1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Право на азил поради промена на климата

9 ноември 2017

Милиони луѓе од светот веќе денес страдаат од последици на промена на климата. Нивниот број ќе расте. Безбедносните експерти предупредуваат од силни мигрантски бранови кон Европа. Дали е Германија подготвена на тоа?

Kenia Athibohol Dürre Verendete RInder 2011
Фотографија: Getty Images/AFP/S. Maina

„Ако Европејците мислат дека моментно имаат проблеми со бегалците, почекајте дваесет години“, злокобно најавува Стивен А. Чејни. Зашто, смета тој, тогаш на пат нема да се закренат само неколку стотици илјади, туку можеби и дваесет милиони луѓе од Африка.  И тоа не поради војна, туку поради климатските промени, иако не се исклучени ниту вооружени судири во борбата за вода и плодна земја.

 Чејни е бивш генерал во американската морнарица, кој денес активно се занимава со проблемите на животната средина. Во најновиот извештај на британската Environmental Justice Foundation тој ги анализира можните последици од глобалното затоплување на нашата планета.

Во сиромашните земји постои петпати повисок ризик луѓето да бидат принудени да ги напуштат своите домови, сведочи и извештај на организацијата Оксфам, објавен деновиве. Таа миграција веќе се случува: од 2008. до 2016. година своите домови ги напуштиле околу 14 милиони луѓе, зашто веќе немале од што да живеат.

Сушите ја уништуваат егзистенцијалната основа на милиони луѓеФотографија: Getty Images/AFP/S. Panthaky

Ако не се „вистински“ бегалци...

Нов Зеланд неодамна донесе храбра одлука - и климатските промени ќе ги прифаќа како причина за давање азил. Одлуката првенствено е наменета кон соседните земји: многу островски држави во Пацификот се соочени со заканата од зголемувањето на нивото на морињата, уште сега е извесно дека некои од нив практично целосно ќе исчезнат. Според меѓународните прописи, тоа досега не беше причина за давање азил, иако е јасна апсолутната загрозеност на тие луѓе.

Уште полошо е во подрачјата каде се шири пустината или каде зачестено беснеат природни непогоди. Во поврзаност со сиромаштија, се создава смртоносна комбинација: „Во тие земји, луѓето поради големата сиромаштија често не се ни во можност да реагираат на катастрофите, ниту да преземат мерки за своја заштита“, објаснува Јан Ковалциг, експерт за климатски промени од организацијата Оксфам. Во подрачјата загрозени од урагани, луѓето немаат пари за солидни куќи, а системите за рано предупредување далеку заостануваат зад оние во развиените земји.

Да биде уште полошо, често е присутна комбинација на бегалци од „стари“ и „нови“ причини, истакнува Ковалциг. Доколку продолжи недостиг од вода и плодно земјиште, на пат ќе мора да тргнат и социјално и физички послабите луѓе: национални и етнички малцинства, жени, старци, болни...

И секако, деца: германскиот огранок на хуманитарната организација World Vision пресметал дека со последиците на климатските промени ќе бидат соочени и до 175 милиони деца.  И поплавите и сушите значат помалку храна, а намалувањето на чистата вода за пиење шири опасност од зарази.

На некои острови, како Кирибати, им се заканува исчезнувањеФотографија: picture-alliance/AP Photo

Осигурителна полиса

Што воопшто може да се преземе? Германија, како богата земја, лани донирала преку 23 милијарди евра преку различни форми на помош за развој, но во суштина само мал дел од тоа оди на заштита од катастрофи предизвикани од климатските промени. Сепак,  политиката ја сфати важноста на проблемот,  но и натаму се бараат сосем нови начини за финансирање.

Пред две години земјите од Г 7 ја покренаа иницијативата InsuResilience, која до 2020. година би требало да осигура околу 400 милиони американски долари за земјите во развој. „Поимот „осигура“ притоа е вистинскиот, навистина станува збор за осигурителна полиса, која се склучува поради природни непогоди, на ваков начин се веќе осигурани околу стотина милиони луѓе преку уплати од ЕУ и САД. Предноста е во тоа што парите во случај на катастрофа би се исплаќање веднаш, наместо вечно да се собираат прилози на донаторски конференции.

Меѓутоа, ни тоа не е доволно, зашто промената на климата се манифестира и е видна со секоја жетва и водостој на блиската река, посебно во сиромашните земји, за кои една од причините за сиромаштијата е и неповолната географска положба. Полисата за осигурување е тема и на Конференцијата за климата во Бон, КОП23.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми