1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Правилен сигнал од Осло

Флоријан Вајганд / Превод А.Трајковска11 октомври 2014

Една паштунка - тинејџерка прераснува во пример за помирување и дијалог, меѓу другото и за муслиманите во светот кои се во очај поради екстремистите, смета Флоријан Вајганд.

Фотографија: picture-alliance/dpa/Kay Nietfeld

„Јас не го мразам талибанецот што стрелаше во мене. Дури и ако имаоружје во рака и стои пред мене, јас не би пукала кон него. Тоа е милосрдието и сочувството кои ги научив од Мохамед, проповедникот на милоста, од Исус Христос и од Буда“. Силни зборови на помирување и дијалог од еден тинејџер, изговорени пред младинското собрание на ОН во јуни 2013 година. Иако уште тогаш беше номинирана, Малала Јусафзаи мораше да чека една година, пред да може да ја прими Нобеловата награда за мир.

Комитетот во Осло донесе добра одлука. Оти, сеедно дали Малала самата ги пронашла овие зборови или умешни советници за односи со јавност ѝ ги напишале во скриптата: 17-годишната девојка го живее она што го зборува. Дури и кога тешко беше повредена од куршумот на атентаторот и по долга терапија повторно оздраве, никогаш не дозволи да биде заплашена и немаше чувства за одмазда. Таа е идеална амбасадорка на мирот, каква што можел да си замисли Алфред Нобел. Со тоа Нобеловиот комитет ја обнови својата репутација по оспоруваните одлуки од последните години, кога прво Барак Обама - од денешен агол - однапред доби ловорики, кои ги немаше заслужено, а подоцна беа наградувани апстрактни нелични организации како ЕУ или Организацијата за забрана на хемиско оружје, тогаш во контекст на ангажманот на инспекторите во Сирија.

Одлуката меѓутоа е важен, позитивен сигнал и од друга перспектива. Малала е паштунка и доаѓа од долината Сват во Пакистан, озлогласена област каде делуваат талибанците. Во психата на светската заедница длабоко се врежа сликата на екстремисти со долги бради од нејзината татковина. Малала е сега во целиот свет најпознатата спротивна слика на тоа. Таа и‘ служи и на својата вера. Муслиманката во преден план ја става мировната порака на исламот и подава рака кон другите религии. Таа со тоа би можела да стане пример за муслиманите во светот, кои очајуваат поради злоделата на екстремистите.

Флоријан Вајганд, автор на коментаротФотографија: DW/P. Henriksen

Конечно, Осло испраќа и важен сигнал до владите во регионот. Додека Пакистан и Индија повторно се заплеткуваат во прекршоците на демаркационата линија во спорниот регион Кашмир, жирито покрај Пакистанката награди и Индиец, 60-годишниот Каилаш Сатиарти. Активист кој се бори против експлоатирањето на децата и се сфаќа себе си во традицијата на Ганди. Со тоа премногу јасно Комитетот дава до знаење дека мора да ѝ се стави крај на константната недоверба меѓу Делхи и Исламабад и дека има важни проблеми како образованието и заштитата на децата - на кои треба да им се пристапи заеднички и мирно.

Нобеловата награда за мир ќе стане главна во животот на Малала. Тоа не е лесно бреме за еден тинејџер. Очекувањата од неа во иднина ќе бидат уште поголеми, исто како и реалната животна опасност по нејзе од страна на екстремистите. Оттука, нормален живот за Малала речиси не ќе биде веќе можен. Да се надеваме дека нема да се скрши поради тоа.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми