1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Слобода на медиумите

„Правосудството во Црна Гора е само фасада“

Кено Верзек
9 октомври 2020

Неполни 12 часа по посетата на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ на Германија, независниот новинар Јово Мартиновиќ беше осуден на една година затвор во Црна Гора. ДВ разговараше со него.

Jovo Martinović Journalist aus Montenegro
Фотографија: Privat/Reporters Without Borders

ДВ: Господине Мартиновиќ, од 2015 година сте на нишан на црногорското правосудство. Сега сте осудени на една година затвор, бидејќи наводно сте посредувале во трговија со дрога. Како ја коментирате оваа пресуда?

Јово Мартиновиќ: Ваква пресуда можеше и да се очекува. Мислам дека е вмешана политиката и таа дала одредени упатства. Истите судии кои ме осудија се и судии кои се појавуваа и во други, политички чувствителни случаи. На пример, во процесите против опозициските политичари.

Вашиот процес трае веќе 5 години. Можете ли накусо да ни кажете за што конкретно станува збор?

За време на летото 2015 година бев во Париз за ТВ-станицата „Канал плус“ и работев на една истражувачка приказна за трговија со оружје од Балканот за Франција. За време на истражувањето стапив во контакт со лица од милјето на трговците на дрога кои ми наоѓаа контакти со препродавачите на оружје. Тие трговци на дрога набрзо потоа беа уапсени. И мене ме уапсија поради обвинување дека и јас припаѓам во криумчарскиот круг, иако беше јасно дека работев на една друга приказна, што потврди и редакцијата, а што подоцна во својот исказ го потврдија и трговците со оружје.

Фотографија: Getty Images/AFP/S. Prelevic

Во истражниот затвор поминавте над 14 месеци.

Да, од октомври 2015 до јануари 2017 година. За тоа време припадниците на специјалното државно обвинителство ме уценуваа. Бараа да потпишам лажно признание, а за возврат ќе ме пуштат на слобода. Им се обраќаа и на моето семејство и на моите колеги. По секоја цена сакаа мое признание, а ја тоа го одбивав. Во исто време, ниту мене ниту на мојот адвокат не ни го дадоа на увид обвинувањето. Доказниот материјал беше даден дури непосредно почетокот на процесот и тоа само делумно. Постојат доказни списи, како протокол од телефонски разговори, во кои до ден-денес немаме увид. Сето тоа е илегално. Мојот случај од првиот ден беше една голема фарса.

Повеќе; 

-Прием во Берлин на долгогодишниот автократ Ѓукановиќ

-Црна Гора: На опозицијата и` се брза да ја преземе власта

-Мило Ѓукановиќ има две опции- егзил или раздор

Во обвинението се тврди дека на телефонот на еден трговец на дрога сте инсталирале една апликација за комуникација.

Тој дел од обвинението е толку апсурден што од него подоцна се откажаа. Буквално таму стоеше оти сум инсталирал „една одредена апликација“, без да е посочено за која апликација се работи. Главниот дел од обвинувањето се однесува на тоа дека сум воспоставил контакт меѓу крунскиот сведок на одбраната и првообвинетиот. Факт е оти тие двајца воспоставија контакт преку мене, но за време на еден друг истражувачки проект на кој работев една и пол година пред апсењето.

Црногорскиот новинар Јово МартиновиќФотографија: Savo Prelevic/AFP/Getty Images

Зошто сте толку опасни за Црна Гора?

Во Црна Гора постојано се случуваат спектакуларни случаи на криумчарење на оружје, дрога или на цигари. Сето тоа не би било можно без учество на луѓе од државниот апарат. А државата, тоа е претседателот Мило Ѓукановиќ и неговата владеачка Демократска партија на социјалистите, значи - поранешни комунисти. Значи, оној кој известува за случаите на криумчарење, тој треба и да се казни.

Што ќе сторите по оваа неверојатна пресуда?

Против пресудата ќе се жалам до Апелацискиот суд. Ако во Црна Гора ме осудат правосилно, ќе одам пред Европскиот суд за човекови права.

Не морате да одите во затвор, бидејќи поминавте во истражен затвор над 14 месеци.

Да, вистина е, но во прашање е нешто друго. Ако остане оваа пресуда, јас се водам како криминалец. А тоа не е вистина. Јас сум невин. И ќе се борам сѐ дотогаш додека тоа не ми го дадат црно на бело.

Во Црна Гора неодамна за првпат на изборите дојде до промена на власта. Наскоро треба да биде формирана и нова влада. Дали по ова ќе се подобри нешто во правосудството?

Иако формално е независно, судството сѐ уште е во рацете на претседателот Ѓукановиќ и на неговиот картел на моќ. Според моја проценка, уште многу долго ќе потрае додека не дојде до темелни промени во правосудството.

Фотографија: Getty Images/AFP/S. Prelevic

Во последните години забележани се десетици напади на новинари. Во мај 2018 година на Вашата колешка, истражувачката новинарка Оливера Лакиќ, беше пукано. Таа тогаш беше тешко повредена. Како ја оценувате општата ситуација за новинарите во Црна Гора кои ги истражуваат корупцијата и организираниот криминал?

Оливера Лакиќ лесно можеше да биде и убиена. Како што тоа се случи во 2004 година со Душко Јовановиќ, главниот уредник на дневикот „Дан“. Но, на неа „само“ и' пукаа во нога, повеќе како знак на предупредување. Тоа беше предупредување и за останатите новинари да не пишуваат за политичката корупција на највисоките нивоа. Речиси ниту еден случај на напад на новинари не е расветлен. Понекогаш, како што е докажано, обвинувани се лажни сторители кои даваа лажни признанија, иако вистинските сторители беа познати.

Црногорскиот претседател Ѓукановиќ во средата (седми октомври) официјално го посети Берлин. Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер отворено ја пофали неговата „демократска свест за одговорност“. Како гледате на тоа?

Што и да каже Ѓукановиќ за демократијата, тоа се само шупливи зборови. Судството во Црна Гора е под негова контрола, а пресудите се донесуваат во канцелариите на партиите, а не во судницата. Би сакал да му кажам една работа на претседателот Штајнмајер: Се сомневам дека тој би сакал да се појави пред суд во поранешна Источна Германија. Нашето судство е исто како она во поранешната ГДР - фасада без никаква содржина кога станува збор за владеењето на правото.

Јово Мартиновиќ (46) е независен новинар во Црна Гора и главно спроведува истражувања за корупцијата и за врските меѓу политиката и организираниот криминал. Тој исто така работи за црногорски и странски медиуми, како што се Би-Би-Си, Фајненшл Тајмс, Економист, како и Франкфуртер алгемајне цајтунг и Зидојче цајтунг. За својата работа, тој е награден со повеќе меѓународни награди за новинарство, вклучувајќи ја и „Наградата за слобода на печатот“ на невладината организација „Репортери без граници“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми