1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Правосудните „икони“ се сокрија во глувчешка дупка

Катерина Блажевска16 февруари 2015

Министри и судии бегаат од коментар за аудио-снимките кои сведочат за максимална контрола на власта врз правосудството, провладините медиуми ги покриваат новите сознанија со партиска пропаганда, јавноста чека одговори

Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius

Не е ова спрега меѓу власта и правосудството, ова е доказ дека во Македонија правосудство воопшто не постои. Вакви се главно коментарите во македонската јавност, откако лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев, вчера (15.02) обелодени аудио снимки од разговори меѓу претставници на извршната и судската власт, кои сведочат дека власта договара судски одлуки и именувања на судии и претседатели на судови. Јавниот радиодифузен сервис МРТВ и провладините телевизии прес-конференцијата на Заев ја потиснаа со идентични коментари, но не објавија ништо од посочените разговори. Главната теза беше дека Заев токму со овие снимки докажал дека тие се добиени од странски служби, бидејќи е сигурно дека директорот на УБК не би дал налог самиот да биде прислушкуван. Притоа, потсетуваат дека Заев и самиот потврдил дека нема аудио-снимка од разговор на Груевски и Мијалков.

Лидерот на СДСМ при првото објавување на „бомбата“ рече дека не постои снимка од разговор единствено меѓу Груевски и Мијалков, но дека ги има кога поединечно разговараат со други лица кои биле ставени на прислушкување.

Ревизија на одлуките

Слаѓана Тасева, претседателка на Транспаренси интернешнел -Македонија, на пат во странство ја дочека информацијата дека со интервенција на министерката за внатрешни работи кај обвинителот Марко Зврлевски, била отфрлена нејзина кривична пријава против министерот за финансии Зоран Ставрески, што ја поднела во октомври 2011 година поради неговата незаконска распределба на 1,3 милиони евра од буџетот за финансирање политички партии.

„Очигледно е дека постои влијание на политиката врз обвинителството. По овие нови сознанија, кривичната пријава против Зоран Ставрески треба да прдолжи да се процесуира, односно одлуката за нејзино отфрлање да претрпи ревизија. Кривично дело сторил и Марко Зврлевски, и тој треба да одговара. Очигледно е дека Ставревски бил загрижен затоа што бил свесен за незаконитоста на неговите дејства“, вели Тасева.

Фотографија: Petr Stojanovski

Она што ја фрапира јавноста, е дека и покрај сознанието на Ставрески дека отфрлената тужба е политички, а не правно издејствувана, тој отишол и чекор понатаму: со контра пријава ја тужел Тасева за лажно пријавување, иако и Јанкулоска во разговорот го советува да не го прави тоа.

Обвинителот Зврлевски вчера не беше достапен за коментар на овој случај. Но и оние што се достапни, со индигнација одбиваат да ги коментираат разговорите што ги објави лидерот на СДСМ.

„Има ли потреба од каков било коментар, кога министер за внатрешни работи и директор на тајната полиција ги средуваат сите работи во судството: именуваат, разрешуваат, отфрлаат пријави... И какво предавање сега јас да им одржам на моите студенти, на кои оваа Влада им раскажува прикаски за неопходноста од повисок квалитет на знаење? Ова ли треба да го научат? Како да се ескивира правото во корист на владејачка партија? Се е јасно. И многу гнасно“, вели револтирано професор на Правниот факултет на УКИМ.

Гробар на правосудството“

Поранешниот министер за правда Михајло Маневски, вчера не одговараше на телефонските повици. Неговиот разговор со Јанкуловска покажа три нивоа на еден „аранжаман“. Прво, да се среди проблемот со братот на Лина Петровска, член на Судскиот Совет. Второ, како што потенцира Маневски, таа е „џокерот“ што му е неопходен на ВМРО -ДПМНЕ, бидејќи без нејзиниот глас не можат да изберат или да разрешат судија. Трето, за да ја обезбедат на своја страна, освен да го решат проблемот со нејзиниот брат, според Маневски, треба како приправничка да ја вработат и нејзината ќерка.

Воопшто не сум изненаден од тоа што го слушнав, вели адвокатот и поренешен државен јавен обвинител, Стеван Павлевски.

„Долго време во правосудството ја знам улогата на Михајло Маневски, и од времето на комунизмот, а особено од времето на оваа власт, од 2006 година. Тој е гробарот на македонското правосудство. Тој е и единствениот кој наметна толкување дека во кривичното право може да има колективна одговорност. Овие телефонски разговори покажуваат дека во Републкика Македонија не станува збор за примена на правото, туку за одработување на нешто друго. Очекувам и за тоа да слушнеме и видиме нешто во иднина. Сите знаат како претседател на Врховниот суд стана Јово Вангеловски и како претседател на Врховниот суд стана Лидија Неделкова“, изјави Павлевски.

За тоа како се избира претседател на Врховниот суд (ВС), опозицијата го презентираше разговорот меѓу директорот на УБК, Сашо Мијалков и вицепремиерот Муса Џафери од ДУИ.

„Тоа е местото кое секогаш било наше и за кое не се разговарало“, вели Мијалков, укажувајќи дека изборот на претседател на ВС го кочи министерот за правда Блерим Беџети, што го наведува да се посомнева дека мотивите се заради „некој бизнис“. Беџети вчера не сакаше да го коментира овој разговор.

„Ве молам не ме прашувајте, ве молам, немам што да кажам... Обратете се кај портпаролот на ДУИ“, рече бившиот министер за правда, со голема доза на љубезност, но без никаква желба за отчетност. Ни портпаролот Бујар Османи, немаше што да и‘ соопшти на јавноста: „Важи истиот став што го изнесе Ахмети на прес...“, гласеше неговиот кус одговор.

Фотографија: Petr Stojanovski

Додека ДУИ молчи, се огласи владејачката ВМРО-ДПМНЕ, но во реакцијата вопшто не се осврна на сознанијата што ги обелодени опозицијата. Партијата потенцира дека Заев го продолжува своето одработување за странски центри со објавување креирани материјали, за кои се надева дека без поддршка од граѓаните и без програма ќе го донесат на власт.

„Тој е свесен, а очигледно и подготвен да ги исполни очекувањата на неговите шефови од странство. Човекот кој јавно и соопшти на целата македонска јавност дека македонскиот народ треба да ја свитка кичмата, кој по СМС пораки ги информираше другите партиски лидери дека на власт ќе го донесат пријатели од странство и кој на премиерот најмалку пет пати му потврдил дека креираните материјали му се од странски служби, очекува народот да му верува и да гласа за него на избори. Со секоја прес-конференција Зоран Заев само докажува дека е соработник и инструмент на странски разузнавачки служби“, оцени ВМРО-ДПМНЕ.

Утврдување на одговорноста

Додека Обвинителот молчи по пријавата од СДСМ, провладините медиуми максимално го покриваат обелоденетите сознанија со пропагандни коментари, се мобилизираат групи за одбрана на Македонија од „велепредавници“, а демократската јавност очекува објавените сознанија да добијат правна завршница.

Воислав Стојановски, правен советник на Хелсиншкиот комитет, нема дилема дека објавените разговори се практичен пример за законската дефиниција на корупцијата, под која се подразбира искористување на јавната функција за остварување на корист за себе или за друг, како и јасна потврда за влијанието на извршната врз законодавната и судската власт. Но, прашањето што се поставува во јавноста - е што понатаму со овие сознанија?

„Во Македонија постои институционална рамка преку која во итна постапка јавноста мора да биде вклучена и информирана за тоа дали високи државни функционери, преку систематско прекршување на Уставот и законите, остваруваат сопствена или корист за политичките партии во чие име истапуваат. Покрај Јавното обвинителство, клучната улога во утврдување на одговорноста на сите инкриминирани функционери има и Собранието. Доколку граѓаните навистина ја остваруваат власта преку демократски избрани претставници, и покрај нефункционирањето на плурална демократија, обврска на Собранието е преку Комисијата за надзор над работата на УБК и преку вонредна Анкетна комисија за утврдување на одговорност за корупција да расправа за содржината на објавените разговори. Првата комисија треба да утврди дали преку нелегално прислушување УБК потешко ги повредила правата на граѓаните и со тоа го загрозила уставниот поредок или дозволила целосен крах на безбедносниот систем, додека втората треба да расправа за одговорноста на сите функционери кои на незаконит начин оствариле корист за себе или за друг. Согласно законите за Собранието и спречување на корупција, работата на комисиите треба да биде итна, јавна (преку пренос на Собранискиот канал), со задолжително присуство на инволвираните функционери, со активно учество на независни експерти, но и со можност за присуство на сведоци кои поседуваат информации за можен криминал, а за кои државата е должна да обезбеди заштита од реперкусии. Без итно постапување на комисиите, пратениците во Собранието би станале соучесници на посочениот криминал“, посочува Стојановски.

Фотографија: Petr Stojanovski

Стигнуваат и други предлози. Национална демократска преродба, чиј лидер Руфи Османи исто така бил прислушкуван, побара да се формира специјален суд.

„Ова барање станува се‘ поургентно, по раговорите од кои многу јасно се виде дека во Македонија повеќе од една деценија не постои независно судство. Се виде како оваа тоталитарна власт на неуставен и незаконски начин ги прекршува основните човекови права и слободи. Презентираните снимки треба и мора да бидат силен аргумент за меѓународната заедница, за непосредна интервенција, бидејќи сега станува збор за една абнормална ситуација со катастрофални последици за земјата. Вистина е дека секоја држава има свој суверенитет, но овој суверенитет е уништен токму од актуелната власт на земјава. Се бара непосредно да се формира специјален суд, и независен меѓународен обвинител, бидејќи само на овој начин оваа вонредна ситуација би можела да заврши во законски рамки со конкретни резултати на одговорност“ соопшти НДП.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми