1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Абортус: ќе го следи ли Хрватска примерот на Полска?

Синиша Богданиќ
26 декември 2020

Во Хрватска веќе три децении се дебатира за нов закон за абортус. Црквата, конзервативните политичари и активистите на Про Лајф сакаат заострување на регулативите според полскиот модел.

Proteste gegen Abtreibung in Zagreb, Kroatien, 2018
Фотографија: Sinisa Bogdanic/DW

Уште од 1991 година, кога по распадот на Југославија Хрватска стана независна држава, конзервативните сили во земјата се обидуваат да го сменат либералниот закон за абортус од комунистичко време. Според законот од 1978 година на жените во земјата им е дозволен абортус најдоцна до десеттата недела од бременоста, независно од причините и без дополнителни услови. Така барем звучи во теорија. Во пракса спроведувањето на овој закон не оди така лесно заради промената воведена во 2003 година: лекарите имаат право да одбијат ваков зафат поради лична совест.

Сања Ковачевиќ од „Платформата за репродуктивна правда“ признава дека хрватските активистки за женски права „го преспале“ воведувањето на правото да се одбие зафатот и не ја препознале на време опасноста што ја носи. Дури откако повторно на власт дошла конзервативната Хрватска Демократска Унија (ХДЗ), им станало јасно дека оваа промена може да биде и проблематична. „Има одредена група во медицинските кругови и професионалните здруженија кои соработуваат со конзервативните организации во земјата,“ вели таа.

Сања КовачевиќФотографија: Davor Batisweiler

 „Гинеколошко насилство“ врз жените

 Сѐ повеќе Хрватки одат во Словенија за да абортираат во соседната земја. За либералните активисти од левицата е јасно кој е виновникот за ваквиот развој на настаните: моќната католичка црква и конзервативната владеачка партија ХДЗ. Велат, абортусот во Хрватска сѐ повеќе се стигматизирал и сѐ повеќе се доведувала во прашање слободата на жените самите да одлучуваат за сопственото тело.

Во Хрватска религијата има предност пред сексуалното образование, објаснува Ковачевиќ и бира жесток речник: „Жените доживуваат еден вид гинеколошко насилство.“ Ако во локалните болници се обратат со барање за абортус ги одбиваат, вели Ковачевиќ, и додава дека тоа неретко е проследено со соодветна доза навреди и морални предавања.

Повеќе:

-Абортусот ја вжешти ситуацијата во Полска: „Доста е!“

-Полска: Политички цинизам среде пандемија

-Протести и апсења по заострувањето на забраната за абортус во Полска

Тоа го потврдуваат и резултатите од студија со која располага ополномоштеникот за родова рамноправност Вишња Љубичиќ. Таа е спроведена во 30 државни болници во Хрватска во кои – барем теоретски – би требало да биде овозможен абортус. „Во 2014 година 54% од медицинскиот персонал го искористил правото на одбивање да изврши ваков зафат, додека во 2019 тој процент е зголемен на 59%. Во Словенија пак ова право го искористиле само три проценти од лекарите,“ вели Љубичиќ. Ополномоштеникот за родова еднаквост вели дека често добива поплаки од жени оти во болниците имало вознемирувачки инфо-материјали против абортус, како летоци и плакати. По интервенцијата на Љубичиќ овие материјали во најголемиот дел случаи биле отстранети. 

Вишња ЉубичиќФотографија: Davor Batisweiler

Вишња Љубичиќ е свесна дека и двете права, и правото на лекарите да одбијат, како и правото на жените на абортус, во Хрватска се утврдени со закон. Но, тоа не значи дека едното право го поткопува другото. „Не е можно индивидуално право де факто да го блокираабортусот како медицинско колективно право,“ аргументира таа и нуди практично решение: „Ако сите вработени во една државна клиника го искористат ова индивидуално право, тогаш клиниката мора да ангажира надворешен доктор кој ќе го изврши абортусот.“

Добри или лоши вести од Полска?

Новостите за дополнителното заострување на и онака строгиот закон за абортуси во Полска ги шокираа хрватските активистки за женски права. Во конзервативните кругови пак кои се борат за забрана на абортусот во Хрватска, тие предизвикаа воодушевување. Најпознатата активистка на Про Лајф од Хрватска, Жељка Маркиќ, ја поздрави одлуката на полскиот Уставен суд како „признание на научното сознание дека животот започнува уште во моментот на зачнувањето”.

Со тоа Полска во однос на детски и човекови права била „светилник” за други земји од ЕУ, вели претседателката на здружението “Во име на семејството”. Тоа „особено важи за земја како Германија, која во поновата историја има искусено како изгледа кога правото на живот не е апсолутно, туку зависи од националноста, религиската припадност или здравјето на човекот.” За Маркиќ правото на абортус не е само чисто женско право: „За мене тоае одлука на жените и мажите. Секое дете има татко и мајка. И мажите имаат право да учествуваат во носењето одлука“. 

Жељка МаркиќФотографија: Davor Batisweiler

Маркиќ не верува во анкетите, според кои мнозинството Хрвати се против забрана на абортусот. Таа го застапува мислењето декасекој човек е обврзан човековиот живот „да го штити од зачнување до смрт”.

Правото на абортус во согласност со Уставот

Конзервативците во земјата се обидоа пред Уставниот суд да го оспорат важечкиот закон кој датира од 1978 година. Во 2017 година највисоката судска инстанца во Хрватска ја одби нивната тужба и одлучи дека постоечкиот закон е во склад со Уставот. Но, на владата истовремено и беше наложено да го преработи и надополни законот со превентивни мерки за абортусот навистина да биде исклучок, а не правило. Таа задача требаше да биде исполнета уште во 2019, но до денес ништо не се случило. Активистки за женски права во Хрватска очекуваат тешка битка околу нивиот закон, но исклучуваат пораз.

Хрватска, вели Сања Ковачевиќ од „Платформата за репродуктивна правда” имала сличности со Полска, бидејќи во двете земји Католичката црква игра голема улога. Сепак, таа не верува дека Хрватска ќе зачекори по полскиот пат. Ковачевиќ и нејзините соборци се чувствуваат посилни благодарение на одлуката на Уставниот суд. Правото на абортус во Хрватска е во согласност со Уставот. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми