Право на азил - да, но само за прогонуваните!
4 јули 2014Две третини од пратениците во германскиот парламент, Бундестагот, гласаа за законот со кој Македонија, Србија и БиХ во иднина важат за сигурни земји на потекло. Тоа фактички значи-барањата за доделување азил на граѓани од овие држави нема да бидат толку опсежно проверувани и подносителите ќе можат побрзо да бидат екстрадирани во своите татковини.
Дали со тоа се повредуваат човековите права, како што тврдат критичарите на новиот закон? Не, зашто во ниедна од државите во Западен Балкан не владеат услови кои ги имале во вид творците на Уставот во 1949 година при формулирањето на правото на азил. Барателите на азил од овие три држави речиси исклучиво се Роми, кои во својата татковина навистина се повеќестрано дискриминирани, но не и прогонувани. Но, правото на азил во Германија не може да биде инструмент за решавање на вакви проблеми.
Одлуката на германскиот Бундестаг е исправна и од една друга причина: моментно секое петто барање за азил во Германија го доставуваат граѓани од овие три држави. Апсолутната бројка на барањата е повеќекратно зголемена откако Србите, Босанците и Македонците смеат да патуваат во Германија без визи. Без новиот закон, враќањето на визите ќе беше неизбежна последица, на штета на сите граѓани во овие земји.
Помошта за бегалците од Сирија и Ирак има предност
Освен тоа, новиот закон овозможува во време кога рапидно расте бројот бегалци од Сирија, Ирак и Авганистан, помошта од Германија да се концентрира на оние, чиј живот е екстремно загрозен. Граѓаните од многу германски општини тешко можат да ја разберат нужната потреба од изградба на нови прифатилишта за бегалци и баратели на азил, ако голем дел од подносителите на барањата речиси без исклучок треба да бидат протерани, бидејќи нивното барање е очигледно неосновано. Оној кој со полно право од Германија очекува поголема помош за жртвите од конфликтите во Сирија и Ирак, мора да ја признае нужноста од поставување приоритети.
Така гледано, не е скандалозно најновото заострување на законот за азил. Скандалозно е тоа што голем дел од Сиријците, кои за да стигнат во Германија повторно треба да го стават на коцка својот живот преку патувањето со чамци преку Средоземното Море, за да најдат засолниште. Скандалозно и исто така што во земја во која постојано се ламентира околу потребата од стручна работна сила од странство, многу квалификувани луѓе кои не потекнуваат од Европа, треба прво да достават барање за азил.