1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Правен галиматијас пред истекот на вонредната состојба

14 мај 2020

Од анализите на здравствените биланси и на изборните можности, ќе зависи дали ќе има нова одлука за вонредна состојба.

Nord-Mazedonien Skopje Coronavirus
Фотографија: DW/P. Stojanovski

ДИК денеска ќе достави мислење до претседателот на државата за временските рокови кои и се потребни на Комисијата за спроведување на изборниот процес, а на дневен ред на денешната седница на Уставниот суд е токму владината Уредба со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес. Од друга страна, Советот за безбедност во петок ќе одржи седница, на која треба да бидат разгледани резултатите од втората вонредна состојба која завршува в сабота, на 16-ти мај. До овој момент не се знае дали Владата ќе утврди потреба за продолжување на вонредната состојба. Премиерот Оливер Спасовски завчера изјави дека таа одлука ќе се донесе овие денови.

Бидејќи по завршувањето на вонредната состојба техничката влада нема да може да носи уредби со законска сила, а Собранието е распуштено, се очекува уште една одлука за вонредна состојба, но која не би траела максимални 30 денови, туку пократко. Нејзиниот рок, пред се, ќе зависи од ставовите на здравствените експерти. Но, во одредена мера ќе зависи и од дополнителните денови што ќе и бидат потребни на ДИК за подготовка на изборниот процес, со оглед дека по завршувањето на вонредната состојба продолжуваат изборни дејствија таму каде што биле запрени со владината Уредба.

Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Ставот на ДИК

Претседателот Стево Пендаровски вчера имаше средба со членовите на ДИК, токму со цел од Комисијата да се добијат дополнителни информации кои на партиските лидери треба да им помогнат во одредувањето нов датум за избори. Владата на 21-ви март донесе Уредба со законска сила со која привремено беа прекинати сите изборни дејства, „поради вонредната состојба прогласена за ефикасно спречување на внесување и ширење на Ковид-19 и поради тоа што Собранието не се состанува за да ја поништи одлуката за распуштање“.

Повеќе:

-Со вонредна состојба до вонредни денови за вонредните избори?

-Лажни дилеми

-ДИК треба да се раководи од ревидиран роковник

Со членот 6 од Уредбата, ДИК беше задолжена во рок од еден ден од денот на престанок на вонредната состојба да објави на својата веб страница ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија.

Фотографија: Büro des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Со продолжување на изборните дејства по завршувањето на вонредната сосотојба не се согласува опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Таа го поддржува ставот на претседателот на ДИК, Оливер Дерковски дека изборните дејства треба да почнат од почеток, односно Комисијата да добие 50 до 60 дена за подготвка и спроведување на изборите. Голем број правни експерти сметаат дека ДИК нема такво законско право.  

Простор за арбитрерност и преседан

Експерт по уставно право со кој разговараше ДВ, вели дека нема правна основа ДИК да биде одлучувачки фактор во определувањето на на датумот за изборите.

„Датумот за одржување на предвремените избори треба да се определува врз основа на правните правила кои нудат доволно основи за такво нешто. Секое напуштање на правната рамка остава простор за арбитрерност, која може да доведе и до злоупотреби во иднина. Секако треба да се земат предвид интерсите на јавното здравје и препораките на релевантните институции и и стручните лица. Не гледам причина или правна основа ДИК да биде одлучувачки фактор во определувањето на датумот за изборите“, вели нашиот соговорник.

За правната конфузија што се создаде, одговорноста тој ја лоцира кај претседателот на Собранието. 

„Ние влеговме во овој (не)правен галиматијас поради нефункционалноста на Собранието и одбивањето на претседателот на Собранието да свика седница во време на вонредна состојба. Токму Собранието би можело да ги регулира сите овие прашања и конечно да ја преземе главната улога во  прогласувањето или потврдувањето и завршувањето на вонредната состојба која е предвидена со Уставот.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Толкувањето дека вонредната состојба завршува со крајот на важноста на одлуката за прогласување на претседателот Пендаровски, отвора можност за злоупотреба на  извршната власт и ќе претставува опасен преседан. Останува да видиме дали ќе се донесе нова одлука за за вонредна состојба. Сепак, и околу тоа треба да се биде исклучително внимателен, не смее датумот за изборите да биде основната причина за продолжување на вонредната состојба“, оценува експерт по уставно право.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми