1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Правда за Давид - апсења и потерници во Бања Лука

Драган Максимовиќ
2 јануари 2019

Два дена по последните протести на групата „Правда за Давид“, уапсен е пратеникот во парламентот на Република Српска, Драшко Станивуковиќ. Распишана е и потерница по уште неколку лица, меѓу нив и за Давор Драгичевиќ.

Bosnien und Herzegowina Banja Luka Proteste Mord Dragičević
Фотографија: DW/D. Maksimović

Пратеникот во собранието на Република Српска (РС), Драшко Станивуковиќ е уапсен пред храмот на Христос Спасителот во Бања Лука, кога им се придружи на група граѓани кои таму се собраа за да ја поддржат Сузана Радановиќ, мајката на несреќно настраданиот Давид Драгичевиќ.

„Полицијата трага по мене, а јас сум слободен човек. Нивните закони не ме интересираат. Не сум направил ниту еден инцидент. Нека распишат потерници по криминалците и убијците. Против мене се води монтиран процес. Тие сакаат да ми наместат дека сум извршил државен удар. Велат дека сум непријател број 1, но ние ќе ја ослободиме Бања Лука. Можат да ме држат колку сакаат, ја сум ментално подготвен, не можат да ме запрат“, рече Станивуковиќ непосредно пред апсењето.

Каде е Давор Драгичевиќ?

Истовремено, потерница е распишана по уште четири лица, меѓу нив и по Давор Драгичевиќ. Најнапред се појави информација дека тој од неделата се наоѓа во амбасадата на Велика Британија во Босна и Херцеговина, што беше демантирано. 

Фотографија: Getty Images/AFP/E. Barukcic

„Велика Британија во целост ги отфрла наводите дека господинот Драгичевиќ се наоѓа во нашата амбасада и оти на кој било начин сме поврзани со организацијата на протестите во Бања Лука. Потсетуваме дека Обединетото Кралство е партнер и пријател на цела БиХ, а нашата преданост кон сите граѓани на земјата ја покажуваме долга низа години“, напиша на својот Твитер-профил, амбасадорот Мет Филд.

Повеќе:

-Бања Лука: Правда за Давид наместо новогодишна прослава

-Бањалучкиот пендрек по мртвото дете

-Бања Лука: Ова е само почеток?

Драгичевиќ се сомничи дека на 27 и на 30 декември за време на говорите на неколку локации во Бања Лука упатил закани и предизвикал чувство на страв и загрозеност кај граѓаните. Полицијата поднесе пријави против четири лица дека извршиле пет кривични дела од кои две се кривични дела на загрозување на безбедноста. Станува збор за Давор Драгичевиќ, Жељко Дабиќ, Славиша Симиќ и Стела Милановиќ.

„За Давор не знам ништо“

Полицијата пред два дена, поради извршување кривични дела и прекршоци за време на јавните собири на групата „Правда за Давид“, забрани натамошно одржување на протестите. И покрај тоа, десетици граѓани се собраа пред храмот Христос Спасителот заедно со Сузана Радановиќ, која рече дека не знае ништо за Давор Драгичевиќ.

Фотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Emric

„За Давор не знам ништо. Полицијата го бара. Кому да го пријавам неговото исчезнување? Го пријавив и исчезнувањето на Давид, па не го најдоа. Полицијата нека погледа кај себе, таму бил Давид“, рече Радановиќ.

Тужби

Информацијата која ја пренесоа некои медиуми, повикувајќи се на полициски извори, вели дека Давор Драгичевиќ преку својот адвокат преговара со полицијата за негово предавање. Наводно, услов е да не му биде одреден притвор, со што полицијата засега не се согласува.

Инаку поради откажување на сите настани во Бања Лука за време на новогодишните празнувања, градоначалникот Игор Радојичиќ најави можност за „милионски тужби против организаторите на протестите“, наведувајќи дека тие организатори не се ниту советници, пратеници, ниту истакнати членови на „Правда за Давид“, туку млади, анонимни бањалучани, кои ќе се најдат пред судовите.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми