1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Шест паметни опции за Скопје и Тирана

Раду Магдин
26 октомври 2019

Што треба да сторат македонскиот и албанскиот премиер за големото разочарување од француската блокада на пристапните преговори со ЕУ да го преобразат во успех во наредната година. Колумна на Раду Магдин

Europa-Gastkolumnist Radu Magdin
Фотографија: Privat

Фактите се јасни: во минатата недела поради противење (главно) од страна на Франција, ЕУ ја одложи долго очекуваната одлука да отвори пристапни преговори со Албанија и С. Македонија. Додека претседателот на Европската комисија Јункер говореше за „историска грешка“ и актуелното ниво на разочарување во Скопје и Тирана е високо, има смисла да се постави прашањето што можат да направат премиерите Рама и Заев за да го трансформираат ова разочарување во победа наредната година. Еве ги моите совети за тоа кон што треба да биде насочен фокусот во наредните месеци. Ова можеме да го нарачеме паметен патриотизам:

Да се однесуваат како возрасни во собата. Да, многу европски лидери им оддадоа признание на Албанија и на С. Македонија дека ги завршиле своите домашни задачи и оти се подготвени да одат во следната фаза. Но, политичката природа на процесот не треба да се смета како покана за прекин на реформите и на економската и демократска консолидација. Неодамнешниот исход треба да се сфати како можност тоа да се забрза и да се направи повеќе, да им се покаже на скептиците дека згрешиле. Покажувањето ефикасност и решителност е најдобриот начин да ја задржите топката да се тркала и да испратите сигнал за сериозност. Возрасни значи и да не се подвиткува  р'бетот:  специјално партнерство (идеја за која во моментот се зборува неформално) е политички неприфатлива за населението во контекст на управувањето со очекувањата. Европскиот сон треба да се одржува во живот со тоа што на крајот ќе му се приклучи на клубот, а не со прагматичен договор во кој добивате повеќе пари за да се однесувате пристојно. Исто така, многу е тешко ова второто да се комуницира во јавноста.

Фотографија: Imago

Да го комуницираат прогресот. Европската јавност е поделена по прашањето за проширувањето, како што посочува и Евробарометарот. Некои политички лидери се повнимателни и не сакаат да се изгорат со вклучувањето во ова поларизирачко прашање. Така, Тирана и Скопје не само што треба да покажат веродостоен напредок, туку треба и креативно да ги преретстават своите клучни достигнувања, со целна публика составена како од политичките лидери така и од пошироката јавност во ЕУ. Ова не е ограничено на целта за започнување на преговорите, туку се однесува и на поширокиот пристапен процес, каде што ќе биде многу важно да се демонстрира дека не сте нов извор на комплицирани проблеми, туку посветен тимски играч. Одлуките се политички и нема ништо пополитичко од избирачот.

Повеќе на темата:

-Аргументите за француското „не“ и натаму во магла

-Ветото на Макрон ги убива надежите и мотивацијата во регионот

-Голема поддршка за С. Македонија и осуда на Франција во Европскиот парламент

Да учат од неуспесите и камбекот на другите.  Дознајте од другите грешки и враќања. Албанија и С. Македонија не се единствените земји кои страдале на нивниот пат кон ЕУ. Пред една деценија, Романија и Бугарија се сметаа за успешни заостанувачи на европското проширување. Двете земји ја пропуштија можноста во 2004 година, но се квалификуваа, со дополнителен механизам за верификација, за одлуката за проширување во 2007 година. Политичкиот контекст и расположението се различни денес, но да се извлече повеќе од овие искуства (со вистинско навлегување  во искуството од проширувањето во 2004 и во 2007 година) треба да се третира како приоритет. Понекогаш, овие аспекти се попродуктивни од писмата за поддршка на министрите за надворешни работи на земјите од ЦИЕ (Централна и Источна Европа).

Фотографија: Reuters/J. Geron

Да го искористат моментот за да раскажат надежна но реалистична приказна за тоа што граѓаните би требало да очекуваат од ЕУ. ЕУ е најдоброто нешто што може да им се случи на двете држави, но Унијата не е совршена, бидејќи се бори со своите демони, недостатокот на единство, недостатокот на заеднички стандарди и, сè почесто, лицемерието. Ова е шанса да се едуцира локалната јавност за тоа што е ЕУ и што не е, шанса да се спроведе врвно управување со очекувањата. Отворањето на преговорите е само прв чекор и процесот ќе стане се повеќе и повеќе политички - ремонт каков што  побараа Макрон и други лидери е очигледен обид да се испратат европските бирократи да ги бројат спојувалките за хартиија финансирани од ЕУ додека големите момчиња и девојчиња ги донесуваат одлуките.

Да ја одбијат диверзификацијата и искушението за форумски шопинг. Постои обид да ѝ се стави висок геополитички спин на одлуката и резултатот да се толкува како неопходна покана да се биде понаклонет кон руските и кинеските интереси во регионот. Српскиот претседател Вучиќ е тотално отворен во врска со неговата поддршка на таква стратегија. Освен претерувањето  во толкувањето на последиците од одлуката и на реалната улога што Москва ја игра во регионот (инвестициите не се повеќе од голи ветувања), обидот да се завртат големите сили едни против други ќе биде многу лошо прифатен во Брисел и во другите престолнини. Да се вплеткува во трката за моќ на големите сили е токму она што Западен Балкан треба да го избегнува. Да се потсетиме дека Европа е тука да остане и регионот е дел од Европа: тој исто така прима огромно мнозинство помош и странски директни инвестиции од ЕУ. 

Фотографија: Getty Images/AFP/O. Bunic

Конечно, да инвестираат во односите со Франција и другите земји кои беа ненаклонети да кажат да. Не мислам дека Макрон може да си го зачува образот со посета на регионот во наредниот месец. Офанзивата на шарм може да се смета за навреда на интелегенцијата на луѓето во регионот, особено со оглед на тоа што не е јасно што сака Франција да добие од овој ситен гамбит или дали Париз може да дава ветувања во врска со самитот во Загреб во наредната година. Да, ако Макрон вети успешен самит за Западен Балкан следната година, може да има бакнежи и смирување, но другите верзии веројатно нема да бидат добро примени, без оглед на начинот на кој подарокот ќе биде свиткан. Не може да се воздржи од споредување на целосната поддршка на Ширак за земјите од ЦИЕ во 90-тите и 2000-тите со сосема различниот актуелен став на Макрон. Но, Заев и Рама не треба да ги сваќаат работите лично, туку треба да го разберат расположението на оваа деценија и на ова да гледаат како на  шанса да инвестираат повеќе во односите со Франција и со нејзините двајца поддржувачи, Данска и Холандија. Не е лесно, но Тирана и Скопје во минатото демонстрираа дека можат да постигнат големи работи кога ќе го одлучат тоа.

Раду Магдин е романски аналитичар и политички советник. Меѓу другото, им бил советник на премиерот на Романија (2014 – 2015) и премиерот на Репубика Молдавија (2016 – 2017). Од 2007 до 2012 година работел во Брисел за Европскиот парламент, ЕурАктив и Гугл. Тој е дел и од работната група на нови лидери НАТО Атлантскиот совет на САД.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми