Цунамито во Индонезија однесе преку 400 човечки животи, без покрив над главата остави повеќе од 16 илјади луѓе, отсече цели места од остатокот на светот, а повредените ги остави без потребната помош.
Реклама
Не е лесно, да се вратиш дома и да најдеш - урнатини од некогашниот живот. Али Субнанех од гратчето Масџид Телука на островот Јава преживеа. И тоа ја прави една од ретките среќници на брегот кој го однесе цунамито.
„Ја слушнав ерупцијата на вулканот Кракатау и почувствував како се тресе земјата. Но отидов да спијам бидејќи вулканот е активен со денови“ раскажува Али и продолжува: „Но тогаш ме разбудија повиците на соседот: „Доаѓа цунами!.Зграбив сѐ што можев, и со мајка ми и децата и почнавме да трчаме“.
Бројот на загинати расте додека спасителите се пробиваат низ урнатините. Преку 1500 луѓе се повредени во налетот на огромниот бран кој уриваше сѐ пред себе. Болниците во погодените места се преоптоварени. Преживеаните ги раскажуваат своите хорор искуства:
„Немав време да избегам порано, така што кога бранот дојде, ме проголта околу две минути. Продолжив да му се молам на Бога да ми помогне. Се држев за некој кабел кој го зграпчив за да не ме однесе бранот, додека конечно не најдов една кокосова палма и цврсто се фатив за неа“, раскажува еден преживеан.
Покрај физичките повреди, тука се и психичката траума... и стравот од ново цунами. Вулканолозите велат дека ерупциите на Анак Кракатау веројатно ќе продолжат со месеци, ако не и со години.
Земјотреси кои го потресоа светот
Од големите земјотреси во Антиохија во 342 и 526 година, до денес, историјата памети огромни потреси кои неретко биле проследени и со гигантски цунами бранови во некои делови од светот.
Фотографија: picture-alliance/D. Nucci/NurPhoto
Централна Италија во рушевини
Последниот голем земјотрес во Европа се случи во централна Италија. Земјотресот кој удри на 24 август годинава однесе 256 животи, и остави повеќе од 40 илјади луѓе без покрив над главата.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Gambarini
Лабрадорот Лео
Лабрадорот Лео беше поздравен од папата Франциско на 3 септември годинава за време на беатификацијата на Мајка Тереза. Лабрадорот стана инстант-херој откако во урнатините од земјотресот пронајде четиригодишно дете.
Фотографија: picture alliance/AP Images/L'Osservatore Romano
Танзанија
Земјотрес со јачина од 5,7 степени го погоди северозападниот регион на Танзанија на 10 септември годинава. Во катастрофата загинаа најмалку 16 луѓе, а 250 беа повредени.
Фотографија: Imago/Xinhua
Вежби за децата во Јапонија
Јапонија е екстремно трустно подрачје, и во минатото честопати беше погодувана од силни земјотреси. На 1 септември секоја година, кога се одбележува годишнината од големиот земјотрес од 1923 година, децата во основните училишта учествуваат во специјални вежби за заштита при земјотрес.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Taga
Потрага по најблиските (Беичуан, Кина)
Мајка го оплакува својот син кој загина во катастрофалниот земјотрес кој ја погоди провинцијата Сичуан во Кина на 19 август 2008 година. Повеќе од 1,500 ученици и учители загинаа во земјотресот, кој севкупно однесе 69 илјади човечки животи.
Фотографија: Getty Images/China Photos
Катастрофата во Хаити
На 12 јануари 2010 година, Хаити беше погоден од катастрофален земјотрес со магнитуда од 7 степени. Над 200 илјади луѓе загинаа во природната катастрофа, а речиси три милиони луѓе беа погодени. Главниот град Порт-о- Принс беше срамнет со земја.
Фотографија: picture alliance/dpa
Земјотресот во Суматра
На 26 декември 2004 година разурнувачки земјотрес со јачина од 9,2 степени го погоди западниот брег на Суматра, во Индискиот Океан. Земјотресот и бројните цунами бранови кои се подигнаа како последица од него однесоа 230 илјади животи во 14 земји. Тоа е третиот најсилен земјотрес забележан во историјата и истовремено, удар со најдолго траење- меѓу 8 и 10 минути.
Фотографија: Getty Images/S. Platt
Музафарабад, Кашмир
Потресот чиј епицентар беше кај градот Музафарабад во Пакистан во октомври 2005 година опфати регион од 30 илјади квадратни километри. Во непосредната околина загинаа 84 илјади луѓе. Земјотресот беше со јачина од 7,6 степени.
Фотографија: AFP/Getty Images/F. J. Brown
Л' Аквила- земјотрес и одговорност
Земјотресот во Л'Аквила, во централна Италија од 6 април 2009 година, однесе 308 човечки животи. Бројни контроверзи следеа по катастрофата, откако 6 научници и еден државен службеник беа осудени на затворски казни поради тоа што не предупредиле на опасноста од земјотресот. Во 2014 година, пресудите на научниците им беа укинати.