1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украинскиот конфликт ќе ја продлабочи економската криза

ДТЗ
25 февруари 2022

Надлежните уверуваат дека украинската криза нема да доведе до рестрикции, но не се исклучува можноста да влијае на цената на електричната енергија. 

Deutschland Symbolbild Stromnetze
Фотографија: Andreas Franke/dpa/picture alliance

Воената агресија на Русија врз Украина предизвика економски турбуленции и ги засили стравувањата од можен нов ценовен шок, од кој нема да бидат поштедени ниту македонските граѓани. Надлежните уверуваат дека руско-украинската криза нема да влијае на енергетската состојба во земјата, особено не во делот на рестрикции, иако не се исклучува можноста да влијае на цената на електричната енергија. 

Рестрикции нема, но треба рационално да се троши 

Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимоски вели дека нема да има рестрикции. По координативниот состанок на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) со енергетските компании ЕСМ, МЕПСО, ЕВН Хоум, Електродистрибуција и МЕМО, тој порача дека е неопходно рационално трошење на електричната енергија во периодот којшто следи. 

Рестрикции нема да има, уверува првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко БислимоскиФотографија: DW/K. Delimitov

„Сѐ уште трае енергетската криза. Факт е дека рестрикции нема, а снабдувањето со електрична енергија во изминатиот период е стабилно, но, сепак, неопходно е нејзино рационално трошење“, вели Бислимоски, потсетувајќи дека изминативе месеци се прошири листата на ранливи категории кои добиваат директна финансиска поддршка. На ранливите потрошувачи на енергија во сметките им е пресметан паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси. 

Со цел стабилизирање на енергетскиот сектор во иднина, се разговара за промена на тарифниот систем, што ќе се базира врз претходно изготвени детални анализи. „Целта е да има фер цена на електричната енергија која ги одразува реалните трошоци за секој вид на потрошувач и која ќе спречи злоупотреба на пазарот на електрична енергија“, посочи Бислимоски.

Дополнително се разгледуваат механизми како да им се помогне на потрошувачите кои ја набавуваат електричната енергија на слободниот пазар. 

Продлабочување на кризата

Претседателот на стопанската комора за енергетика, Ѓорѓи Манасков, деновиве оцени дека конфликтот во Украина дополнително придонесува за продлабочување на кризата. „Состојбата во Украина дополнително ќе придонесе во државата да се појави зголемување на енергетската, а воедно и на економската криза. Сметаме дека самата држава требаше да преземе значителни чекори да се обезбедат резерви“, рече Манасков. 

Воената интервенција на Русија во Украина ќе предизвика дополнителен раст на сите енергенси за 20 до 30 отсто. Потврда за тоа е цената на гасот, која веднаш скокна за 35 отсто и надмина 1.400 американски долари за кубик и нафтата за 5,3 отсто, односно 97 долари за барел, а очекувањата се дека и цената на светските берзи ќе продолжи да расте. Манасков вели дека македонските власти мора што поскоро да склучат договор за обезбедување со гас преку „Турски тек“ за да се избегнат проблеми. 

Денарот е стабилен

Монетарните и фискалните власти се координираат и внимателно ги следат меѓународните случувања и нивните потенцијални ефекти врз домашната економија. Од Народната банка уверуваат дека денарот и финансискиот систем ќе останат стабилни.  

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии, Фатмир Бесими, оценија дека директната изложеност на македонската економија кон Русија и Украина е многу мала. Тие не се присутни во финансискиот сектор, а странските директни инвестиции и дознаките кои доаѓаат оттаму, имаат учество под 1% во вкупните вредности. Но, со оглед на учеството на Русија и Украина во понудата на глобалните пазари на суровини, очекувани се индиректни ефекти преку цените на примарните производи. Дополнително, доколку овие состојби се одразат на растот на европската економија, можно е влијание и врз инвестициите - домашни и странски, а со тоа и влијание врз економската активност.

-повеќе на темата: Подметнување? Германија го стопира Северен тек 2 - засега

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги повтори вчерашните заклучоци од Советот за безбедност, кој покрај за политичките, разговараше и за економските импликации од украинската криза. 

Германската влада одлучи да го запре проектот Северен Tек 2 - гасоводот кој требаше да пренесува гас преку Балтичкото Море до ЕвропаФотографија: Alexander Demianchuk/Tass/picture alliance

„Проценките се однесуваат на реалните факти изнесени од премиерот. Ние сме пополнети во Стоковите резерви. Проблем ќе биде ако ова со Украина потрае подолго. Тогаш ќе треба да правиме интервентни увози. Србија донесе одлука да не прави извоз на животно битни ресурси. На берзите се качија цените не само на нафтата, туку и на житото“, вели Пендаровски за Утрински брифинг.

Експертите укажуваат дека годинава животниот стандард на македонските граѓани ќе биде погоден од растот на цените, кој ќе биде дополнително поттикнат од воениот конфликт меѓу Русија и Украина. Тие укажуваат дека Владата особено ќе мора да води сметка за ранливите категории на граѓани, кои што ќе бидат најпогодени од кризата.   

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми