача вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров. Тој проблемот го лоцираше во недостиг на интегриран систем за одговор на барања за помош во итни ситуации. „Тој празен простор е совршено алиби за префрлање на топката меѓу институциите и за непреземање ниту акции ниту одговорност“, вели Димитров.

Николовски: Во вакви случаи не постои фразата „Не сме надлежни“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Дека човечкиот живот нема цена, а кога станува збор за спасување на човечки живот, секој треба да го даде максимумот, а не да се оградува од одговорност, порача и вицепремиерот за борба против корупција и криминал, Љупчо Николовски. „Во вакви случаи не постои фразата ’не сме надлежни’, сите сме надлежни кога е во прашање човечки живот. Неприфатливо и недозволиво е во 21 век, да се носи човек на носилки, а институциите да не можат да детектираат како и на кој начин да се постапи во конкретни животозагрозувачки случаи. Итно лоцирање на одговорност, соодветни мерки, санкции и расчистување на случајот“, вели тој. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми