1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Православната црква и јаболкото на раздорот Украина

Еуген Тајзе
8 јануари 2019

Отворен судир во православието - Москва го напаѓа Вселенскиот патријарх поради тоа што ја прогласи Православната црква на Украина за независна. Се заканува длабок расцеп.

Türkei - Patriarch erkennt ukrainische Kirche an
Фотографија: Reuters/M. Sezer

Црковниот спор во Украина за православието четврт век беше нешто како темпирана бомба. Милиони Украинци од почетокот на 1990-те припаѓаат на две отцепени црковни заедници - на „Патријархатот од Киев“ и на „Автокефалната црква“. Овие цркви не беа меѓународно признати, нивните членови -  откако се одвоија од „Украинската православна црква“, верна на Москва, и прогласија независност -  често беа стигматизирани како „одметници“.

Другите цркви долго се однесуваа како расцепот да е внатрешно прашање на Руската православна црква. Но, по анексијата на Крим и војната во источна Украина, стана јасно: патријархот од Москва, кому Украина црковно му е потчинета од 17. век, во никој случај веќе не може да биде интегративна фигура за сите Украинци.

Голема радост, натамошна поделба

На ваквата состојба крај ѝ стави екуменскиот патријарх Вартоломеј, кој е почесен поглавар на светското православие. Тој на 6 јануари 2019 во Истанбул на највисокиот претставник на независната украинска црква му го предаде томосот (еден вид декрет за независност), во присуство на украинскиот претседател Петро Порошенко. „Ова е причина за голема радост за многу украински православни верници. Ни падна голем товар од рамената. Ова беше тешко поради тоа што црквата верна на Москва со децении им ја одрекуваше милоста божја, ги прогласи нивните сакраменти за неважечки, им го отфрли правото да бидат дел од светското православие“, го објаснува за ДВ значењето на томосот теологот Кирило Ховорун.

Повеќе: Украинската црква прогласена за автокефална

Сега независната Православна Црква на Украина произлезе од обединувањето на две отцепени групи во декември 2018, на кои им се приклучија и двајца владици кои порано ѝ беа верни на Москва. За поглавар е избран 39-годишниот митрополит Епифаниј. Вселенскиот патријарх Вартоломеј ја запечати украинската независност со смел црковен маневар: тој го поништи 350 години стариот декрет на еден свој претходник кој му ја ветил Украина на рускиот патријарх.

Москва го предизвикува Вартоломеј

Поглавар на православната црква на Украина е митрополитот ЕпифанијФотографија: picture-alliance/AP/L. Pitarakis

Но, Москва и натаму прави обиди да го спречи признавањето на украинската црква. Рускиот патријарх Кирил му се закани на Вселенскиот патријарх со „највисокиот суд“ и му ја одрече историската улога на „прв во православието“. Рускиот претседател Владимир Путин го обвини Вартоломеј дека сака „да заработува пари“ во Украина. Меѓутоа, со ваквата реторика Москва само се изолира себеси, нагласува грчкиот политиколог Илијас Кускувелис од Универзитетот Солун. „Вселенскиот патријарх и натаму има голем углед, не само во Грција, туку во голем дел од православниот свет“, оценува Кускувелис за ДВ.

Повеќе: Рускиот патријарх обвинува за мешање на политиката во црковните прашања

Реакцијата на Москва и одлуката да не учествува на екуменската вечера е критикувана и од црковна страна. „Незамисливо е божјата евхаристија, мистеријата на бескрајната љубов и саможртвувањето на Христос, да се користи како оружје против друга црква“, го критикува, на пример, албанскиот поглавар Анастасиј рускиот патријарх во едно неодамна објавено писмо.

Два табора во православието

Украинскиот патријарх Епифаниј се надева на брзо нормализирање на ситуацијата. „Верувам дека праведноста ќе надвладее и еден ден сите цркви ќе ја признаат независноста, иако за тоа е потребно време“, рече украинскиот митрополит во разговор за ДВ. Тој верува дека прва црква која ќе ја признае одлуката на Вселенскиот патријарх ќе биде грчката. Потоа би можела да следува и романската црква.

Повеќе: Политика, моќ и борба за превласт околу украинската православна црква

Засега не се очекува признавање од страна на црквите кои се традиционално блиски со Москва.Тука се вбројуваат српската и бугарската црква. Јасно зад Москва досега застана само Патријархатот од Антиохија. Веројатно од политички причини: канонската територија на оваа црква се наоѓа во Сирија, каде многу христијани му се верни на диктаторот Башар ал-Асад, кој е близок сојузник на Русија.

Повеќе: МПЦ-ОА не бара промена на името, туку на статусот

Останатите 14 самостојни православни цркви засега не се изјаснуваат. Кирило Ховорун смета дека многу цркви чекаат на натамошниот развој на спорот околу Украина. „Важно е да се види како ќе се развива новата црква, дали таа ќе проповеда национални или дури и националистички идеи или ќе биде навистина отворена и инклузивна црква, која има слух и за националните малцинства“, вели Ховорун.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми