1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Празна земја

27 мај 2019

Слоганот „се испразни Македонија", постојано е присутен и во македонските весници, во дискусиите на социјалните мрежи. Тој е небаре „СОС" повик, упатен  до политичарите, да сторат нешто. И тоа итно! Колумна на Кица Колбе

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Фотографија: Privat

Нема потажна слика од  празна куќа. Од напуштена куќа околу која со години расте само уште коров и трње. Чии кепенци се затворени, а ѕидовите веќе одамна трошни и распукнати. Во улицата во која пораснав, таква е ниската куќа на „Учителот". Стопанот  беше навистина учител во основното училиште во скопската приградска населба. Дојден по земјотресот  во Скопје, од охридските села. Тогаш малечката дрвена барака, подарок на државата Финска за настраданите од земјотресот, беше вистинско богатство. Ја добиваа во накнада за разурнатите домови скопските граѓани. Ама во такви бараки едноставно се вселуваа и доселеници од внатрешноста на Македонија.  Како „Учителот" и неговата тогаш млада невеста. Сега тоа, што за нив еднаш беше најголема драгоценост, пропаѓа,  заборавено од сите. А таткото беше строг учител и вреден, работлив  стопан. Тој беше меѓу првите кои  дрвените ѕидови ги заменија со цврста градба. Оти сакаше да си ја обезбеди иднината во своите подарени поземјотресни четири ѕидови.  „Што е со куќава", ја прашав еднаш сестра ми. „Празна е! "Учителот"  почина, жената се врати  во селото, ќерките  одамна се заминати на Запад. Во Европа, Во Холандија или во Данска..."

На пазарчето, каде што мајка ми со години купуваше зеленчук кај еден ист  продавач, долго трагав деновиве по неговата тезга. На тоа место ги  немаше повеќе познатите лица на вредните земјоделци од ближното село. Целата фамилија работеше сложно  во земјоделието. Во летниот распуст и децата продаваа бостан и пиперки. Заедно со родителите. И тоа секој ден, дури не се спуштеше мракот. Чесни, работливи луѓе беа, почитувани од сите купувачи. На  тезгата во вториот ред, постара жена со шарена шамија, со лице изгорено од сонцето, со груби прсти, искривени од реумата, продаваше домати и магданос. Од нејзината градина, во истото село од кое беа и верните продавачи на мајка ми. Ме погледна со љубопитен поглед. Ме препозна. „Ти си професорката, ќерката на пејачката. Ја знаев мајка ти, таа ми кажуваше за тебе. Кај беше ти сега? Во Германија?", ме праша со широка насмевка, со уста речиси без заби. Потврдив  и ја прашав каде  се продавачите кај кои постојано купуваше мајка ми. „А, тие си заминаа! Таткото почина, синовите се во Шведска." Додека ми ги мереше доматите, ја прашав кој сега ја обработува земјата на тие луѓе во селото. „Нели тие беа стара земјоделска фамилија", се зачудив. „Никој! Мајката е стара и болна, како мене. Не може веќе да  работи во бавчите. Сега е се' запустено. Празна е земјата", извика таа. Не знам дали со „празна земја" таа мислеше на полињата  на земјоделецот. Или на земјата Македонија. Често  во последниве три години  ја слушам таа  таговна исповед на стариците и старците, седнати во лето  на прагот на куќите, во осамените градини. „Се испразни земјата", велат и тие запрашани како се. Тогаш знам дека тие мислат на Македонија.

Нема пострашен збор од „празна земја". Кога ќе чуете за една „празна куќа" во улицата, тогаш барем се тешите дека другите куќи се уште населени. Ама кога некој ќе ви рече дека се испразнила сета земја, дури и кота тоа е метафора за еден постојан тренд на иселеништво, тогаш ви се чини дека секоја надеж е загубена. Оти нема пострашна слика од напуштени, запустени села. Од ниви кои никој не ги ора и сее. Од градини во кои  расте трње и коров. Заедно со грмушките  со рози, на кои никој повеќе не им се восхитува. Од затворени, избледени порти, низ кои никој повеќе не минува. А плодовите од дрвјата во градините,  кои некогаш ги засадиле стопаните, сега се хранат само уште птиците. Слоганот „се испразни Македонија", постојано е присутен и во македонските весници, во дискусиите на социјалните мрежи. Тој е небаре „СОС" повик, упатен  до политичарите, да сторат нешто. И тоа итно! За да ги задржат младите луѓе во Македонија. За да не стане Македонија еден ден навистина празна земја. Кога ќе умрат и старите. Оние што чекаат со празен поглед, седнати на прагот. А нивните заминати деца нема никогаш да се вратат.

Други колумни од Кица Колбе:

-Припадност и „дома“ - за мајка ми

-Северна Македонија – „Светилник на мирот”?

-Самосвест за заедништво

А се' почна пред триесет години како „оаза на мирот". Како симбол за надеж и европска иднина. По траумата на распаѓањето на СФРЈ, Македонците во првите години навистина беа полни со надеж. Затоа што конечно имаа самостојна држава. Затоа што  Македонија излезе од распадот без сериозна, братоубиствена војна, како што  беше во другите југословенски републики. Се' дури новото време не го покажа „грдото лице". Тоа на целосната партизација на државата. Тоа на етничките партиски интереси и делби. Тоа на криминалот и корупцијата.  На непотизмот и на желбата за брзо збогатување, по секоја цена и со сите средства.  Да, "празната земја" Македонија е резултатот на тридецениската транзиција. Македонија денес е тажна земја, без симболи на надеж, бец цел. Земја испразнета, но полна со очај и омраза на тие што останале еден кон друг. Има само еден идол  на кој најголемиот број се потчинуваат - парите. И  учеството во власта! Затоа што тоа, во претставата на просечните граѓани, носи пари. Тоа, пак, значи дека македонското општество нема визија за надежта.

Само во минатото лето, токму по потпишувањето на Преспанскиот договор, кусо блесна надежта и иднината беше јасна.  Се' дури другите Македонци не ја задушија со нивната офанзива против компромисот со кој  беше потпишан тој договор - промената на државното име. Тие како мене, кои живеат долго во Европа, во ЕУ,  одамна имаат сознаено дека европскиот живот, европската политика е култура на компромис. Европа е прагматичност и свест за повисоките државни и општествени интереси. Европа е свест за целта, за иднината на една заедница. На таа заедничка цел и' служи најголемиот број од граѓаните на европските општества. Кога е загрозена таа заедничка визија, тогаш тие реагираат. Тоа го покажаа и вчерашните избори за Европскиот парламент, на кои учеството на гласачите беше едно од највисоките во последните дваесет години.

Зошто не е така и во Македонија? Зошто на сите македонски граѓани не им е јасно дека најголемата пречка за нивната иднина се тие самите и нивната вечна разединетост во решавачките моменти? Тој синдром во минатата есен го потврдија и самонаречените „патриоти", кога повикуваа на  бојкот на Референдумот. Тогаш дури и десните интелектуалци во Македонија  ги манипулираа граѓаните со надеж за унија со Русија, која ќе им помогнела да го сочуваат името на државата непроменето.  Непроменето име на празна држава? Чуму тогаш да се спасува името - како фетиш и култ на националистичката митологија - кога земјата пропаѓа во беспаќе и очај? Ако и тие  копнееја по знак на надеж,  зошто тогаш токму десните интелектуалци први почнаа да го делат народот на „предавници" и „патриоти"? Оти гласноговорниците на бојкотот уште од првиот ден  го дочекаа „на нож" Преспанскиот договор. Ширејќи  фанатизам и омраза десните и екстремно националистичките партии ги демонизираа Македонците кои го прифатија компромисот за името. 

Ако Македонија  навистина во меѓувреме е станата празна земја, земја на стари, земја без млади, тогаш се прашувам кој во изминативе месеци викаше толку гласно против „предавниците".  Беа ли тоа тие  старици и старци, без заби, кои едвај врзуваат крај-со-крај од скромните пензии? Тие што не „висат" цел дел на социјалните мрежи, оти немаат најнов „смартфон", уште помалку компјутер? Можно ли е хорот што гласно ги колне„предавниците" кои го смениле името,  да се оние "заминатите" на Западот - што  денес значи пред се' ЕУ- но и  уште подалеку? Оние што ги оставиле родителските куќи, полињата и градините, пекарските дуќани, во кои по "таен рецепт" нивните родители, нивните предци го правеа највкусниот бурек во Чаир или најмекиот миризлив симит во Велес.  Оние кои сега на плоштадите во германските градови чекаат да добијат работа „на црно".  На градилиштата, во фабриките, на аеродромите.  Како ѕидари, чистачи и физички работници. Всушност, најчесто тие работи, кои никако не сакале да ги работат во Македонија.

За  тие ли Македонци промената на државното име е предавство? И кој воопшто во овој решавачки период за Македонија е "предавникот", а кој е "патриотот"? Оние "останати" родители во испразнетата земја,  кои уште имаат сигурна работа на државните факултети, ама нивните возрасни деца се одамна во ЕУ или во Америка? А таму заминале уште на студии на престижните факултети и, секако, останале таму и да работат. Затоа што нивните родители не им велат  дека мора да се вратат во татковината, за чие име тие се борат  пред Собранието и на социјалните мрежи. Нели е  знак на духовна шизофренија да ја напуштиш земјата од очај, затоа што во неа не го гледаш тој прогрес, кој ти го нудат  ЕУ и Западот,  додека истовремено  гневно го одбиваш компромисот со името?

Тој компромис,имено,Преспанскиот договор, е одлука на сите оние Македонци кои сакаат да ја вратат надежта во „испразнетата" земја. Тој компромис не е подрастичен од оној што го направиле сите тие млади и  безнадежни со нивното заминување во светот. Тие, исто така, мораат да платат "цена" за благосостојбата во светот. Па била таа цена нивната меланхолија за напуштената татковина. Или фактот што таму мораат да прифатат секаква работа. Зошто, тогаш, токму тие,  кои, според нивното уверување, конечно ги уживаат благодетите што ги нуди ЕУ и Западот, се ужаснуваат во нивната патриотска реторика од истиот тој Запад? Тој Запад што, според нив, ги "уценил" Македонците да го сменат "вековното државно име". А државата Македонија, патем, постои само малку подолго од седумдесет години! Освен тоа, тие самите знаат дека ако не се постигнеше компромис за името, многумина како нив и понатаму не ќе можеа да се иселат во тој Запад како македонски граѓани. Дали омразата кон „предавниците" на многу луѓе во „дијаспората" е најдобрата можност зад неа да го скријат сопственото чувство на вина? Оти тие, најчесто,  во  ЕУ заминува како лажни граѓани на друга држава.  Нели тие можеа да се однесуваат и поинаку, да немаа нечиста совест кон својата татковина?

На пример, тие можеа од нивниот живот во ЕУ да ги пренесат во Македонија  европските вредности и стандарди, за кои тие мора да се придржуваат во европските општества. Тие можеа да покажат што значи совесно работење и почитување на законите. Да потврдат со своето однесување дека таму се преобразиле,  дека таму, во ЕУ станале демократи. Дека се еманципирале од секаков национализам и омраза кон Другиот. Така порано, во минатото, иселениците во татковината ги пренесуваа доблестите на модерните европски и прекуокеански општества. Тоа не го чинат новите македонски "патриоти" - во странство и во земјата. Тие и понатаму продолжуваат со тоа што напати многу Македонци најдобро го владеат - шират раздор и омраза. Со тоа тие само го култивираат прочуениот македонски синдром на „самоуништување". А во исто време се колнат во "мајка Македонија". Таа, за која и самите признаваат со својот животен пат дека е  "празна земја". Каков  парадокс!

Нели е конечно време сите Македонци да сфатат дека тие самите се најголемата опасност за македонската држава? Затоа што не се свесни дека со нивниот расцеп за највисоките државни цели го ставаат на коцка тоа што сакаат да го спасат - достоинството на македонската држава. Оти толку длабоко разединета држава никој не почитува. Ни дома, ни во светот.

 

 

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми