1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По Хрватска, следниот прием во ЕУ за пет години

17 ноември 2011

Германија не е противник на проширувањето на ЕУ, ниту во разговорите со канцеларката Меркел и другите функционери од ЦДУ се споменува забавување или одложување на одлуките за новите чекори на Западен Балкан кон ЕУ.

Следниот прием на нови земји членки во ЕУ би бил по завршувањето на преговрите, кои траат околу пет годиниФотографија: AP

Иако на неодамна завршениот конгрес на владејачката германска Христијанско-демократска унија (ЦДУ) во Лајпциг, каде основните теми беа Европа и економијата, не стана збор за проширувањето на Унијата, европарламентарката од редовите на ЦДУ, Дорис Пак, вели дека мнозинството од нејзините партиски колеги, како и високите функционери од партијата, сметаат дека досегашното проширување на ЕУ беше од помош, посебно за Германија.

Земјите од Западен Балкан со ист третман како Хрватска

Кога се во прашање идните чекори во евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан, Дорис Пак за Дојче веле објаснува дека работите нема да се одвиваат ниту по потежок пат, ниту поспоро во однос на хрватските интеграции. Истовремено таа нагласува дека на Србија нема да и’ се поставуваат нови услови.

Европратеничката Дорис Пак уверува дека останатите земји од Западен Балкан нема да се соочат со поинакви критериуми од оние за ХрватскаФотографија: dpa

„Никој не може да каже дека бараме повеќе. Во овој момент не се ни бара признавање на Косово и тоа е јасно. Но, бараме животот за граѓаните на Косово, без оглед на националноста, да стане подобар од што е“, забележува Пак.

Коментирајќи го ставот на оние кои сметаат дека во ЕУ постојат земји, а меѓу нив се вбројува и Германија, кои имаат тврд став кон понатамошното ширење на ЕУ, Елмар Брок, исто така европратеник од редовите на владејачката партија на германската канцеларка Ангела Меркел, вели дека по последните искуства со претходните проширувања, ЕУ сега е повнимателна во контролирањето на исполнувањето на условите за членство и дека со самото тоа и во преговорите за пристапување станаа поизискувачки.

Сепак, Брок нагласува дека Србија оди во добра насока, дека гледа шанса за нејзин кандидатски статус, како и дека се надева дека понатамошниот процес на пристапување на Србија во ЕУ ќе се води на начин кој е веќе виден кај другите земји.

„На долги патеки без Србија не е можно да се обезбеди стабилност на Балканот. Но, мора да биде јасно дека членството изискува решенија. Канцеларката Меркел рече дека Косово не треба да се решава во ЕУ, туку пред влезот во ЕУ“, вели Брок.

Прво консолидација на Европа, па понатамошно проширување

Европратеникот Елмар Брок смета дека кризата во Унијата може да биде од полза за земјите кандидатки за приемФотографија: DW

Во моментите додека ЕУ на сите нивоа се бори со внатрешната економска криза, а проширувањето не претставува најголем европски приоритет, од редовите на владејачката германска Христијанско демократска унија порачуваат дека Германија стои зад дадените ветувања во 2003-тата година во Солун, кога на земјите од Западен Балкан им е кажано дека ќе влезат во ЕУ кога ќе ги исполнат потребните услови.

„Ние во последните 20 години имавме револуција во Европа. Единствен пазар, монетарна унија, проширување со 12 земји – тоа значеше многу за нашите граѓани, но она што сега мораме да го направиме навистина е консолидација. Унијата од 27 земји мораме да ја зајакнеме функционално. Сите правила на ЕУ мораат да се применуваат на сите земји од Унијата. Мораме да ја одработиме својата домашна задача, за да го засилиме интеграциониот капацитет на ЕУ, што е неопходно за проширувањето. Бидејќи преговорите за пристапување вообичаено траат меѓу пет и осум години, мислам дека ако ги завршиме нашите работи на добар начин, а оваа криза ќе не поттурне во тоа, тогаш тоа дури и може да го олесни пристапувањето на оние земји кои ќе ги исполнат условите за членство“, вели за Дојче веле Елмар Брок.

Следен прием, кога ќе завршат преговорите

ЕУ не сака да си увезе проблеми како нефункционалната држава Босна и Херцеговина, забележува БрокФотографија: AP

И Дорис Пак смета дека до следното проширување по пристапувањето на Хрватска во 2013-та година нема да се прави поголема пауза од времето потребно за отпочнување и завршување на пристапните преговори, што е најмалку пет години.

„Немојте да се грижите. Работите и понатаму ќе се одвиваат. Прашање е кој што ќе добие во овој момент, а одлуката за тоа ќе биде донесена наскоро. За Црна Гора работите се малку појасни кога се работи за почетокот на пристапните преговори. Што се однесува до Србија, канцеларката Меркел уште во Белград рече дека не е потребно денеска да се признае Косово, но дека мора да се создаде подобра клима. Тоа значи да се продолжи со дијалогот, но и да се применат резултатите од тој дијалог“, забележува Пак.

Кога станува збор за остатокот од Западен Балкан, Елмар Брок вели дека секоја земја напредува врз основа на својот степен на развој. Покрај Србија, која според неговите зборови оди во добра насока, ситуацијата со Црна Гора не е така комплицирана, а во Босна и Херцеговина има проблем, се’ додека државата не е функционална.

„Не можеме да примиме земја со проблем кој ќе стане проблем на ЕУ. Затоа ќе им помогнеме да ги решат проблемите и тогаш ќе можеме да водиме преговори за членство“, заклучува Брок во разговорот за Дојче веле.

Автор: Марина Максимовиќ/ Александар Методијев

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми