1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трет, четврти, петти пакет - и така во круг?

Сабине Кинкарц/превод: З. Јордановски20 август 2015

Големо мнозинство на пратеници во Бундестагот даде согласност за третиот пакет помош за Грција. Но, повеќето се свесни и дека тој нема да биде последен, смета Сабине Кинкарц.

Фотографија: picture-alliance/dpa/Ohlenschläger

И третиот пакет помош за Грција, сигурно е, нема да води кон излез од кризата, туку само ќе го зацементира сегашното статус кво. Можеби само малку ќе го промени правецот, оти за прв пат се предвидува и преобразба на грчката држава. Но, тој не го решава принципиелниот проблем. Уште еднаш најголем дел од парите - 54 од предвидените 86 милијарди евра - ќе оди за отплата на долговите. Се прават нови долгови за да се отплатат старите. Но, и тие нови долгови кога-тогаш ќе мора да се отплатат. Со што?

Како дошло, така отишло

Натамошни 25 милијарди ќе добијат грчките банки, кои инаку би биле банкрот. Нешто малку ќе оди и за грчкиот државен буџет, но и тоа е фактички веќе потрошено. Оти, во Атина има повеќе од доволно неплатени сметки. Значи, колку брзо парите ќе се слеат во Атина, исто толку брзо и ќе ги снема. И потоа?

Третиот пакет, како што рековме, е поврзан и со налог за преобразба на државата, економијата и општеството во Грција. Треба да бидат формирани ефикасни финансиски власти, да бидат укинати даночните привилегии, да бидат сузбивани сивата економија и корупцијата и да биде создаден систем за основно социјално обезбедување. Тоа звучи разумно. Но, доволни ли се наметнатите обврски за од една дисфункционална државна заедница да се направи функционална држава? Или за тоа е потребно уште повеќе? И колку брзо може да се одвива сето тоа? Веројатно не преку ноќ.

Сабине КинкарцФотографија: DW/S. Eichberg

За доверителите парите се загубени за секогаш

Што произлегува од тоа? Одговорот е на дланка: по третиот, ќе мора да следи и четврт, потоа некој петти и така натаму, и така натаму... Во секој случај, ако работите и натаму одат како досега. Доверителите ќе мора да им помогнат на Грците да се променат. Но, прво ќе мора самите да согледаат дека своите пари веќе никогаш нема да ги видат, колку често и да се обидуваат старите долгови да ги заменат со нови.

Тие би морале да го признаат тоа и да извлечат консеквенции. Нема да е доволно да се продолжат роковите за отплата на кредитите и привремено да се суспендира отплатата. Тоа се трикови кои имаат за цел само повторно да се придобие Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за учество во третиот пакет. Тој врши притисок за отпис на долговите, што досега Европејците го одбиваа повикувајќи се на правните пречки.

Нужни се инвестиции

Но, нели секогаш се велеше дека ако има волја, има и начин? Тогаш милијардите не би морале да одат за ануитети, туку би можеле да бидат искористени за инвестиции. Но, за тоа е потребен план како сукцесивно да се обновува стопанството. Во тоа спаѓа и да и’ се отвори пристап на Грција до европските пари за поддршка , кои се издвоени за инвестиции. Само до 2020 година се предвидени 36 милијарди евра, кои сега меѓутоа не можат да бидат користени, оти недостасуваат средства за сопствено учество. Како би било, за Грција квотата за сопствено учество да се сведе на нула?

Во Бундестагот има редица парламентарци кои уште одамна така гледаат на работите, само не можат да се наметнат оти се малцинство. Тие и вчера повторно гласаа против „помошта за стабилност“, која стабилизира само едно нешто - имено, статус квото. Но, можеби и кај другите ќе расте притисокот од болката кога ќе мора да се гласа за четврти, петти, шести пакет со милијарди.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми